Ахмети не сакаше ни да размислува, а сега ќе оди на избори без опозиција

Ахмети: Прво не може избори без опозиција, па може избори без опозиција Фото: Скриншот

На новинарско прашање: Дали ќе одите на избори без опозиција, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во јануари изјави:

Не би сакал да имам такво размислување, затоа што сите заедно треба да делуваме и како што кажав на почетокот, треба да ги ставиме државните интереси над партиските интереси и да направиме напори за консензулано решение.

[Извор: А1 он (од 2,28 до 2,57 минута од видеото) Датум: 16.01.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

 

Лидерот на Демократската унија за интеграција, на 16 јануари 2016 година, по завршувањето на една од лидерските средби во Пржино, на која се разговараше околу можноста за одложување на датумот на избори утврден во договорот од Пржино, 24 април 2016 година, информирајќи ги новинарите што се случувало во текот на преговорите вечерта, изјави дека не би сакал да помисли да ои на избори без опозиција.

Средбата беше динамична, со различни мислења и дебати. ДУИ побара да се почитува Договорот од 2. јуни и Протоколот од 15 јули и да се почитуваат сите постигнувања што ги имаме преку Договорот досега. Да се постават државните над партиските интереси. За жал не постигнавме согласност за реализацијата на Договорот од Пржино во однос на датумот на изборите. Три политички партии се согласија за Договорот и почитување на договореното. Една од партиите не се согласди со датумот и во принцип сметаме дека за такви прашања треба да се постигне консензуалност – изјави Ахмети. (од 0,00 до 2,03 минута од видеото)

На новинарско прашање, дали ДУИ ќе оди на избори без опозиција (0д 2,16 до 2,20 минута од видеото), Ахмети беше дециден дека:

Не би сакал да има такво размислување. (од 2,28 до 2,33 минута од видеото)

Датумот за одржување на предвремените избори, 24. април 2016 година, беше поместен за 5 јуни, откако опозициската СДСМ побара одложување на датумот поради немање услови за нивно одржување и откако меѓународната заедница даде иста таква оценка.

Пратениците од редовите на ДУИ, на 24. февруари до Собранието поднесоа предлог за изменување на одлуката за самораспуштање на парламентот на 24. февруари, за која гласаа пратениците од владеачкото мнозинство. На овој начин, распуштањето на пaрлaмeнтот се одложи за најдоцна до  7. април, а датумот на избори се помести за 5. јуни.

Спикерот Трајко Вељаноски, на 6. април го распушти Собранието и најави дека на 15. април ќе ги распише изборите кои ќе се одржат на 5. јуни.

По ова, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција објави дека неговата партија ќе ги бојкотира изборите.

По објавувањето на одлуката за бојкот на СДСМ, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за емисијата „Патот кон“ на телевизијата Алсат М на 8. април 2016, излезе со став дека неговата партија ќе оди на избори и го повика Зоран Заев да се „предомисли за доборото на земјата и на неговата партија“.

 Тие не треба да се самоисклучат, туку треба да бидат дел од процесот бидејќи нема да има корист ниту СДСМ ниту нивните гласачи, рече Ахмети.

Имајќи ја предвид ваквата промена на неговиот став, може да се каже дека горепосочената изјава на Ахмети, што е предмет на оваа оценка, е недоследна.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Ана Анастасовска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција