Ајде повторно дообјаснете ни што сакавте да кажете, г-дине Хан!

Сакам кажам, не знам речам или не сакам да кажам, ама мора нешто да зборнам. Фото: flickr

Веќе не може со сигурност да се знае дали и следните изјави на еврокомесарот повторно нема да бидат дополнувани и донекаде менувани. Сето ова го намалува кредибилитетот и на преговарачкиот процес кој тече во моментов, но и се поставува прашање дали сите страни на ист начин го разбираат Договорот од Пржино или можеби си имаат свои толкувања со оглед на контрадикторните изјави на Хан.

 

Веќе не може со сигурност да се знае дали и следните изјави на еврокомесарот повторно нема да бидат дополнувани и донекаде менувани. Сето ова го намалува кредибилитетот и на преговарачкиот процес кој тече во моментов, но и се поставува прашање дали сите страни на ист начин го разбираат Договорот од Пржино или можеби си имаат свои толкувања со оглед на контрадикторните изјави на Хан.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Речиси и да нема изјава од еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, дадена за изборите и за состојбата во Македонија, а да не биде предмет на полемика што тој навистина сака да каже. Драмата уште повеќе се заплеткува кога по барање на медиумите, или по свое лично видување, ќе се обиде да се дообјасни или да ја оправда изјавата што претходно ја дал. И претставата да биде комплетно фалшлива придонесуваат и портпаролите на Хан, кои од непознати причини само ја одолговлекуваат збунетоста.

 

„НЕ Е ВАЖНО ДАЛИ СИТЕ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ“

Во интервјуото дадено за бугарскиот магазин „Капитал“, за време на неговата посета на Бугарија, тој на 22 јануари годинава изјави:

Договорот меѓу опозицијата и Груевски за разрешување на политичката криза во Македонија има многу елементи, и изборите во април се само еден од нив. Дел од тие елементи се исполнети, макар и по крајниот рок што беше предвиден. Се разбира, во таква чувствителна ситуација е убаво да има национален консензус. Но, треба да прифатиме дека тоа може и да е недостижно. Она, што е значајно за нас, е изборите да се фер и демократски. Работиме со ОБСЕ и тие ќе испратат повеќе луѓе од вообичаено да набљудуваат, како во подготвителната фаза, така и на самото гласање на изборниот ден. Во Турција, на пример, на последните избори имаше 30 набљудувачи, а сега, во Македонија, многукратно помала држава, ќе има 24. ОБСЕ се подготвени да ѝ помагаат на македонската ДИК, ако таа побара помош. Пак ќе речам, за нас одлучувачко е изборите да се случат на фер, транспарентен и демократски начин. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. На оваа основа можеме да правиме следни чекори и да продолжиме напред – вели Хан во интервјуто.

Ова предизвика уште еден потрес, на и така лабавиот и на граници на одржливоста Договор од Пржино. По реакцијата на СДСМ на оваа изјава во која велат дека „нема квалитетни избори без еднакви можности за сите“, новинарите побараа став и од канцеларијата на Европската комисија на прашањето: Дали ова изјава е коректно пренесена и ако е дали е тоа и став на европската бирократија?

По неколкучасовно барање начин да се каже нешто, а ништо да не се помрдне, Маја Коцијанчич, портпарол на еврокомесарот Хан се јави за новинската агенција „Мета“ со помалку хаотичен обид за смирување на полемиката во македонската јавност. Таа за оваа агенција изјави:

Верувам дека изјавата е извадена од контекст. Позицијата на комесарот останува иста како во последното негово соопштение – изјави Коцијанчич за „Мета“.

Сепак, познавачите на приликите во Македонија знаат дека ова не е првата, а според традицијата најверојатно ниту последна изјава од Хан која ќе претрпи дообјаснување.

 

ГРУЕВСКИ НИ КАЖУВА ШТО РЕКОЛ ХАН

Само пред петнаесетина дена, тој „беше ставен“, повторно во искушение да мора да се правда по изјавата дадена по неуспешните преговори на лидерската средба која почна на 15, а заврши утрината на 16 јануари годинава.

Тој најави дека ќе дојде уште еднаш во Македонија и дека единствено што може да гарантира дека европските институции стојат на располагање и затоа побарал од Питер Ванхојте да остане во земјава и да ги вложи сите напори да се решат проблемите.

Вечерва тројца од четворицата лидери беа сложни за датумот и гарантираа исполнување на обврските. Земјата е во многу тешка состојба. Она што го видовме во 2015 година продолжува и во 2016 година. Сметам дека владата, политичката елита и Парламентот треба да обрнат внимание на оваа многу сериозна ситуација од која е засегната и економијата на земјата и нејзината евроатланската перспектива. Денеска сфатив дека не е можно да се постигне договор помеѓу сите политчки партии за одржување на избори на 24 април. Постои демократска определба за одржување на избори бидејќи има посветена влада и силна опозиција. Европската унија силно ќе ги надгледува изборите преку свои претставници и од европски институции. Досега се е хипотетички дали ќе се исполни договореното – рече Хан.

Тука голема помош во изнудата на дообјаснувањето изигра и тогашниот премиер на Македонија, а сега претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој директно во устата на Хан ја стави информацијата дека ДИК, ОБСЕ и ОДИХР го известиле дека нема пречки за избори на 24-ти април. Па така со леснотија Груевски изјави:

Комесарот Хан јасно ни кажа дека претседателот на ДИК го известил дека не постојат никакви пречки за одржување на изборите на 24-ти април 2016. Претседателот на ДИК го известил комесарот Хан. Исто така, комесарот Хан нè информираше дека ОБСЕ го известиле дека не постојат пречки за одржување на изборите на 24-ти април. Покрај тоа, комесарот Хан ни Кажа дека и ОДИХР, исто така, го информирале дека нема пречки и дека има време сè да се подготви за изборите да се одржат на 24-ти април – рече Груевски.

По ова дополнување на изјавата на Хан, тој мораше утредента, не еднаш, туку два пати да го поправи и Груевски и самиот себе си. Па, така, за „Алсат-М“ од неговиот кабинет пробаа да ја спуштат завесата и да го затворат овој чин со соопштението дека за еврокомесарот Јоханес Хан суштината и содржината на политичкиот процес, кој произлегува од договорот од Пржино, е поважна од догматско држење до датумот за избори.

Со оглед на тоа што една од 4-те партии и дел од граѓанските организации сметаат дека не се можни фер и демократски избори во април, тоа треба да се земе предвид и лидерите на 4-те партии треба да седнат и да се договорат за датумот за избори. За еврокомесарот Хан, како што велат од неговиот кабинет, е важна и посветеноста на сите 4 партии на Договорот од Пржино во целина, независно од датумот за избори. За ова Хан добил уверување од сите лидери. Еврокомесарот сака да види избори со учество на сите 4 партии и ќе продолжи да го поддржува процесот што ќе обезбеди фер и демократски процес, објави „Алсат-М“ на 16.01.2016 година.

Ова како да не беше доволно па дообјаснувањето стигна и на неговиот „Твитер“ профил:

Ги уверувам граѓаните, каква и да е конечната одлука донесена од политичките партии, ние ќе обезбедиме целосна поддршка за да се гарантираат демократски и фер избори, напиша еврокомесарот.

Изјавите на Хан предизвикуваат потрес од поголем степен, а тоа го покажа и реакцијата од претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, кој, сепак, вели дека не е баш така како што Хан сака да претстави во јавноста. Во писмениот допис на претседателот на ДИК, испратен до медиумите, утредента пишува:

На прашањето дали на 24 април може да се спроведат избори, мојот одговор е дека технички изборите може да се спроведат, меѓутоа проверка и прочистување на избирачкиот список не може да се спроведе, што значи дека не може да се обезбеди избирачки список во кој сите ќе имаме доверба. Во овој краток рок проверката на избирачкиот список може да биде импровизација и со таква постапка ние нема да добиеме кредибилен избирачки список и кредибилни избори.

 

КОЈ ЌЕ ГИ СПРОВЕДУВА ИЗБОРИТЕ

Дека самиот ако не си направиш уште поголем проблем никој друг не може да ти го направи, се потврди и со една епизода кој ја потресе Македонија на 05.06.2015 година дури од Вашингтон, три дена по потпишувањето на Договорот од Пржино на 2 јуни истата година. Главна улога и тогаш ја имаше Хан.

Јавниот радио-дифузен сервис МРТ објави текст со наслов „Јоханес Хан: Предвремените избори ќе ги спроведува актуелната Влада“. За еден час, овој наслов претрпе измени и беше сменет во „Хан од Вашингтон побара спроведување на договорот за политичка нормализација“.

Хан, според МИА, изјавил:

Значи, овој договор беше потпишан од претставниците на четирите најголеми партии во земјата и сведоци беа амбасадорот на Европската унија и на САД, кои ни се приклучија при крајот и беше корисно што беа таму. Целосно сум свесен за ситуацијата во земјата и имаше дискусии меѓу опозицијата и Владата кога е најпогодното време за нови избори, бидејќи е неопходна подготовка. Постојат некои несовршености што треба да се завршат, да се модифицира изборниот законик, да се разгледа избирачкиот список и некои други елементи. Од друга страна морам да кажам дека последните избори, како и неколку претходно во земјата и во регионот беа набљудувани од ОБСЕ и имаше генерално позитивен извештај, во кој беа наведени некои неправилности, но генерално беше позитивен извештај за изборите што беа одржани во април минатата година, изјавил Хан, пренесе МИА, повикувајќи се на Македонската телевизија.

Ова предизвика потрес на тукушто постигнатиот договор од 2 јуни, а лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја чекаше изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, во која според очекувањата на опозиционерите, треба да се дообјасни. Од тоа зависеше дали Заев ќе отпатува во Брисел на тогаш најавената нова средба.

По телефонскиот разговор кој дента Заев го имаше со Хан беше лиферувано соопштение од СДСМ во кое се вели:

Од Европа добивме потврда дека во Брисел ќе се разговара за организирање влада која ќе ги организира изборите, која би била транзициска.

Ова значеше дека Заев ќе отпатува во Брисел, а уште една изјава на Хан ќе претрпи измени.

По толку многу поправени, дообјаснети и контекстуализирани изјави на Хан, кај јавноста се созадава забуна и несигурност. Веќе не може со сигурност да се знае дали и следните изјави на еврокомесарот повторно нема да бидат дополнувани и донекаде менувани. Сето ова го намалува кредибилитетот и на преговарачкиот процес кој тече во моментов, но и се поставува прашање дали сите страни на ист начин го разбираат Договорот од Пржино или можеби си имаат свои толкувања со оглед на контрадикторните изјави на Хан. Во секој случај, сега веќе знаеме дека можеби е корисно, откако тој ќе каже нешто, да го почекаме помалку или повеќе редовното насочување на контекстот во вистинска насока и дополнителните информации и ставови за да вистински да осознаеме што се сакало да се каже.

 

ЛИНКОВИ:

Коцијанчич за „Мета“: Бугарски „Капитал“ го извади Хан од контекст, Мета, 26.01.2016, [Пристапено на 27.01.2016]

ХАН: НЕ Е ВАЖНО ДАЛИ СИТЕ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ, ВАЖЕН Е КВАЛИТЕТОТ НА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС, Капитал 26.01. 2016, 13:11, [Пристапено на 27.01.2016]

Хан се дообјаснува: Суштината на процесот е поважна од датумот за избори, Алсат-М 16.01.2016, 16:53, [Пристапено на 27.01.2016]

(ВИДЕО) Хан: Државата е во многу лоша состојба, А1он.мк 16.01.2016, 01:17, [Пристапено на 27.01.2016]

Хан: Изборите се можни, ако партиите останат посветени на договорот, Телма, 16.01.2016, 01:54, [Пристапено на 27.01.2016]

Хан на Твитер: Каква и да е одлуката на партиите, ние ќе обезбедиме слободни и фер избори, МКД.мк 16 .01. 2016, 10:50, [Пристапено на 27.01.2016]

ДИК: Нема време да се прочисти избирачкиот список до 24 април, Алсат-М 17.01.2016, 14:34, [Пристапено на 27.01.2016]

Хан: Добив уверување од ДИК и ОБСЕ дека списокот може да се прочисти, Сител 16. 01. 2016, 8:24, [Пристапено на 27.01.2016)

(Сител 16. 01. 2016, 8:24) МРТ се попишмани и го смени насловот за веста за ХАН, Сител 16. 01. 2016, 8:24, [Пристапено на 27.01.2016]

(Сител 16. 01. 2016, 8:24) Заев до крајот на денот ќе соопшти дали ќе оди во Брисел, Сител 16. 01. 2016, 8:24, [Пристапено на 27.01.2016]

Хан од Вашингтон побара спроведување на договорот за политичка нормализација, МТВ 05.06.2015, 11:53, [Пристапено на 27.01.2016]

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција