ADN-Balkans го осуди нападот врз новинарка на „Истиномер“ додека известуваше од протест во Белград

Фото: Принтскрин од видео на Истиномер

Истиномер објави видео од нападот врз нивната новинарка на протест во Белград. Нападот предизвика реакции и осуди од новинарските здруженија

 

Мрежата против дезинформации за Балканот (ADN-Balkans) остро го осуди физичкиот напад врз новинарката на српскиот сервис за проверка на факти „Истиномер“, кој се случи на 15 април додека таа известуваше од кампот на провладини контрапротестанти пред зградата на Парламентот во Белград.

Како што може да се види на видеоснимката објавена од „Истиномер“, еден маж ја нападна новинарката и ја удри по раката, иако таа носеше новинарска легитимација и јасно се претстави. По нападот, новинарката побарала помош од полициски службеник кој стоел во близина, но тој само ѝ одговорил: „Пазете се, такви се и кон нас.“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Istinomer (@istinomer)

 

ADN-Balkans го осудува овој напад и изразува целосна поддршка за тимот на „Истиномер“ и нивниот издавач CRTA, кои со години се под постојан притисок од страна на српските власти и провладини структури. „Истиномер“ е сертифициран член на Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) и Европската мрежа за стандарди во проверка на факти (EFCSN), организации кои се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди во новинарството.

Нападот врз новинарката на „Истиномер“ предизвика реакции и од новинарските здруженија во Србија, вклучувајќи ги Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и Здружението на новинари на Србија (УНС).

Овој случај е само уште една потврда за секојдневната реалност на независните и професионални новинарски организации во регионот на Балканот, кои се редовно цел на физички и вербални напади, сајбер-напади, кампањи за клевета и заплашување поради нивната работа – особено оние што работат на разобличување на дезинформации и отворање јавна дебата за нивното потекло и каналите на нивна дистрибуција.

За Мрежата против дезинформации за Балканот

ADN-Balkans (antidisinfo.net) е мрежа составена од 18 водечки медиумски и тинк-тенк организации од Албанија, Бугарија, Кипар, Грција, Косово, Северна Македонија, Србија и Турција. Нејзината мисија е унапредување на соработката меѓу граѓанските организации, медиумите, образовните институции и сите други релевантни чинители во борбата против дезинформациите преку промовирање на највисоките стандарди на проверка на факти, етичко новинарство, медиумска писменост и критичко размислување.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција