Aлармот за измените во Законот за градење пристигнува со задоцнување од два месеца
Процедурата е затворена, законот бил поднесен во Собрание пред два месеца, усвоен пред две недели од овие реакции. Алармот се чини е стигнат предоцна, зашто исходот можел да биде поинаков доколку алармирањето на јавноста и оттаму нејзин притисок врз Владата и законодавниот дом биле извршени кога законот влегол во собраниска процедура во март
Процедурата е затворена, законот бил поднесен во Собрание пред два месеца, усвоен пред две недели од овие реакции. Алармот се чини е стигнат предоцна, зашто исходот можел да биде поинаков доколку алармирањето на јавноста и оттаму нејзин притисок врз Владата и законодавниот дом биле извршени кога законот влегол во собраниска процедура во март
Пишува: Теофил Блажевски
Три субјекти, Општина Карпош, ДОМ и Шанса за Центар испратија реакции во јавноста и апели до власта и претседателката на државата за измените во Законот за градење, што во суштина се принципиелни и укажуваат на доследност, иако имаат генерална фалинка – задоцнети се:
Општина Карпош: Општина Карпош со неверување ја прифати иницијативата за укинување на „Член 62 а“ од Законот за градба и не можеме да се изначудиме како владејачката ВМРО-ДПМНЕ укина еден вака важен член од законот. Членот „62 а“ ја обврзуваше локалната самоуправа при издавање на градежна дозвола соседите да бидат информирани во рок од 48 часа, за градбата во нивното непосредно соседство и им даваше право да извршат увид во проектната документација и издадената градежна дозвола… Оваа измена не е во согласност со европските директиви, ја намалува транспарентноста и затоа ја повикуваме претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, да не ги потпише овие измени на законот. (Извор: Општина Карпош – Соопштение – 07.05.2025)
ДОМ: ДОМ со загриженост го следиме начинот на решавање на предизвиците во областа на градежништвото. Неодамнешното укинување на членот 62-а од Законот за градење може да послужи како пример зошто е важно да се пристапи кон системски реформи, наместо кон парцијални интервенции…(ДОМ – Соопштение – 07.05.2025)
„Шанса за Центар“: Градење без коментирање: Олигархијата ги затвора „дупките“ во законите и истовремено ги затвора устите на граѓаните. Мнозинството во Парламентот го избриша членот 62-а во Законот за градење…(Извор: „Шанса за Центар“ – ФБ/реакција – 05.05.2025)
На што всушност реагираат овие три субјекти и дел од јавноста на социјалните мрежи?
„Соседско право“
Иако измените имаат преку 20 члена, реакциите се однесуваат на бришењето на Член 62 -а од постоечкиот закон кој го опфаќаше т.н. „соседско право“да бидат информирани соседите на оној што сака да гради и да дадат забелешки во одреден рок до општината пред дозволата за градење да стане правосилна. Еве ги првите најважни два става од досегашниот член 62-а, кој сега е веќе минато:
(1) Надлежниот орган што го донел одобрението за градење е должен во рок од три дена од денот на донесувањето на одобрението за градење да ги извести непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението, за издаденото одобрение за градење и дека во рок од 15 дена од денот на издавањето на одобрението за градење можат да извршат увид во документацијата.
(2) Доколку непосредните соседи не извршат увид и/или не поднесат жалба против одобрението за градење во рок од 15 дена од денот на издавањето на одобрението за градење, одобрението за градење станува правосилно. (Извор: MT-линк).
Процедурата во Собрание започнала уште на 3-ти март
Измените на Законот за градење влегле во Собранието уште на трети март, како предлог на закон којшто оди во редовна постапка, а предлагач е министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски.
Предлогот минал фаза на прво читање, поминал во комисиски расправи, пред сè во најважната Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, дошол на второ читање и бил усвоен од Собранието на 22.04.2025 година, како прва точка од дневниот ред.
Вкупно гласаа 75 пратеника, од кои 65 пратеника гласаа за, 10 пратеника гласаа против и нема воздржани. Констатирам дека Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за градење.
Вака претседателот на Собранието Африм Гаши ја затвори расправата за овој материјал, а од стенографските белешки може да се види дека имало само една реакција која не се однесувала на членот 62-а.
Доколку се проследат фазите во Собрание, исто така може да се види дека имало само еден амандман од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кој е од номотехничка природа и не менува суштински ништо во предлогот изготвен од Министерството за транспорт.
Ова значи дека за измените во овој Закон согласни биле и власта и опозицијата, што може да се потврди и од една неименувана реакција што завчера(05.05.), ја пренесе еден од медиумите:
Од Министерството за транспорт и врски, како предлагач на измените на Законот, сметаат дека биле направени измените по барање на претставници на ЗЕЛС. Градоначалници и од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ велат дека измената е добра, бидејќи биле затрупани со неосновани жалби поради инает, нарушени меѓусоседски и семејни односи, кои го кочеле градењето. Сметаат дека правото на приговор и жалба при јавна анкета на детален урбанистички план е доволно за исполнување на т.н. соседско право – наведува медиумот без да ги наведе изворите.
Оправдани, но задоцнети реакции
Реакциите што се наведени на почетокот на текстот се чинат оправдани. Има право и Општина Карпош од каде наведуваат дека ова е во спротивност со транспарентната постапка и дека недозволиво е соседот да нема право во увид во документацијата. Имаат право и од ДОМ од каде велат дека „укинување отвора прашања за начинот на заштита на правата на граѓаните во иднина“ и дека „за стабилен и праведен развој на градежништвото, потребни се темелни и долгорочни решенија, вградени во сеопфатни законски рамки…односно целосно нов Закон за градење.
Имаат право и од „Шанса за Центар“, кога иронизираат со болната вистина дека граѓаните имаат право на молк кога нешто почнува да се гради во нивното соседство.
Сепак, нивните реакции се задоцнети. Процедурата е затворена, Законот бил поднесен во Собрание пред два месеца, усвоен пред две недели од овие реакции. Алармот се чини е стигнат предоцна, зашто исходот можел да биде поинаков доколку алармирањето на јавноста и оттаму нејзин притисок врз владата и законодавниот дом биле извршени кога Законот влегол во собраниска процедура во март. Доколку навистина интересите на олигархијата во градежниот сектор во суштина го туркале овој закон, како што тврдат од „Шанса за Центар“, враќањето на Член 62-а можеби нема да може да се види со години нанапред.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар