Ако е здравството во хаос, тоа не е од времето на Таравари

Трендовите не се од вчера. Фото: ВМРО-ДПМНЕ, веб страница

Проблемот на новороденечката смртност е генерален проблем на здравствениот систем во Македонија кој трае повеќе од една деценија. На тоа алармираат и светските и домашните извештаи за овој проблем, а лани повторно се искачи на високо ниво. И тој негативен број варира од над 8 до 14 промили во период од над 13 години. Тоа го призна повеќе пати и последниот министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, кој тврдеше дека државата презема чекори проблемот да се реши и дека во последните две години имало извесно намалување на овој број, но просекот и натаму е екстремно висок

 

ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во врска со состојбите во здравството, земајќи ја како повод смртта на три новороденчиња од пред неколку дена во Клиниката за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ од Скопје, која ја оценуваме како недоследна:

…Граѓаните се преплашени, загрижени, стравуваат за своите животи и за животите на своите деца. Не смее да стана пракса на владата на Заев да умираат луѓе, а тие да молчејќи и криејќи се да бегаат од одговорност.

Господа, уште колку животи треба да згаснат за да прекине хаосот и безредието кое го создавате во македонскиот здравствен систем?

… ВМРО-ДПМНЕ предупреди, но за Заев, Таравари, Милошев и Јовановска, човечкиот живот, за жал, не претставува ништо.

Здравството е во хаос и ако кај одговорните во овој ресор има грам морал и доблест, ќе си поднесат оставка и ќе си заминат од оваа професија.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страница, датум: 24.08.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претставничка на ВМРО-ДПМНЕ, по повод смртта на три новороденчиња од пред неколку дена во универзитетската клиника во Скопје, даде изјава во име на партијата, во која се тврди дека тоа било резултат на неспособноста на новиот министер за здравство, Арбен Таравари и на новата в.д. директорка на Клиниката. Во таа изјава има генерална оценка дека здравството било во хаос и оти ако има кај одговрните грам морал ќе си поднеле оставка.

Оваа изјава ја оценуваме во најмала рака како недоследна, особено за тврдењето дека здравството било во хаос (откако дошол Таравари на негово чело – имплицитно наведување на читателот – з.а.).

Прво, станува збор за уште еден од бројните случаи на смрт на новороденчиња во Македонија и во оваа клиника, која е со најголем број породувања во државата од преку 8.000 годишно. Проблемот на новороденечката смртност е генерален проблем на здравствениот систем во Македонија кој трае повеќе од една деценија. На тоа алармираат и светските и домашните извештаи за овој проблем, а лани повторно се искачи на високо ниво. И тој негативен број варира од над 8 до 14 промили во период од над 13 години.

Тоа го призна повеќе пати и последниот министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, кој тврдеше дека државата презема чекори проблемот да се реши и дека во последните две години имало извесно намалување на овој број, но просекот и натаму е екстремно висок.

По обелоденувањето на конкретниот случај, Министерството за здравство формираше комисија која го испитува случајот, во кој неспорен е фактот дека новороденчињата поради компликации во бременоста морале да бидат породени со царски рез во 27-та недела од животот.

Но, она што покажа овој случај, барем според изјавите на Таравари и на директорката на Клиниката, кога станува збор за смртноста кај новороденчињата, нејзиното ниво е загрижувачко.

Имено, самата директорка, а тоа го потврди и Таравари, изјавија за Телевизијата 24 Вести, дека Клиниката е димензионирана за 4.000 породувања годишно, а се извршуваат над 8.000, дека има само неколку кревети за интензивна нега за новороденчиња на оделот за неонатологија, затоа што другите 6 кревети, кои постоеле на Клиниката за детска хирургија, не се функционални оти тамошниот оддел за неонатологија се реновирал веќе повеќе од една година.

Освен ова, познат е и повторно актуелизиран проблемот со недостиг од среден медицински персонал, како и недостиг на гинеколози и анестезиолози, па и со онака намалениот број се извршуваат двојно поголем број породувања, со што доаѓа до замор на човечкиот фактор. Практично, близу половина од породувањата во државата се извршуваат во Скопје на Универзитетската клиника ГАК, зато што огромен број општини во РМ во тамошните болници и здравствени домови не поседуваат услови за тоа.

За колкав проблем станува збор, директорката на Клиниката, д-р Викторија Јовановска повтори и во текот на денешниот ден, 25.08.2017. За една година Клиниката загубила 9 лекари, а бројот на инкубаторите (22) не се зголемил, иако, како што тврди, бројот на недоносени бебиња е двојно поголем од капацитетите

Второ, поранешниот министер Тодоров уште во 2015 година формирал комисија да се занимава со доенечката смртност и која практично – тврди денес Таравари, не се состанала ниту еднаш, ниту предложила некакви мерки.

Конечно, ако се имаат предвид сите наведени услови, и тоа само околу проблемот со доенечката смртност и проблемите со породувањата во Македонија, како може министерот д-р Арбен Таравари или директорката на Клиниката, која на таа позиција е нецел месец, да бидат виновни за состојбите во здравството и да се тврди дека здравството е во хаос.

Вистина е дека се огромни проблемите во јавното здравство, кое државата ја чини над 500 милиони евра годишно и кое се алиментира од заедничките јавни пари, но, исто така, е неспорен заклучок дека хаосот, ако се согласиме со таквата оценка генерално, не може да биде производ и резултат на министерска работа од нецели три месеци или директорско раководење од две недели.

Трендовите не настануваат така брзо, а ВМРО-ДПМНЕ секторот здравство, вклучувајќи го и јавното, го управуваше речиси 11 години – непрекинато!

Поради погоре наведените аргументи, изјавата на Марија Андоновска, во името на ВМРО-ДПМНЕ, ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција