Аеродром не доби мултинаменски културен центар
ВЕТУВАЊЕ: Изградба на мултинамеснки културен центар
[Извор: Изборна програма на Златко Марин, градоначалник на Општина Аеродром, стр.15: Рок: 2018-2020 година]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за изградба на мултинамеснки културен центар е неисполнето ветување на градоначалникот на Аеродром, Златко Марин. Проектот е дел од клучните проекти наведени во неговата предизборна програма за локалните избори 2017-2021 година, насловена како „Живот во Аеродром! За сите!“.
Според наведеното во програмата, основната цел за реализација на оваа инвестиција би била промоција на културата, културно-забавните и научните вредности.
Инвестицијата ќе се реализира со средства од буџетот на Општината и од Владата на РМ. Центарот ќе стане куќа на културата, институција отворена и пристапна за сите жители на Општина Аеродром, Градот Скопје и пошироко, што ќе реализира богата програма финансирана од сопствени средства, средства од Општината, Градот Скопје, Министерството за култура, како и преку спонзорства, донации од домашни и европски фондови, пишува во програмата на Марин.
Ветувањето за изградба на мултинаменски културен центар, Марин го дал и 30.09.2017 година за време на предизборната кампања за локалните избори кои се одржаа на 15.10.2020.
Предвидуваме изградба на средно училиште гимназија „Кузман Јосифовски ‒ Питу“ и повеќенаменски културен центар во општина Аеродром. Ќе обезбедиме поквалитетно образование и соодветни услови за културен напредок за сите млади во Аеродром, изјави Марин, пренесе „А1 он“.
На 19.10.2019 година, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција реагираа дека градоначлникот Марин „најверојатно ја заборавил изборната програма“ и дека не реализирал голем дел од ветените проекти, меѓу кои и мултинаменскиот културен центар, пренесе „Курир“.
Ново училиште „Димитар Македонски“, нова гимназија во Аеродром, градинки во Мичурин и на ул. „Тодор Чангов“, подобрена инфраструктура, нови паркови и зеленило, нова општинска зграда, мултинаменски културен центар, гасификација, паркинг простори, нова индустриска зона, нова амбуланта во населба Лисиче, затворен зелен пазар, комунален ред и хигиена на европско ниво, можеме да видиме само на хартија. За жал, општина Аеродром е далеку од она што беше ветено…, изјави Пане Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вистиномер“ се обрати до Општина Аеродром со прашање, до каде е изградбата на мултинаменскиот културен центар, проект ветен во програмата на градоначалникот Златко Марин. Оттаму ни одговорија:
На територијата на Општина Аеродром, поточно во близина на спортскиот центар „Јане Сандански“ наскоро Владата заедно со Општината и другите институции треба да почнат да го градат Домот на спортовите, на површина од 25.649 м2, во чии рамки е предвиден културен центар, театар од 2.228 м2 приземје и три ката. За овој капитален проект при крај е одобрувањето на архитектонско-урбанистичкиот проект на Владата, по што следува одобрувањето на основниот проект.
Имајќи го предвид ваквиот одговор од Општина Аеродром, како и рокот наведен во програмата за реализација на овој проект – 2020 година, а изградбата на објектот досега (30.10.2020) не е ниту започната, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Аеродром за изградба на мултинационаменски културен центар, е неиполнето.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма за локалните избори 2017-2021 – „Живот во Аеродром! За Сите“. [Пристапено: 30.10.2020]
- А1 он (30.09.2017) – (ВИДЕО) Марин: Нашиот фокус се реалните потреби на младите [Пристапено: 30.10.2020]
- Курир (19.10.2019) – Антовски: Катастрофата што и се случува на општина Аеродром, има име и презиме Златко Марин [Пристапено: 30.10.2020]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар