Аеродромци не го добија ветениот мултимедијален културен центар

Фото: Официјален ФБ профил на Општина Аеродром

Тимчо Муцунски како кандидат за градоначалник на општина Аеродром на локалните избори во 2021 година меѓу останатите ветувања се обврза и на реализација на нов мултимедијален културен центар, киносала, театарска сцена… Од јуни годинава Муцунски е министер за надворешни работи и надворешна трговија во владата на Христијан Мицкоски, но за време на неговото раководење со општина Аеродром не беа реализирани посочените ветувања, иако рокот за нивно остварување беше до 2023 година

Тимчо Муцунски како кандидат за градоначалник на општина Аеродром на локалните избори во 2021 година меѓу останатите ветувања се обврза и на реализација на нов мултимедијален културен центар, киносала, театарска сцена… Од јуни годинава Муцунски е министер за надворешни работи и надворешна трговија во владата на Христијан Мицкоски, но за време на неговото раководење со општина Аеродром не беа реализирани посочените ветувања, иако рокот за нивно остварување беше до 2023 година

 

 

Во предизборната програма за локалните избори за градоначалници на општини што се одржаа на 17 октомври 2021 година, кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Тимчо Муцунски, меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“, во делот „Топ 7 приоритети за нашиот Аеродром““, на жителите им гарантираше изградба на нов мултимедијален центар до 2023 година:

Ветување: Со стотина илјади жители, недозволиво е општина Аеродром да нема свој простор за културни збиднувања, фестивали, хепенинзи на отворено и други настани. Во рамки на новата отворена мултифункционална општинска зграда, планираме изведување на мултимедијален центар, а планираме и сцени на повеќе различни локации во општината. Овие простори ќе бидат наменети за одржување на разни манифестации од културно-уметнички карактер. Отворен за сите професионални и аматерски групи, мултимедијалниот центар ќе има целогодишна програма на театарски, филмски, мултимедијални, ликовни, танцови и секакви други изведби. Општина Аеродром ќе продолжи да ги финансира и постојните
традиционални манифестации, но ќе одвои и значителни средства за постојано унапредување на културно забавниот живот. Во рамки на новата мултифункционална општинска зграда, покрај просторот за администрацијата, ќе предвидиме и coworking простор, првата библиотека и читалница во Аеродром, зелен покрив кој ќе служи како тераса, галерија и други наменски простории. Новата мултифункционална општинска зграда ќе биде пример за тоа како треба да изгледа отворена локална самоуправа која ќе одговори на разни потреби на граѓаните. Ние се обврзуваме: Нов мултифункционален општински центар до 2023 година.

[Извор: Платформа „Гарантираме за Аеродром – Создади нова иднина“; датум: 17.10.2021]

 

Образложение:

Тимчо Муцунски победи во првиот круг од изборите за градоначалник на Аеродром и беше на чело на општината до составувањето на новото владино мнозинство, по спроведените парламентарните избори на 8 мај 2024 и неговиот избор за министер за надворешни работи и надворешна трговија во Владата предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, конституирана на 23.06.2024 година. На 28.6.2024 година претседателот на Советот на Општина Аеродром, Дејан Митески официјално ја презеде функцијата заменик-градоначалник од Муцунски, додека на 15.7.2024 година на седница на Совет беше избран за вршител на должноста градоначалник на Општина Аеродром.

Муцунски беше градоначалник на Општина Аеродром две години и осум месеци, но рокот што го вети за исполнување на обврската за нов мултимедијален центар е до 2023 година. Сепак, до денес (13.11.2024) не профункционира ветениот нов мултимедијален културен центар.

Како кандидат за градоначалник, Тимчо Муцунски во предизборната програма, во делот насловен „Култура 365“ (културни содржини 365 дена во годината) ветуваше излегување „во пресрет на долгогодишните барања на аеродромци за подигнување на културно забавниот живот во Аеродром“.

Градоначалникот Муцунски вети дека во рамки на новата отворена општинска зграда е планирано:

Изведување на мултимедијална сала со капацитет од 100 места. Оваа сала ќе биде наменета за одржување на разни манифестации од културно-уметнички карактер. Отворена за сите професионални и аматерски групи, мултимедијалниот центар ќе има целогодишна програма на театарски, филмски, мултимедијални, ликовни, танцови и секакви други изведби. Рок: 2023 година.

Во културниот дел од неговата предизборна програма бележиме и изградба на киносала и театарска сцена „Ристо Шишков“:

Во склоп на спортскиот центар Ново Лисиче предвидуваме изградба на сала која ќе се користи за кино-проекции, како и театарска сцена која ќе служи за изведба на претстави на професионални и аматерски групи од градот и државата. Ова ново културно катче ќе биде центар на културните збиднувања во општината, но и место за млади и аматерски театарски клубови. Рок: 2023 година, се наведува во неговата предизборна програма.

Пред една година Мета.мк направи анализа на оствареното од предизборните ветувања на градоначалниците точно на половина од нивните мандати.

По изминат половина мандат, власта и опозицијата на национално ниво денес се наоѓаат на спротивната страна од медалот. ВМРО-ДПМНЕ како власт на општинско ниво периодов води кампања „Важно е! Од тебе зависат промените“. Лидерот Христијан Мицкоски ги минува општините каде што има градоначалници, пушта нови игралишта и други инфраструктурни зафати, не пропуштајќи притоа да истакне дека централната власт ја опструира работата на неговите градоначалници и недоволно инвестира во локалните самоуправи кои се предводени од ВМРО-ДПМНЕ, се вели во анализата на Мета.мк.

Во текстот е поместена изјавата на пратеничката во Собранието од редовите на СДСМ, Даниела Николова, која вели дека Христијан Мицкоски и Тимчо Муцунски лажат кога велат дека Општина Аеродром нема поддршка од Владата. Иако наследил полна општинска каса, Тимчо Муцунски потрошил два општински буџета, а ништо од овие ветувања не реализирал:

Таа ги потсети двајцата дека владата на СДСМ го изградила новото училиште „Димитар Македонски“ во Лисиче, го реконструирала патот од Долно Лисиче до Драчево, гради нова полициска станица во Аеродром и реконструирала две улици во Лисиче. Истовремено, пратеничката Николова го праша Муцунски каде се ветените четири нови градинки во Аеродром, новиот парк „Радост“ од 6.000 метри квадратни во Реонскиот центар, новите гимназија и општинска зграда, мултифункционален центар со младински центар, Музеј на МЗТ, кино сала и театарска сцена во Ново Лисиче и други проекти.

Неостварените ветувања на Муцунски како градоначалник беа инспирација и за членовите на партијата Левица од Аеродром, кои пред една година со сатиричен видеокоментар ги повикаа граѓаните да ги посетат новиот мултимедијален центар, театарот, киното…

Добредојдовте во новиот мултифункционален културен центар на оваа прекрасна локација во Општина Аеродром. Ветено сторено од нашиот градоначалник Тимчо Муцунски. Тука во делот на библиотеката со читална гледаме како младите се образуваат и учат за идните животни предизвици. Тука на даските што живот значат во театарот за млади таленти ги гледате идните бродвејски глумци како добиваат стоечки овации. Во делот на центарот за концерти и забава, младите андерграунд бендови се пробиваат низ музичката сцена, на пат да стекнат светска слава. Но тоа не е сè, во новата кино сала ќе може да ја погледнете и програмата на Тимчо градоначалникот во Аеродром кој сето ова го направи стварност…
За волја на вистината, и претходниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин, кој раководеше со општината како кандидат на СДСМ во периодот 2017-2021 година, беше ветувана реализација на културен центар:
Ветуваме изградба на мултифункционален културен центар. Во него ќе има кино сала, театар за деца и младинци, библиотека, детско катче, планетариум и простор наменет за повозрасната популација.
Како што стојат работите, жителите на општина Аеродром ќе почекаат на тој фамозен мултифункционален и мултимедијален културен центар. Засега ветувањето останува неисполнето.

 

Оцени: Стојан Синадинов

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција