АЕК против АЕК: Исти цени – помалку мобилни разговори

Орданоски (април 2015): Гарантираме дека моменталната цена од минута разговор од околу еден денар нема да се зголеми. Фото: Принтскрин

Поранешниот директор на Агенцијата за електронски комуникации(АЕК), Роберт Ордановски, минатата година, на 2 април, во одговор на новинарско прашање пред македонската јавност гарантираше дека спојувањето на двата мобилни оператори „Вип“ и „Оне“ нема да доведе до зголемување на цената за минута разговор.

 

Во април минатата година (2015) тогашниот директор на Агенцијата за електронски комуникации ( АЕК), Роберт Орданоски на прес- конференција изјави:

Очекуваме Комисијата за заштита од конкуренцијата во законски утврдениот рок да се изјасни по повод иницијативата за спојување. АЕК е спремен за сите можни сценарија. Гарантираме дека моменталната цена од минута разговор од околу еден денар нема да се зголеми. АЕК како регулаторно тело ја има моќта да ја држи таа цена под контрола и ги уверувам граѓаните таа цена нема шанси да се зголеми ( Роберт Орданоски)

[Извор: Плусинфо, Датум: 02. 04. 2015 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Поранешниот директор на Агенцијата за електронски комуникации(АЕК), Роберт Ордановски, минатата година, на 2 април, во одговор на новинарско прашање пред македонската јавност гарантираше  дека спојувањето на двата мобилни оператори „Вип“ и „Оне“ нема да доведе до зголемување на цената за минута разговор. И покрај уверувањето дека таквото сценарио е невозможно поради моќта на АЕК да ја држи цената под контрола, неговиот наследник на директорската позиција, Сашо Димитријоски констатираше спротивна состојба – три месеци по спојувањето на двата мобилни оператор, просечната цена за минута која ја плаќаат граѓаните се има покачено на повеќе од 15 проценти, односно за иста цена користат многу помалку сообраќај.

Случувањата во мобилната телефонија беа проследени со големо интересирање кај јавноста која очекуваше поквалитетни услуги со поголем опфат и пониски цени. Поради тоа, АЕК многу внимателно ги следи сите пулсирања на овој пазар. Со споредбена анализа на податоците со кои располагаме може да се заклучи дека како последица на спојувањата и намалувањето на бројот на оператори тие го искористија новосоздадениот потенцијален простор за зголемување на цените на мобилниот пазар. Три месеци по спојувањето просечната цена за минута која ја плаќаат граѓаните се покачи на повеќе од 15 проценти рече Димитријоски на  јавниот состанок на АЕК одржан на 8 јуни, оваа година.

Како што информираше првиот човек на АЕК, освен цената на разговорите во мобилната телефонија, спојувањето на мобилните оператори доведе до покачува и на цената за мобилен интернет за приближно 20 проценти.

Васка Петровиќ од секторот за регулатива во АЕК,  на јавниот состанок рече дека дошло до намалување на одредени пакети од мобилните оператори и намалување на обемот на сообраќај без да се промени цената.

Земајќи ги предвид приходите од поединечните услуги и месечната претплата расчленета на овие видови услуги вклучени во претплатата констатиравме дека во сите квартали по спојувањето доаѓа до значително зголемување на цената за говор и за пренос на податоци за 15 отсто во првиот квартал годинава во однос на вториот квартал лани – рече Петровиќ.

Опаѓањето на обемот на сообраќајот во мобилната телефонија е нотирано и во Извештајот за развојот на пазарот за елетронски комуникации во четвртиот квартал од 2015 година, каде АЕК меѓу другото констатира и пад на бројот на активни претплатници во мобилната телфонија во период по спојувањето на „Вип“ и „Оне“ (02.10.2015).

Од индикаторите за пазарот на мобилна телефонија се согледува опаѓање на бројот на активни претплатници:

Процентуалниот пад од 5,31% на бројот на активни претплатници во мобилната телефонија во четвртиот квартал од 2015 во однос на претходниот квартал и падот од 6,33% во однос на истиот квартал од претходната година(стр. 21 од Извештајот на АЕК).

Во извештајот се нотирани опаѓачки тенденции и во однос на вкупно реализираниот сообраќај:

Кај вкупно реализираниот сообраќај во минути има пад од 10,57% во однос на минатиот квартал и пад од 8,28% во однос на четвртиот квартал од 2014 година. Од вкупно реализираниот сообраќај во четвртиот квартал од 2015 година може да се забележи пад во однос на претходниот квартал на сообраќајот кон сите дестинации(стр. 21 од Извештајот на АЕК).

Иако овие два индикатори за состојбата со пазарот на мобилна телефонија, опаѓањето на бројот на активни корисници и вкупно реализираниот сообраќај(опаѓање на побарувачката), во Извештајот не се доведуваат во директна корелација со ценовните осцилации на улугата, сепак имајќи предвид дека секогаш постои определен однос помеѓу пазарната цена за определена услуга и бараната количина за таа услуга(покачувањето на цената предизвикува опаѓање на побарувачката, и обратно), на индиректен начин зборуваат во прилог на изјавата на актуелниот директор на АЕК, Сашо Димитријоски дека спојувањето и намалувањето на бројот на оператори доведе до зголемување на цените на мобилниот пазар.

Очекувањата дека спојувањето „Вип“ и „Оне“ нема да има негативни рефлексии врз крајните потрошувачи, и покрај тоа што утврди опасност од нарушување на ефективната конкуренција, беа дел и од оценките на Комисијата за заштита на конкуренцијата при донесувањето на позитивната одлука (08.07.2015) за спојувањето.

Подносителите на известувањето се уверени дека комбинираното друштво one.Vip ќе стане друштво со доволна големина и капацитет за да може подобро да инвестира и да се натпреварува во поглед на центата, квалитетот и иновациите. Ова ќе испорача најдобри можни искуства за потрошувачите и бизнисите. Според тоа, Подносителите на известувањето силно веруваат дека спојувањето во крајна линија ќе биде поволно како за конкуренцијата, така и за потрошувачите во Македонија и ќе го промовира one.Vip како сигурен партнер на економијата и општеството во Македонија се вели во решението (стр. 32) на Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Македонија со кое се одобри спојувањето на „Вип“ и „Оне“, со што новата компанија се стекна со удел од 51,93% во вкупниот број на активни претплатници во четвртиот квартал од 2015 година, а Македонски Телеком удел од 48,07%.

Како гаранција за задржување на цените во мобилната телфонија на исто ниво и по профункционирањето на новиот правен субјект „Оне.Вип“ од Комисијата испорачуваат обврска да се овозможи влез на нов целосен мобилен виртуелен мрежен оператор (МВМО) на пазарот, кој ќе нуди услуги од мобилната телефонија најмалку во период од 15 години и до негово влегување на пазарот нема да може да ги менува цените на услугите.

Имено со Обврските поднесителите на известувањето се обврзуваат во релативно кракот период по реализацијата на концентрацијата да обезбедат фактички влез на нов целосен МВМО(мобилен виртуелен мрежен оператор, н.з.) на пазарот кој ќе нуди услуги од мобилната телефонија најмалку во период од 15 години.

Дополнително подносителите на известувањето се обврзуваат дека до влезот на пазарор на Целосниот МВМО, ВИП, односно one.Vip, како негов правен наследник нема да ги измени постоечките малопродажни пакети на ВИП – се вели во решението на Комисијата (стр.44)

Од „Оне.Вип“во реакцијата (од Македонски Телеком немаше реакција) на изјавата на првиот човек на АЕК за зголемување на цените во мобилната телефонија, покрај тоа што информираат за исполнување на обврската за обезбедување на влез на МВМО (најдоцна до 30 јуни ќе започне со работа „Лајка мобајл“), велат дека нема зголемување на малопродажните цени на тарифите во Вип брендот, односно дека се придржуваат на погоре наведените обврски од решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Со оглед на фактот што не ни е позната методологијата според која е пресметано наводното зголемување на цените, во овој момент можеме само најодговорно да изјавиме дека нема покачување на малопродажните цени на тарифите во Вип брендот“, се вели во реакцијата на „Оне.Вип“, без притоа да се наведе дали стагнацијата на цените е проследена со позитивни или негативни промени во обемот на сообраќајот реализиран преку компанијата.

И покрај точната забелешка дека методологијата според која АЕК има извршено пресметка на зголемувањето на цените е непозната(методологијата не е објавена), сепак тврдењето дека  нема покачување на малопродажните цени на тарифите во Вип брендот не зборува за обемот на сообраќај што се реализира или реализирал во рамки на константи цени и истото не може да се земе како контрааргумент  на тврдењето на АЕК дека  спојувањето доведе до намалување на обемот на сообраќај без да се промени цената, што е забележано и во Извештајот на АЕК за последниот квартал од 2015 година.

Во образложението на графиконот 10-Обем на реализиран појдовен сообраќај (во илјади минути) инициран од јавни мобилни мрежи по квартали во 2015 и 2014 година, се вели:

Од графиконот може да се забележи поголем обем на појдовен сообраќај во сопствена мрежа отколку кон други мрежи, но, исто така, може да се забележи и пад на овој вид на сообраќај во четвртиот квартал од 2015 година (стр. 26 од Извештајот на АЕК)

Имајќи ги предвид сите погоре изнесени аргументи, кои пред сè произлегуваат од последната јавна седница на АЕК и Извештајот за развојот на пазарот за електронски комуникации во четвртиот квартал од 2015 година, изјавата од минатата година на поранешниот директор на АЕК Роберт Орданоски може да се оцени како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Стојанче Манев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција