Ако патот бил завршен 80 отсто, како може да се каже дека една влада работела, а друга не?
Изјавата на Николоски е недоследна затоа што се обидува да извади генерална оценка за ефикасноста на една политичка гарнитура наспроти друга врз основа на конкретен проект, а притоа неговата изјава е во контрадикција со сите други изјави кои велат дека повеќе од две третини проектот бил завршен пред институциите на оваа Влада да го довршат
Изјавата на Николоски е недоследна затоа што се обидува да извади генерална оценка за ефикасноста на една политичка гарнитура наспроти друга врз основа на конкретен проект, а притоа неговата изјава е во контрадикција со сите други изјави кои велат дека повеќе од две третини проектот бил завршен пред институциите на оваа Влада да го довршат
Еден дел од обраќањето на министерот за транспорт Александар Николоски во врска со патот Градско-Дреново може да се оцени како недоследност:
...Изведувачот се спремаше за арбитража, веќе првите чекори беа преземени и работниците беа повлечени. Причината беше претходната Влада која година и половина не сакала да потпише два адендуми, Адендум 3 и 4, кој што беа договорени со ДЕУ и не сакала да формира Комисија којашто ќе ги спроведува.
Новата Влада за само месец дена ја формираше Комисијата, истата се формираше на крајот од јули, во тек на август се работеше на содржината на овие два адендуми и на 12 септември проблемите се решија. Од 12 септември до буквално Нова година се работеше, се заврши комплетно и сакам да честитам на сите бидејќи имаме експресен пат.
Овие работи треба да се кажат бидејќи народот треба да знае кој работи, а кој не работи. Овој пат денеска што го гледате е реален и не е направен со вештачка интелигенција како што го имаше во одредени пропагандни спотови во изборите и ова е најдобра поддршка зошто оваа влада треба да биде поддржувана од народот за уште поубави проекти.
[Извор: Влада на РСМ/веб-А. Николоски-изјава; датум – 14.01.2025]
Образложение:
Изјавата на Николоски е недоследна затоа што се обидува да извади генерална оценка за ефикасноста на една политичка гарнитура наспроти друга врз основа на конкретен проект, а притоа неговата изјава е во контрадикција и со изјавите што ги дадоа директорот на ЈП Државни патишта Коце Трајановски и премиерот Христијан Мицкоски кои во суштина потврдуваат дека голем дел од проектот бил завршен.
Николоски изјавата ја даде при отворањето на делницата Градско-Дреново, дел од експресниот пат Градско-Прилеп, што пак, е дел од коридорот 10. Опишувајќи ги активностите на неговото министерство и на Владата во целина во последните 6 месеци во врска со оваа делница, тој ги опиша проблемите со кои се соочувале со изведувачот, како ги решиле и како дошло до завршување на делницата од над 15 километри и вредна околу 37 милиони евра. За на крај да заклучи дека ова било важно „бидејќи народот треба да знае кој работи, а кој не работи“.
Неспорно е сето тоа што го направиле Николоски и институциите за да ги отстранат проблемите, но генерализацијата, па и не само врз основа на овој пример, не може да се гради. Дотолку повеќе што и Трајановски во неговата изјава кажа дека до јуни 2024 година, 80 отсто од проектот бил завршен:
…До јуни 2024 година изграден е голем процент од овој пат, односно некаде од 80 отсто. Ја користам приликата да им се заблагодарам на сите оние кои учествуваа од идеја се до реализација на овие 80 отсто од овој експресен пат. Во јуни 2024 година морам да истакнам дека патот не беше завршен. По мојот избор за директор констатиравме дека ’Страбаг’ една година беше повлечен од оваа делница поради нерешени финансиски проблеми и нерешени градежни и други технички проблеми. Скоро една година беа повлечени и вработените и механизацијата од оваа делница. Имаше тотален застој, рече директорот Трајановски.
Премиерот Мицкоски и покрај тоа што ѝ се заблагодари на претходната влада што не го завршила патот за 7 години, па ѝ оставила на неговата влада да сече ленти, исто така со свои зборови кажа дека голем дел од работата веќе била завршена:
Кога бевме избрани како Влада, имавме дилема. Дали да се однесуваме како нашите претходници и да кажеме дека животот започнува од нас и дека сѐ што било претходно треба да заборавиме и дека ние сме тие коишто се најпаметни и најмногу знаеме. Или пак, сето она за коешто се потрошени народни пари, ваши пари, пари од македонскиот буџет да го завршиме и да го пуштиме во употреба и покрај предизвиците и сите недостатоци коишто ни ги оставија. Ние одлучивме да го направиме ова второто, бидејќи ценевме дека тоа е правилниот начин како се постапува со тешко, макотрпно, мачно заработените пари на македонските граѓани коишто тие ги уплаќаат во буџетот. И еве денеска сведочиме една таква градба.
Реагираа и од СДСМ, истакнувајќи дека патот до мај 2024 бил готов 92 отсто.
Експресниот пат Градско – Дреново 15,5 километри, до месец мај 2024 година беше започнат од владата на СДСМ и завршен со над 92% од работите за што говорат фотографиите. Денес истиот пат се пушта во сообраќај, изјави поранешниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски.
Како што може да се види, двете спротивставени политички страни имаат мала разлика околу тоа колку проценти бил завршен патот пред неговото пуштање, но нема(ат) дилеми околу тоа дека и едната и другата страна работеле на проектот.
Поради горенаведените аргументи делот од изјавата на Александар Николоски со која тој влече општ заклучок дека едните работеле, а другите не, врз основа на делница од експресен пат која се градела 7 години, а со тендерите и проектирањето и повеќе од 10 години, може да се оцени како недоследна.
Извори:
- (14.01.2025) Влада на РСМ – А. Николски – [Проверено на 15.01.2025]
- (14.01.2025) Скопјеинфо – К. Трајановски – [Проверено на 15.01.2025]
- (14.01.2025) СДСМ/веб – Б. Бочварски – [Проверено на 15.01.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар