Африка веќе се дигитализира и тоа со забрзано темпо

Тренинг за дигитализација во Африка Фото: Amuzujoe, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Според податоците на Светската банка, дигиталниот пазар на континентот надминува вредност од 50 милијарди долари, а земји како Нигерија, Јужна Африка, Египет и Кенија се огромни регионални технолошки центри со развиени стартап сцени во секторите на финтек и е-трговија

Дигиталната трансформација во Африка се одвива со неверојатна брзина и со огромна институционална и меѓународна поддршка. Според податоците на Светската банка, дигиталниот пазар на континентот надминува вредност од 50 милијарди долари, а земји како Нигерија, Јужна Африка, Египет и Кенија се огромни регионални технолошки центри со развиени стартап сцени во секторите на финтек и е-трговија

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

 Ќе воведеле дигитализација на балкан , ај воведете во африка дигитализација.

Објавата сугерира дека Африка сè уште нема дигитални технологии и услуги. Сепак, достапните податоци покажуваат дека дигиталната трансформација веќе се одвива и во африканските земји, иако постојат значителни разлики во пристапот до интернет и развојот на дигиталните услуги.

Според извештајот на Меѓународната унија за телекомуникации (ITU) за 2025 година, во 2024 година интернет користеле 38 отсто од населението во Африка, наспроти светскиот просек од 68 отсто. Во исто време, мобилните широкопојасни мрежи покривале 86 отсто од населението на континентот. Овие податоци укажуваат на сериозен дигитален јаз, но не и на отсуство на дигитална инфраструктура.

Дека дигитализацијата веќе се спроведува во Африка покажува и анализата на Ascertia, објавена во август 2025 година. Во неа се наведуваат примери за електронски потписи, дигитални системи за идентификација и електронски јавни услуги во земји како Кенија, Нигерија, Руанда и Маурициус. На пример, порталот IremboGov во Руанда овозможува пристап до дигитални јавни услуги.

Африканските земји, предводени од Кенија со системот M-Pesa, масовно го прифатија мобилното плаќање и дигиталното банкарство уште пред повеќе од една деценија. Таму секојдневие е да се плаќа со обичен мобилен телефон.

Според податоците на Светската банка, дигиталниот пазар на континентот надминува вредност од 50 милијарди долари, а земји како Нигерија, Јужна Африка, Египет и Кенија се огромни регионални технолошки центри со развиени стартап сцени во секторите на финтек и е-трговија.

Секако, Африка се соочува со огромни предизвици – повеќе од половина од населението сè уште нема пристап до интернет поради инфраструктурни бариери во руралните средини и скапите паметни уреди. Сепак, факт е дека дигиталната трансформација таму се одвива со неверојатна брзина и со огромна институционална и меѓународна поддршка.

Поради тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека дигитализација во Африка треба допрва да се воведе. Таа веќе е факт и се проширува уште повеќе со голема брзина – 38 отсто од населението веќе користи интернет, 86 отсто од населението е покриено од широкопојасен интернет, а дигиталниот пазар на африканскиот континант веќе изнесува 50 милијарди долари.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција