Ако не вклучите клима во автомобил висока парична казна е можна во Британија, не во С. Македонија

Фото: The image was posted by bobtheskater on Pixabay

Корисниците на социјалните мрежи во земјава можат да бидат доведени во заблуда, мислејќи дека им следуваат огромни парични казни ако не го вклучат клима уредот во автомобилот. Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот, бидејќи во насловот се испушта да се наведе дека ова правило важи за Велика Британија, а не за С. Македонија

Корисниците на социјалните мрежи во земјава можат да бидат доведени во заблуда, мислејќи дека им следуваат огромни парични казни ако не го вклучат клима уредот во автомобилот. Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот, бидејќи во насловот се испушта да се наведе дека ова правило важи за Велика Британија, а не за С. Македонија

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува напис со наслов „На возачите кои нема да вклучат клима им се заканува казна до 6.000 евра“. Истиот текст од насловот е наведен и во описот над текстот во објавата на Фејсбук. Меѓутоа, кога ќе се пристапи до написот, се гледа дека истиот не се однесува на С. Македонија, туку на Велика Британија. Сепак, за да се дојде до заклучокот дека, всушност, не се зборува за С. Македонија, потребно е да прочитате неколку редови општ текст, па дури потоа се вели:

Властите во Велика Британија ги потсетуваат возачите на правилото 237 од Законот за патен сообраќај, кој вели дека возилото мора да биде добро климатизирано и проветрено за да се избегне поспаност при возење. Тие ги повикуваат возачите да запомнат дека возењето на многу високи температури го отежнува управувањето со возило и може да предизвика сообраќајна несреќа, па затоа се заканува и казна до 6.000 евра за непочитување на правилата за климатизација.

Вистиномер пронајде написи на англиски јазик од британски медиуми во кои се известува дека за несоодветна вентилација може во Британија возачите да бидат казнети со 5 илјади фунти. На страницата на британската влада, од страна на Одделот за транспорт, поставен е „the highway code“, правилник кој го уредува однесувањето на сите учесници во сообраќајот на автопатиштата.

Одржувајте го возилото добро климатизирано, за да избегнете поспаност. Бидете свесни дека површината на патот може да стане мека или лизгава после дожд. Овие услови може да влијаат врз вртењето на воланот и кочењето. Ако сте зашеметени од силната сончева светлина, забавете и, ако е потребно, застанете, се наведува во правилото 237.

Нордерн Ехо објавува дека вентилацијата, односно климатизацијата во возилото, може да биде казнива според правилото 237 од овој правилник.

Во ова правило се наведува дека возачите мора да ги одржуваат возилата добро климатизирани.

Причината за ова правило е да се избегне поспаноста кога се управува моторно возило. Ако возачите го игнорираат правилото и поради тоа загубат контрола над нивното возило, ризикуваат казна до 5 илјади фунти во најсериозните случаи, пишува Нордерн Ехо. 

И британски Сан објавува дека казната од 5 илјади фунти се однесува на најсериозните случаи, кои значат загрозување на нечиј живот, на пешак, или предизвикување сообраќајна несреќа.

Меѓутоа во постот што го рецензираме, во насловот се испушта да се наведе дека ова правило важи за Велика Британија, поради што корисниците на социјалните мрежи можат многу лесно да поверуваат дека станува збор за правило во С. Македонија, што не е случај.

Правилото, исто така, се однесува на оние случаи кога несоодветната климатизација во возилото ќе предизвика губење на контролата на возилото и тогаш се заканува казна од 5 илјади фунти, според објавите во британските медиуми.

Но, фактот што во насловот на објавата не е наведено за каде се однесува ова правило, претставува испуштање важна информација која може читателите да ги доведе во заблуда и затоа објавата што ја рецензираме ја оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција