Контраспин: Агресијата на Русија врз Украина нималку не го вознемирува Светскиот македонски конгрес
Бајден одобри Украинците да ја гаѓаат Русија со ракетите кои тој им ги даде, а Светскиот македонски конгрес на тоа реагира со гневно соопштение, небаре Украина ја нападнала Македонија. Во него има куп манипулации, но не само во она што е кажано, туку и во она што е премолчено. Соопштението изразува револт против некаква имагинарна војна на НАТО против Русија, но молчи за реалната војна на Русија против Украина, а руската пропагандна нишка, која тука се провлекува, ја маскира со повремено глумење неутралност. Згора на сè, авторот си дозволува себеси да говори од името на сите Македонци, небаре тие го овластиле за тоа
Бајден одобри Украинците да ја гаѓаат Русија со ракетите кои тој им ги даде, а Светскиот македонски конгрес на тоа реагира со гневно соопштение, небаре Украина ја нападнала Македонија. Во него има куп манипулации, но не само во она што е кажано, туку и во она што е премолчено. Соопштението изразува револт против некаква имагинарна војна на НАТО против Русија, но молчи за реалната војна на Русија против Украина, а руската пропагандна нишка, која тука се провлекува, ја маскира со повремено глумење неутралност. Згора на сè, авторот си дозволува себеси да говори од името на сите Македонци, небаре тие го овластиле за тоа
Пишува: Вангел Башевски
Невладината организација Светски македонски конгрес (СМК) го издала следново соопштение, кое е преполно со елементи на спин и руски пропагандистички наративи:
Спин: СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС
ОЧАЈНИЧКИ ОБИД НА БАЈДЕН ВО ЗАМИНУВАЊЕ ДА ГО ВОВЛЕЧЕ СВЕТОТ ВО ТРЕТА СВЕТСКА ВОЈНА
18 ноември 2024 година, Вашингтон, САД – Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро ја осудува одлуката на американскиот претседател Џо Бајден во заминување, Украина да користи американски ракети ATACMS со долг дострел за лансирање на напади на руската територија.
СМК смета дека, оваа одлука на американскиот претседател во заминување Џо Бајден, претставува провокација за Трета светска војна, пред новоизбраниот 47-ми претседател на САД Доналд Трамп да му даде шанса на мирот за крај на војната во Украина!
Одлуката на американскиот претседател во заминување Џо Бајден јасно покажува дека, војната во Украина не е војна помеѓу братските украински и руски народ, туку војна на НАТО и ЕУ со Руската Федерација, во намерата за рекомпонирање на руската територија поради профитните интереси на американската и светската воена и финансова олигархија, во чии илузии Македонија не смее да учествува!
Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, отфрлаат војна со Руската Федерација и бараат историско украинско-руско помирување и Договор за траен мир и добрососедство помеѓу Украина и Руската Федерација!
СМК бара македонската влада да се огради од одлуката на американскиот претседател Џо Бајден во заминување и во случај на ескалација на војната во Украина да ја забрани употребата на македонската земја и небо за воени операции на НАТО и ЕУ против Руската Федерација и да откаже секакво македонско учество во таа војна!
СМК одлуката на американскиот претседател во заминување Џо Бајден ја смета за очајнички и патолошки обид на Бајденовата администрација во заминување и на Демократите да оневозможат мирна транзиција на власта во САД со Републиканците, по цена на мирот во светот и безбедноста и стабилноста на САД, откако на последните претседателски и парламентарни избори ги изгубија и претседателското место и мнозинството во Сенатот и Претставничкиот дом на Американскиот конгрес.
[Извор: Објава на Фејсбук страницата на СМК, датум: 18.11.2024]
Контраспин: Во објавата има повеќе елементи на спин, но манипулацијата не е само во она што е кажано, туку и во она што е тенденциозно премолченo. СМК тенденциозно го премолчуваат коренот на проблемот – тоа што Русија изврши агресија врз Украина, а, иронично, СМК тоа нималку не ги вознемирува, туку ги вознемирува тоа што Западот ѝ помага на жртвата на таа агресија.
СМК бараат од Владата на Северна Македонија да не влегува во некаква имагинарна војна на НАТО против Русија, а ја игнорираат реалната војна, која Русија со години ја води против Украина и се однесуваат небаре С. Македонија се спрема да ја напаѓа Русија. Од неа, пак, СМК не бараат ништо, небаре таа е случаен минувач во целава приказна, а не главен виновник.
Инаку, Русија ја напаѓала Украина и во минатото, кога Џо Бајден воопшто не бил роден, а ЕУ и НАТО не постоеле, па коренот на проблемот не е во нив, туку во рускиот империјализам.
Примери за тоа се: руската злоупотреба на сојузничкиот Перејаславски договор (1654) со Украина, со што таа потпаднала под руска власт; рускиот палеж на украинскиот г. Батурин (1708) и на Запорошката сеча (1775); руските забрани за украинскиот јазик како Валуевскиот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876); задушувањето на Украинската Народна Република (1918 – 1922) од страна на Советска Русија; Гладоморот и сталинистичките чистки управувани од Москва (во 1930-тите); итн.
Украина се осамостои од Советскиот Сојуз во 1991 г., по што, согласно Будимпештанскиот меморандум (1994), таа ѝ го предаде своето советско нуклеарно оружје на Русија, а таа се обврза дека ќе го почитува суверенитетот на Украина, но тоа го прекрши со инвазијата врз Крим и со поттикнувањето на војната на Донбас во 2014 г., што на 24.2.2022 г. прејде во сеопфатна инвазија.
По сето тоа, апсурдно е тврдењето на СМК дека Русите и Украинците си живееле братски, но дека ги скарал „трулиот Запад“, а тоа не се еднакви соседи, туку оној посилниот со векови го угнетува оној послабиот. И, Западот не ја нападна Русија и не ја рекомпонира нејзината територија, туку Русија тоа ѝ го стори на Украина и тоа двапати во поблиското минато, така што илегално анектираше нејзини територии на 18.3.2014 г. (Крим) и на 30.9.2022 г. (други територии на југоистокот).
Тука не е јасно што СМК подразбира под „руска територија“ кога вели дека Бајден дозволил таа да се гаѓа со американско оружје – онаа меѓународно признатата или онаа по илегалната анексија? Ако е она првото, Украинците веќе одамна ја гаѓаат Русија, додуша со свое оружје, особено Белгород, но дури и Москва, при што на 3.5.2023 г. мета на дрон беше дури и Кремљ, а најдалечна беше Татарстан (1.200 км). А, ако СМК мисли и на анектираните територии, Украинците нив веќе одамна ги гаѓаат со американско оружје, па од гледна точка на Русија, таа е одамна гаѓана со него.
Тоа го урива митот на СМК дека со одлуката на Бајден се отвора ново и мошне ризично поглавје. Одлуката не менува многу, а нуклеарните закани од Русија се веќе одамна видена работа. Нормално е Украина како жртва на агресија да добива помош и да го гаѓа агресорот, а САД се потпишани како гарант на Будимпештанскиот меморандум, па сево ова е исправно.
СМК тврдат дека Доналд Трамп бил на чекор до мир во Украина преку планираните преговори со Русија, но дека Бајден тоа го осуетил, што е неточно. Трамп победи на изборите на 5.11.2024 г., а во периодот кој следеше, Русија не се воздржа од насилство и не му даде шанса на мирот.
На 7-8 ноември Русија гаѓаше цивили во Запорожје, Харков и Одеса, а во Киев беше прогласена најдолга тревога дотогаш, во траење од дури 10 часа. Паралелно, Русија зазеде села во Донецката област, а на 10 ноември изврши дотогаш најголем напад врз Украина со дронови (145 на број), за утредента да ја урне Кураховската брана, со цел да предизвика поплава. Тогаш се појавија индиции дека Русија содејствува со војската на Северна Кореја, па Бајден даде дозвола за ракетите, но дури на 17 ноември, што СМК го објавија утредента. Не е Бајден оној, кој предизвика ескалација.
Тука се јавува дилемата дали претседател во заминување смее да води политики, за кои не добил доверба на изборите, но тој смее тоа да го прави, а инаугурацијата на Трамп е дури на 20.1.2025 г. Таа транзиција на власта е контроверзна, затоа што тука се судираат стариот и новиот претседател, но тоа се решава по принципот дека САД можат да имаат само еден претседател во даден момент.
А, ако СМК го смета потегот на Бајден за „напад на САД врз Русија“, тогаш Украина по таа логика е нападната од Иран (кој ја снабдува Русија со балистички ракети и дронови Шахед), С. Кореја (која исто така ја снабдува Русија со оружје и наводно директно се вклучила во војната) и Белорусија (затоа што таа беше отскочна штица за руската агресија врз Украина), но СМК за тоа молчат.
Наспроти Бајден, тие го преферираат Трамп, затоа што тој има репутација на проруски човек, но забораваат дека тој е непредвидлив и дека во текот на неговиот прв мандат (2017 – 2021), тој ѝ (про)даваше оружје на Украина како ракетни фрлачи Џавелин и др. (извори: тука и тука).
На моменти, СМК глумат неутралци (повикувајќи на мир) или изолационисти (во смисла дека тоа не е наша војна), а тоа се гледа и во нивната објава, но нивните објави се секако проруски-обоени (која повеќе, која помалку), па дали е тоа Светски македонски или руски конгрес? На пример, СМК рекламирале изложба посветена на рускиот цар Николај II, кој за македонската национална борба не помогнал со ништо, а еве и слични објави: тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука и тука.
И, дали тој мир, за кој повикуваат СМК, е праведен мир, кој подразбира повлекување на рускиот окупатор, казнување на руските воени злосторници, исплата на репарации и сл.? Судејќи по написот на СМК под наслов „Украина ќе капитулира и ќе постигне мировен договор со Русија“, СМК мисли на „мир“ по руски аршини, според кои Украина ќе мора да се откаже од територии.
СМК тврди дека Македонците отфрлаат војна со Русија и дека се за мир меѓу неа и Украина („мир“ во смисла Украина да капитулира), а тоа е така изложено, небаре сите Македонци размислуваат исто и небаре тие го овластиле СМК (преку избори или на друг начин) да говори во нивно име.
Но, СМК е само една од многуте граѓански организации и е неформален парламент, па мислењето на СМК е само мислење на СМК, а не на сите Македонци. Најсилните партии во нашиот парламент, кои се реално овластени од граѓаните преку избори, ја поддржуваат борбата на Украина против агресорот. Проруските партии: Единствена Македонија, Родина, МААК-Конзервативна и Десна немаат пратеници, а исклучок е Левица, но прилично слаб.
СМК работи со нашите иселеници, повеќето од кои живеат и работат на Запад, а не во Русија, што ни кажува многу, а поддршката на СМК за неа не се темели врз реална русофилија, туку врз разочараноста од наводната пристрасност на Западот кон Грците и Албанците, како и врз траумите од спорот за името, Конфликтот во 2001 г. и сл. Но, Украина не сноси вина за сето тоа и нема причина СМК скоро десет години да води пропагандна војна против неа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар