Американски доктор претставен како 109-годишен кардиолог од Македонија кој рекламира нерегистриран лек
109-годишен кардиолог од Македонија ја споделува тајната за долговечноста и доброто здравје. Звучи интересно и примамливо за читање зар не? Она што треба да го знаете уште од сам старт дека овој доктор е лажен, лекот кој го нуди е непроверен и ова е типична онлајн измама
109-годишен кардиолог од Македонија ја споделува тајната за долговечноста и доброто здравје. Звучи интересно и примамливо за читање зар не? Она што треба да го знаете уште од сам старт дека овој доктор е лажен, лекот кој го нуди е непроверен и ова е типична онлајн измама
Написот кој што го рецензираме, а се споделува на социјалните мрежи, прикажува наводен доктор Михаел Тренески кој го претставува како 109 годишен кардиолог од Македонија кој нуди лек за крвните садови кој ќе ви помогне во многу болести и ќе ве направи да се чувствувате помладо.
Ваков доктор во Македонија не постои! Ликот на овој доктор во овој текст е целосно измислен.
Прво не постои кардиолог во Македонија кој што се вика Михаел Тренески и има 109 години. Таков доктор не може да се најде во листата на специјалисти на Фондот за здравствено осигурување од шифрарникот на Специјалисти лекари од јавните и приватните здравствени установи.
Неговото име не се појавува ниту кога ќе се пребара на Гугл, што значи дека тој не постои.
Наводниот доктор е претставен со фотографија под која се вели: На 109-годишна возраст, д-р Тренески доби честитки и од претседателот. Фотографија од ординацијата на д-р Тренески.
Ова е апсолутна невистина. Ниту на фотографијата е преставен д-р Тренески, ниту тој добил било какви честитки од претседателот.
Кога ќе се пребара неговата фотографија на Гугл, јасно се гледа дека тој не е никаков доктор од Македонија. Станува збор за доктор Волтер Вотсон, од Агуста, Џорџија, САД. Во 2010 година кога имал 100 години (а не 109) тој бил најстариот доктор во светот со 63 годишно искуство како акушер.
Доктор Ватсон починал во 2012 година, на 102 годишна возраст.
Истиот текст може да се најде и на англиски јазик буквално од збор до збор. Но, таму овој доктор е претставен како доктор Клајд Батлер. Повторно невистина и манипулација. Во тој текст, за разлика од овој на македонски, лекот се вика „Напредна формула за рамнотежа на крвта“ (Blood Balance Advanced Formula).
На страницата на македонски јазик, лекот се вика „Хипертеа“. Во текстот се тврди дека тој помага при чистење на крвните садови, а некои од многуте придобивки кои му се припишуваат се и регулирање на крвниот притисок и подобрување на општата здравствена состојба. Но, ова не е лек. Не е официјален, ниту е одобрен од релевантни институции, ниту може да се најде на официјалниот регистар на лекови на Министерството за здравство, ниту во аптеките.
Овој чај, кој што се рекламира на неколку веб и фејсбук страници, е, всушност, суплемент (додаток) за чија што ефикасност нема ниту официјални истражувања, ниту било какви докази. Нема податоци ниту за неговиот состав, ниту конкретни податоци за производителот. Во текстот е изнесена невистина во однос на истражувања поврзани со лекот, кои што имаат за цел да звучат вистинито, но не се.
На веб-страницата на Институтот за кардиоваскуларни заболувања е претставена официјалната статистика од клиничките студии. Во нив учествуваa околу 2 илјади пациенти, сите користеа “Hypertea” при третманот.
Ваков Институт за кардиоваскуларни заболувања во Македонија не постои, па така и резултатите кои што наводно се добиени со наводни клинички студии се, всушност, фабрикувани и нереални.
Ова е типична онлајн измама која неетички го користи страдањето на луѓето кои што имаат здравствени проблеми со цел да ги намамат да купат наводен лек и да потрошат еден куп пари. Притоа се користи непостоечки лекар со лажен идентитет, кој е создаден да прикаже лажна реалност за да ги измами луѓето и да ги навлече да потрошат пари без притоа тие вистински да ја добијат помошта која што им е неопходна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар