Албанскиот сервис за проверка на факти „Фактоје“ – цел на напади и црна медиумска кампања

„Фактоје“ е цел на напад поради својата работа на проверка на информации поврзани со протестите во Албанија, а финансиската транспарентност на организацијата е искористена како средство за нејзина дискредитација. Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) јавно застана во одбрана на албанската организација „Фактоје“ и нејзината директорка Клодијана Капо, осудувајќи ја медиумската кампања насочена против нив

 

Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) најостро ги осудува неодамнешните напади врз интегритетот на албанската организација за проверка на факти „Фактоје“ (Faktoje), соопшти мрежата. 

„Фактоје“ во последниот период проверувала и демантирала повеќе информации што се ширеле за време на протестите против владата на премиерот Еди Рама. Меѓу нив биле тврдењата дека имало загинати демонстранти, дека девојки биле киднапирани од студентскиот комплекс во Тирана, дека српски полицајци биле ангажирани против демонстрантите, дека во Албанија пристигнувале авиони од Израел поврзани со протестите, дека странски сили се вмешани во протестите….

Дел од овие тврдења биле демантирани, а други останале непотврдени.

Суштината на спорот е во тоа што „Фактоје“ проверувала информации за политички чувствителни протести во Албанија, а потоа самата станала предмет на напади. Според нејзините тврдења, финансиските податоци биле искористени за да се доведе во прашање нејзината независност и кредибилитет.

Како спорни ставки биле претставени купувањето деловен простор, кое било прикажано како купување станови со нејасна сопственост; меѓународни средства наменети за обуки, кои биле претставени како странско влијание; резервни финансиски средства за итни ситуации, кои биле окарактеризирани како сомнителен фонд.

„Фактоје“ смета дека нападите се директно поврзани со нејзините активности за проверка на факти во рамките на партнерството со компанијата „Мета“, особено во контекст на нејзината неодамнешна работа поврзана со тековните протести и разоткривањето на манипулативните наративи насочени против демонстрантите.

IFCN тврди дека станува збор за законски и вообичаени финансиски активности извадени од контекст

„Фактоје“ смета дека нејзината работа на разоткривање на дезинформациите предизвикала напади врз организацијата. „Фактоје“ е реномирана организација со докажани резултати во својата работа, која ги почитува сите стандарди за транспарентност, независност и точност пропишани со Кодексот на принципи на IFCN, велат од мрежата IFCN.

Меѓународната мрежа за проверка на факти посочува дека други медиуми ја користат токму транспарентноста на „Фактоје“ во однос на нејзиното финансирање за да ја напаѓаат организацијата и нејзината директорка, Клодијана Капо.

Оваа координирана кампања има цел да го поткопа влијанието на значајната работа на „Фактоје“. Нападите се засноваат на финансиски информации што организацијата доброволно ги објавува, но тие се извадени од контекст и погрешно се претставуваат со цел да се прикаже нивното влијание во негативно светло, соопшти IFCN.

Мрежата додава дека ова не е првпат да забележи напади врз организации за проверка на факти преку злоупотреба на информации што тие ги објавуваат согласно стандардите за транспарентност утврдени со нивниот кодекс на принципи, со цел да се промовира отчетноста и да се зголеми довербата. Честопати, оние што ги напаѓаат овие организации и самите не ги исполнуваат истите стандарди за транспарентност во однос на сопственото работење.

„Фактоје“ е основана во 2015 година со цел да ја брани слободата на медиумите и да ги поддржува организациите за проверка на факти ширум светот, и е почитувана членка на меѓународната заедница за проверка на факти. Како потписничка на Кодексот на принципи на IFCN од 2020 година, таа ги исполнува глобалните стандарди за транспарентност, независност и непристрасност.

Нејзината работа придонесува носителите на моќ да одговараат за своите постапки и им овозможува на граѓаните пристап до проверени и веродостојни информации. Независното новинарство мора да може да функционира без страв од вознемирување и притисоци.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција