Амбасадата на НР Кина во пропагандистичка кампања околу Тајван
Амбасадата на НР Кина остро реагира на средбата меѓу нашиот собраниски потпретседател Антонијо Милошоски и претставници на Тајпеј, т.е. на спорната и нашироко непризната Република Кина, која, иронично, има богата државна историја, па дури била меѓу основачите на ООН и долго била призната како единствена легитимна кинеска држава, а во реакцијата гледаме дезинформации, ревизија на историјата и лицемерие. Но, најзабележителна кај Пекинг е загриженоста од третата опција во овој конфликт, која се залага за создавање на Република Тајван, која би била независна од каква било Кина
Амбасадата на НР Кина остро реагира на средбата меѓу нашиот собраниски потпретседател Антонијо Милошоски и претставници на Тајпеј, т.е. на спорната и нашироко непризната Република Кина, која, иронично, има богата државна историја, па дури била меѓу основачите на ООН и долго била призната како единствена легитимна кинеска држава, а во реакцијата гледаме дезинформации, ревизија на историјата и лицемерие. Но, најзабележителна кај Пекинг е загриженоста од третата опција во овој конфликт, која се залага за создавање на Република Тајван, која би била независна од каква било Кина
Пишува: Вангел Башевски
Деновиве е во тек пропагандистичка кампања на амбасадата на Народна Република Кина (НРК), особено околу спорната и нашироко непризната Република Кина (РК), чија власт е лоцирана во Тајпеј на Тајван, кого НРК де јуре го смета за свој, иако нема де факто контрола над него.
Тајван се користи како синоним за РК, но тоа не е прецизно. Де јуре, РК ја смета сета Кина за своја територија (види: тука и тука) и тоа реално го контролирала до 1949 г. Тогаш никнала ривалската НРК, а РК задржала де факто контрола само врз Тајван и околните острови. РК била соосновач на ООН и до 1971 г. била единствена легитимна кинеска држава, по што тој статус го добила НРК.
Поради сето тоа, НРК остро реагираше кога во 1999 г. ние како држава ја признавме РК. По разни перипетии, во 2001 г. тоа признавање беше повлечено и нашите односи со НРК се нормализираа, но тие сега се повторно доведени во прашање. На 20.11.2025 г. потпретседателот на Собранието на С. Македонија, Антонијо Милошоски и неговите колеги-политичари Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи имаа средба со претставници на Тајпеј, што ја револтираше амбасадата на НРК.
Всушност, неа најмногу ја загрижува третата опција во овој конфликт, која се залага Тајван да биде независен од каква било Кина (било НРК, било РК), но сето тоа ќе го објасниме во оваа анализа.
Лицемерие: Самата НРК комуницирала и соработувала со РК
Амбасадата на НРК упати отворено протестно писмо до Милошоски, кое потсетува на она што сме го потпишале кога сме воспоставиле дипломатски односи со НРК во 1993 г., што било потврдено и во 2001 г., кога тие биле нормализирани: дека НРК е единствена легитимна власт на Кина, дека Тајван е нејзин неотуѓив дел и дека нема да имаме официјални односи и размени со него.
Но, тоа е лицемерно, зашто самата НРК има комуницирано и соработувано со РК. Во таа смисла, историски настан беше првата средба меѓу претседателите на НРК и РК, која се одржа на 7.11.2015 г. во Сингапур. Претседателот на НРК, Си Џинпинг и неговиот колега од РК, Ма Јинг-Џу, тогаш имаа историско ракување пред камери од дури 80 секунди. Тоа не значеше и взаемно признавање, ниту тие се ословуваа како претседатели, што итро го избегнаа, но, сепак, тоа беше значајно.
Соработката меѓу НРК и РК беше особено голема од 2008 до 2016 г., кога односите им беа затоплени и таа тежеше стотици милијарди долари. Таа се темелеше врз т.н. Консензус од 1992 г. дека и Тајван и копнена Кина се дел од една Кина, но секој по свое си толкуваше што таа значи.
За да соработуваат без взаемно признавање, тие прибегнаа кон итрина – формирање на квази-невладини или полувладини организации, кои потпишуваа договори меѓу себе за тие да не личат на меѓудржавни. Наместо за НРК и РК, тука се говореше за „едната / другата договорна страна“.
На 29.6.2010 г. беше потпишан Рамковен договор за економска соработка, а на 21.6.2013 г. – Договор за трговија преку протокот (се мисли на тајванскиот). На таа тема беа одржани повеќе изданија на т.н. Ченг-Чијанг самит, а познатите производители на смартфони од НРК, Xiaomi и Huawei, користеа чипови од РК – од MediaTek и Taiwan Semiconductor Manufacturing Company.
Амбасадата сето тоа го премолчува, затоа што во 2016 г. власта во Тајпеј се промени и таа веќе не е подобна за Пекинг, но дотогашната соработка беше огромна и не може да се крие. Во споредба со тоа, соработката на С. Македонија со Тајпеј е скромна, а таква била и веќе споменатата средба.
НРК ќе релативизира дека нејзината комуникација и соработка со РК не била официјална и меѓудржавна, туку меѓу региони или организации, но видовме дека тоа не е баш така и дека тоа се некакви итрини, а и Милошоски може некако да релативизира.
Зошто ние да не смееме да соработуваме со Тајпеј?
Милошоски се сретнал со службеници од Репрезентативната канцеларија на Тајпеј, која делува во Италија. Како и повеќето земји, таа ја признава само НРК, а не и РК, но комуницира со неа, па тоа е решено со таа канцеларија. Во нејзиниот назив не се споменува РК, можеби за да не се провоцира НРК и за таа да не го сфати тоа како амбасада. Можеби некој тоа ќе го осуди како лукавост, но видовме дека и НРК го прави тоа. Значи, Милошоски не направил невиден скандал, туку таквите средби се пракса низ светот, а иако тоа делува дубиозно, тоа, сепак, не е признавање на РК.
Под еуфемизмот Кинески Тајпеј, таа има столче во Светската трговска организација (СТО), Азиско-тихоокеанската економска соработкa (АТЕС), Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и други тела, па зошто само ние да не смееме да соработуваме со Тајпеј кога тоа го прави скоро сиот свет?
Хонг Конг и Макао наспроти Тајван
Економски и културни мисии низ светот имаат и Хонг Конг и Макао, иако тие не се независни, туку се региони на НРК. Тоа не е демократска држава, но, сепак, таа им дала широка, специјална автономија, па тие директно прават деловни зделки со странство без Пекинг, имаат столчиња во СТО, АТЕС или МОК, како и свои закони (дури и нешто слично на устави), судови, полиција, граничари, царина, образовни системи, валути и визни режими за странци. Останатите граѓани на НРК не смеат дури ни да ги посетат тие региони без дозвола, небаре тоа се независни држави.
НРК тоа го оправдува со итрини од типот „Една држава – два системи“, но тие подзаличуваат на независни држави, па тоа ли е принципот на унитарност и Една Кина, кого НРК постојано го повторува? И, зошто така самостојно да не се однесува и Тајван и да соработува со кого сака?
Кој е тука политички авантурист?
Проф. Билјана Ванковска, која ги шири пропагандните наративи на НРК, го осудува Милошоски и нè потсетува на штетните последици од нашето признавање на РК во 1999 г. Како постојана членка на Советот за безбедност, НРК тогаш стави вето на мисијата на УНПРЕДЕП, па ние останавме без тие странски мировници во најтешките мигови од нашата понова историја – Косовската криза во 1999 г. и Конфликтот во 2001 г., а и други сметаат дека Милошоски нè турка во таква авантура.
Признавањето на РК во 1999 г. беше авантуризам, но НРК тогаш постапи уште понеодговорно. Сосредоточена на своите тесни интереси, таа заборави на обврската на членките на Советот за безбедност да се грижат за таа безбедност низ светот, а таа беше особено загрозена на Балканот.
Советот не ѝ е играчка на НРК, а таа не е ни меѓу неговите основачи, меѓу кои, всушност, била РК. Таа го ставила првиот потпис на Повелбата на ОН и била постојана членка на Советот кога НРК не била ни родена. Таа добила столче во ОН и Советот дури во 1971 г., а тоа ѝ било одземено на РК.
Како мала земја, ние и не бевме закана за НРК за таа така да реагира, а РК не ја признавме од убедувања, туку од потребата од инвестиции, кои, впрочем, можела да ги даде НРК, но не ги дала.
И, на крајот на краиштата, средбата на Милошоски со претставниците на Тајпеј не значеше признавање на РК, па тоа и не може да се смета за реприза на настаните од 1999 г.
Манипулации со историјата
Во отвореното писмо до Милошоски, амбасадата на НРК манипулира и со историјата:
Пред осум децении, победата на Кинеската Народна Војна на отпорот против јапонската агресија го врати Тајван под суверена јурисдикција на Кина. Каирската декларација и Потсдамската прокламација, и двете објавени од страна на главните победнички нации во Втората светска војна, го потврдија суверенитетот на Кина над Тајван
Тајван бил под Јапонците од 1895 до 1945 г., а се вратил под кинеска власт по нивниот пораз во Втората светска војна. Но, тогаш не постоела НРК (која била формирана во 1949 г., по победата на комунистите во Кинеската граѓанска војна), туку постоела само РК (која е формирана во 1912 г.). РК е спомената во Каирската и Потсдамската декларација, а не НРК. Јапонскиот гувернер на Тајван, генералот Рикичи Андо, не ѝ го предал островот на НРК, туку на претставникот на РК, Чен Ји.
И, Јапонија потпишала капитулација на американскиот брод Мисури не пред НРК, туку пред: САД, СССР, Британија, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Франција, Холандија и, нагласуваме, РК.
Таа борба против јапонскиот окупатор во Кина пред сè ја водела регуларната војска на РК, на чело со Чанг Кај-Шек од националистичката и антикомунистичка партија Куомитанг, а не комунистичките герилци на Мао Це Тунг, кои подоцна ја формирале НРК. Иако и тие се бореле против окупаторот, војската на РК била четирипати посилна од нив. РК била една од четирите најбитни членки на Антифашистичката коалиција, која кинеските комунисти не ги ни признала.
Државата, која ги постигнала сите тие успеси (РК), денес делува во Тајпеј, а не во Пекинг, а за сето тоа веќе пишувавме.
Тајвански идентитет, национализам и сепаратизам
Во своето отворено писмо до Милошоски, амбасадата додава и дека неговата постапка:
Исто така, испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили кои се залагаат за „независност на Тајван“.
Тука веќе гледаме трета опција, тајвански национализам, кој отфрла каква било Кина (било РК, било НРК) и се залага за нова држава – Република Тајван. Но, да го објасниме тоа со ред.
РК порано била под десничарската диктатура на партијата Куомитанг и тоа не биле сепаратисти, туку кинески националисти, кои биле за целокупна Кина, само да не е комунистичка. Сепак, НРК некако може да се разбере со нив во стилот: „Сепак сме браќа Кинези, независно од идеолошката омраза“, што не минува кај тајванските националисти. Тие се засилиле по демократизацијата на РК во 1990-тите, а некои од нив го нагласуваат фактот дека пред 3-4 векови на Тајван доминирало некинеско население, кое било потиснато откако тој потпаднал под кинеските династии.
Но, тајванскиот национализам го има во разни форми. Онаа најзастапената не негира дека доминантниот јазик и култура на Тајван сега се кинески, но смета дека тој си има свој пат, исто како што во Сингапур живеат Кинези, но тој е независен од Кина. Или, како Австрија и Германија.
За отуѓувањето на Тајванците од копнена Кина придонел одвоениот живот од неа, нејзиниот послаб развој и нивните локални специфики, но и репресиите, кои НРК ги спроведува.
Стратешка цел за неа е обединувањето со Тајван, по принципот дека мора да постои само една Кина, но Демократската прогресивна партија (ДПП), која од 2016 г. е доминантна на Тајван, тоа го попречува, па Пекинг демонстрира сила крај островот со борбени бродови и авиони.
Порано, ДПП се залагала за прогласување на независен Тајван, но сега смета дека од тоа нема потреба и дека РК и онака е де факто независна, а таа и фактички го покрива само Тајван и околните острови. Според ДПП, РК и Тајван веќе станале синоними и нема потреба нешто да се прогласува, а тоа можеби се должи и на стравот од реакцијата на Пекинг.
Тој ја обвинува ДПП дека постепено го осамостојува Тајван од каква било Кина, па во средбите како онаа на Милошоски можеби гледа дипломатска подготовка на Тајпеј за прогласување на независност, па затоа и така бурно реагира преку својата амбасада.
Пекинг нагласува дека неговиот суверенитет над Тајван мора да се почитува, макар и тоа да е само де јуре, што во основа држи, но меѓународното право дозволува и самоопределување, а, според некои, Тајван ги исполнува условите за тоа: има перманентно население (од дури 23 милиони), дефинирана територија, свои власти, надворешни односи, демократски е, мирољубив, развиен итн. А, правото на самоопределување особено важи ако е некој загрозен како што Тајван сега реално е.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
