Ад-хок решението за медиумите неефикасно – судовите не го есапат

Членовите на ад-хок телото по нивното конституирање. Фото; скриншот

 

Ад-хок телото за мониторирање на медиумите се покажа како целосно неефикасно решение. Мониторинзите што ги прави Агенцијата се во ред, ад-хок телото функционира, макар и со надгласување, но што со тоа, кога судовите решиле „екстензивно“ да ги гледаат предметите и така и да решаваат по нив

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Привремената комисија или ад-хок телото за медиуми, формирано после т.н. јулски договор меѓу четирите партии со кои се потврди и датумот за избори 11 декември годинава, токму како што предвидуваа и експертите и „Вистиномер“, станува непотребен инструмент вграден привремено во Агенцијата за медиуми (ААВМУ), од една едноставна причина – неефикасено е во остварувањето на неговата крајна цел, контрола на медиумите во предизборието и во текот на кампањата.

Неефикасноста пак, не се должи на неработењето на ад-хок телото, туку на бавното и според оценките и на Европската комисија, инструментализирано и партизирано судство. Тоа се докажува и статистички од досегашната пракса на ад-хок телото.

 

ОД НАД 20 ПРЕДМЕТИ СУДОВИТЕ РЕШИЛЕ САМО ЗА ДВА

Работењето на ад-хок телото не пати од нефикасност. Иако речиси сите одлуки се носат со надгласување, од почетокот на септември, кога започна одбројувањето на 100-те дена од изборите, до денеска кога е пишуван овој текст, ад-хок телото има прегледано 8 извештајни периоди кои се однесуваат на 10-дневен мониторинг што професионално го извршува самата Агенција за медиуми и притоа има околу 25 предмети за кои решиле дека треба да се покрене прекршочна постапка за медиумите, поточно за радиодифузерите (види тука, на првиот линк).

По нивен предлог ААВМУ веднаш покренува прекршочна постапка до надлежниот суд, а тој е најчесто Судот за прекроци при Основниот суд Скопје 1. Значи, за речиси сите од овие над 20-тина предмети е покрената постапка пред надлежен суд. Надлежниот суд досега решил по само два предмета и постапката по нив е негативна, односно го одбил предлогот за прекршок и оценил дека медиумите немаат таква вина. Овие две решенија, од ист состав на Апелациониот суд, се потврдени.

Значи, иако во Изборниот законик пишува, и тоа не отсега, дека Судот треба во најскоро време да реши за предметите, на само десетина дена пред избори од 100-те мониторирани, судот се произнел само за два предмета од над 20 доставени до него!  И нормално се поставува прашањето, каква е ефикасноста со запретените глоби за медиумите, дури и преполовени по желба на четирите партии што го кроеја Изборноиот законик, ако тоа решение не функционира, овој пат поради судството?

 

СУДОВИТЕ НЕ ГО ПРИЗНАВААТ ПРЕДИЗБОРНИОТ ПЕРИОД ОД 100 ДЕНА!?

Настрана фактот, што во двата одбиени предлози за прекршок, Основниот суд, а потоа и Апелациониот – одбиваат да изречат решение за сторен прекршок и глоба, затоа што внимавајте, „екстензивно “ ги читаат одредбите од Изборниот законик (зборот екстензивно читање самите го наведуваат) и сметаат дека поради два пати одложените избори во почетокот на годинава и поради една одлука на Уставниот суд, не постојат 100 дена пред избори, туку може да решаваат само за периодот кој се однесува на изборната кампања, а тој е 20 дена пред одржувањето на изборите! Или, во најмала рака, откако Собранието ќе се распушти пред распишувањето на изборите.

Иако Агенцијата за медиуми како надлежно тело два пати го обжали решението за отфрлање за прекршок и глоба за ТВ НОВА, на два пати беше одбиена со истото образложение во решението на Апелациониот суд.

Апелациониот суд смета дека Основниот суд постапил правилно кога се повикува на одлуката на Уставниот суд од 18.05.2016 со кој се поведува постапка за одлуката за распуштањето на Собранието и дека тоа влијаело на предизборниот период, па тој течел, па прекинувал „што наметна потреба од хронолошка анализа на донесените одлуки за распуштање на Собранието заради оддржување на предвремени избори…а истовремено и потреба од анализа на повеќе законски одредби од Изборниот законик, а со тоа и екстензивно толкување на законските одлуки од Изборниот законик при одлучувањето за предметното барање.

Ова е цитат од едно од клучните точки во образложениото на Апелациониот суд, потпишано од судијката Гордана Сајковска во врска со втората жалба на ААВМУ за решението на првостепениот суд.

Оттука, може да се заклучи дека не само што не го признаваат периодот од 100 дена пред избори, туку Судот смета дека „треба да се направи анализа на повеќе законски одредби од Изборниот законик“, со што, де факто, ги отфрла решенијата кои наведуваат дека мониторингот врз медиумите и обврските за нивно однесување за време на изборите ќе се набљудува 100 дена пред избори, а не само во кампањата.

Апеациониот суд наместо да ги применува, ги анализира законските одредби донесени од Собранието. Фото: скриншот
Апеациониот суд наместо да ги применува, ги анализира законските одредби донесени од Собранието. Фото: скриншот

 

ХАЗИРИ: ПОГОЛЕМ ЕФЕКТ ИМАШЕ САМОТО ФОРМИРАЊЕ 

Извори од ад-хок телото споделија со нас информации дека имало постапка најмалку за уште еден предмет. Неофицијално, станува збор за првиот предлог за поведување прекршочна постапка против ТВ „Сител“ од вториот извештаен период. Но, иако постапката е започната уште во октомври, на четири досегашни рочишта не доаѓал претставникот на ТВ „Сител“, а судот одново ги презакажува рочиштата. Ако оваа информација е точна, зашто немаме потврда од друга страна, тоа би бил уште еден доказ за неефикасноста на судството, овој пат преку развлекување на постапката.

Петтиот член на Привремената комисија (ад-хок телото), Љуљзим Хазири смета дека резултатите се половични, со тоа што признава дека поголем одек во јавноста имаа извештаите за формирањето на ад-хок телото, отколку работата на самото тело.

Мандатот на Привремената комисија е да утврдува казни врз основа на извештаите на стручната служба на АВМУ, додека за судската судбина на прекршоците е надлежна самата Агенција. Што се однесува до ефектите на Комисијата врз медиумите, можам да кажам дека поголем ефект имаше самиот чин на формирање на телото, отколку нејзините одлуки – изјави за  Хазири за „Вистиномер“.

Тој додава дека, сепак, има медиуми што ја сфатиле пораката и ги почитуваат правилата поставени во Изборниот законик.

Некои радиодифузери ја сфатија пораката од почетокот и се трудат да се држат кон утврдените правила на методологијата на ААВМУ, додека некои медиуми продолжија со стариот начин за известување и врз нив не влијаат ниту редовно изречените казни, додава Хазири.

 

СЕЛМАНИ: ШТО МИСЛЕШЕ ОПОЗИЦИЈАТА?

При формирањето на ад-хок телото, пет новинарски организации  изразија заеднички став дека со ад-хок решение, какво што е ад-хок телото за медиумите, нема да се постигне ефектот за професионални медиуми и поради тоа одбија да понудат предлози за членови на ад-хок телото.

Насер Селмани, претседател на ЗНМ, денеска е уште пожесток критичар кон ова решение:

Со ад хок комисии и со партиски уредници во МРТ не може да се реши длабоката криза во медиумскиот систем во Македонија. Сите знаеме дека немаме професионални медиуми, но ако некој сака да ја реши кризата во медиумите, не треба да се занимава со последиците на кризата, туку со причините што ја предизвикуваат – вели Селмани.

Тој вели дека дијагнозата е едноставна, а дека од нејзе треба да се тргне за да се стигне до решение:

Мора да разбереме дека не може да има слободни медиуми во недомократска земја.Значи, проблемот со непрофесионланите медиуми, не е во медиумите, туку во главата на политичарите и во отпорот на политичкиот систем да се демократизира. Тие немаат проблеми со медиумите, туку со основните демократски вредности…

Оттука, погрешен според него е и пристапот на партиите кои се заложија за „перверзно решение“

Ако сакаат да имаме слободни медиуми, треба веднаш да ја одделат жртвата од насилникот. А, тоа значи да ги ослободат медиумите од контролата и притисокот на владејачката партија, институционалниот естаблишмент, политичките партии, тајкуните и началниците меѓу уредниците.

Селмани, сосема јасно вината ја гледа и во опозицијата, за која вели дека не требало да го предлага овој концепт.

И сега опозицијата се чуди што нивното ад-хок тело не функционира затоа што судството застанало во одбрана на непрофесионолното известување на медиумите. А што очекуваа, судиите регрутирани од поранешниот директор на тајната полиција да застанат на страната на професионалните медиуми? Не можам да верувам дека тоа не го знаеле, затоа што шест месеци пуштаа прислушувани разговори во кои јасно се забележуваше како власта ги имаше инструментализиарано најбитните институции во земјата. Останува само едно, дека галје им е за слободата на медиумите или дека баш би сакале да имаат такви медиуми ако некогаш дојдат на власт – заклучува Селмани.

Како и да е, на крај, сепак, останува „во игра“ констатацијата од почетокот на овој текст: ад-хок телото за мониторирање на медиумите се покажа како целосно неефикасно решение. Мониторинзите што ги прави Агенцијата се во ред, телото функционира, макар и со надгласување, но што со тоа кога судовите решиле „екстензивно“ да ги гледаат предметите и така и да решаваат по нив.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција