Ан Ројал – Првата жена новинарка во дневен весник во САД

 

Надгробниот камен на гробот на Ен Ројал на Конгресните гробишѓта во Вашингтон. Фото: Википедија
Надгробниот камен на гробот на Ан Ројал на Конгресните гробишта во Вашингтон. Фото: Википедија

 

Ан Њупорт Ројал (Anne Newport Royall, 11 jуни 1769 – 1 oктомври 1854), се смета за првата американска жена новинар во дневен весник. Tаа својата кариера како новинар во весник ја почнала дури на 62- годишна возраст. Пред да почне да работи како уредник и издавач на весникот „Пол прај“ (Paul Pry), подоцна преименуван во „Хантрес“ (The  Huntress, ловџика), Ројал била патувачки дописник.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Во нејзините години како новинар и уредник, имала многу конфронтирачки стил. Таа постојано водела кампања против корупцијата на власта во Вашингтон. Во едно свое излaгање, таа разоткрила службеник вработен во Претставничкиот дом, а кој работата ја добил преку непотизам. Тој бил задолжен за водење на платниот список. Интервјуто на Ан Ројал со Џон Квинси Адамс ја прави првата жена новинар што го интервјуирала претседателот на САД.

 

БРАКОТ НА АН ЊУПОРТ СО ВОЕНИОТ ВЕТЕРАН ВИЛИЈАМ РОЈАЛ

Таа била родена како Ан Њупорт во Балтимор, Мериленд. Нејзиното  семејството мигрирало во Западна Вирџинија. Таму, 16-годишната Ан и мајка ѝ, која била вдовица, почнале да работат како слугинки во куќата на Вилијам Ројал, богат и моќен мајор од времето на Американската револуција, масон и голем верник. Ројал, угледен џентлмен и фармер, 20 години постар од Ан, бил заинтересиран за неа и се заложил за нејзиното образование, запознавајќи ја со делата на Шекспир и на Волтер, дозволувајќи ѝ да ја користи неговата огромна библиотека.

Ан и Вилијам Ројал се венчале во 1797 година. Тие немале деца, но живееле во среќен и хармоничен брак. Сопругата го идеализирала својот сопруг, а неговото мислење, било и нејзино. Кон крајот на неговиот живот, Ројал бил инвалид и имал постојана медицинска нега.

Двојката живеела удобно заедно цели петнаесет години, сè до неговата смрт во 1812 година. Неговата смрт ги расипала односите меѓу Ан и неговите роднини, кои ја обвинувале дека никогаш не се венчала со Вилијам легално и дека тестаментот, во кој тој ѝ го оставил поголемиот дел од неговото богатство, е лажен. По седум години, тестаментот бил поништен и таа била оставена „без денар“.

 

„ПИСМАТА ОД АЛАБАМА“

Следните четири години Ан ги поминала патувајќи околу Алабама, пишувајќи писма до еден пријател за еволуцијата на оваа млада држава, кои подоцна, всушност, беа преточени во ракопис објавен како „Писмата од Алабама“ (Letters from Alabama). Таа, исто така, ја има напишано и новелата „Човекот од Тенеси“ (The Tennessean), а потоа тргнала за Вашингтон.

Таму стигнала во јули 1824 година и доставила барање за федерална пензија како вдовица на воен ветеран. Според законот за пензионирање во тоа време, вдовиците морале да се изјаснат за нивните случаи пред Конгресот. Таа останала незадоволна, сè додека Конгресот не го усвоил новиот пензиски закон во 1848 година. Дури и тогаш, семејството на нејзиниот покоен сопруг ги барало парите од нејзината пензија.

 

Ен Ројал и Џон Квинси Адамс. Фото: suprmchaos.com
Ан Ројал и Џон Квинси Адамс. Фото: suprmchaos.com

 

ИНТЕРВЈУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏОН КВИНСИ АДАМС

Додека во Вашингтон се обидувала да обезбеди пензија, Ан го „начекала“ претседателот Џон Квинси Адамс за време на едно од неговите вообичани капења во раните утрински часови, во реката Потомак. Најчесто се раскажува, како апокриф(1), дека таа ги собрала алиштата на претседателот и седела врз нив додека тој не ѝ одговорил на нејзините прашања, изработувајќи го нејзиното прво интервју со претседател некогаш дадено на жена.

Адамс  го поддржал барањето на Ан за пензија. Тој, исто така, ја поканил да ја посети неговата сопруга, Луиза Адамс, во нивниот дом во Вашингтон.

 

„ПАТНИКОТ“

Ан потоа тргнала на турнеја кон Нова Англија, Пенсилванија, Њујорк и кон Масачусетс, правејќи белешки и користејќи ги масонските врски, кои ѝ помогнале да ги финансира нејзините патувања.

Во 1826 година, на 57-годишна возраст, таа ги објавила своите белешки во книгата „Скици на историјата, животот и на обичаите во Содинетите Американски Држави“ (Sketches of History, Life and Manners in the United States). Нејзината прва книга била објавена на Хатфорд, Конектикат, под псевдонимот „Патникот“ (A Traveler). Нејзиниот претходен ракопис, „Тенесијан“, е објавен една година подоцна.

Саркастичните забелешки во нејзините книги и ставовите за одредени прашања, изнесени во јавноста, предизвикале помешани чувства и ѝ донеле моќни непријатели. Таа била исмевана како ексцентрична кавгаџика, како Вираго(2), и (според зборовите на еден уредник на весник) „литературна дива мачка од провинција“.(3)

 

СУДЕЊЕТО НА РОЈАЛ

Во 1829 година, Ан Ројал се вратила во Вашингтон и почнала да живее во Капитол хил, во близина на една пожарна станица. Пожарната, која била изградена со федерални пари, ѝ дозволувала на мала група презвитеријанци да ги користи нејзините средства за свои потреби. Ројал, која долго време ги користела презвитеријанците како објект на презир во своите пишувања, се спротивставила на нивното користење на зградата, бидејќи, според неа, се „замаглувала границата меѓу црквата и државата“. Таа тврдела дека некои од децата на оваа заедница фрлале камења кон нејзините прозорци, дека еден член на заедницата почнал тивко да се моли под нејзиниот прозорец, а други ја посетувале во обид да го сменат нејзиното мислење за презвитеријанците. Ројал одговорила на нивните омаловажувања така што ги проколнувала, поради што била уапсена. Таа била судена и осудена за „јавно вознемирување и конфронтирање со луѓето од соседството“. Иако во близина имало изградено столче за потопување во вода(4), судот пресудил дека ваквиот традиционален начин на казнување е застарен, и таа била казнета со 10 долари. Двајца новинари од Вашингтон, од весникот „Нешнел интелиџенсер“  (The National Intelligencer), ја платиле казната. Засрамена од инцидентот, Ројал го напуштила Вашингтон и продолжила со патувањето.

 

ПОЧЕТОЦИТЕ И КРАЈОТ НА НОВИНАРСКАТА КАРИЕРА

Враќајќи се во Вашингтон во 1831 година, таа, од нејзиниот дом, со помош на еден пријател, Сали Стак, почнала да објавува дневен весник. Весникот  „Пол прај“ (Paul Pry) ги откривал политичката корупција и измамите. Тој ги содржел и нејзините уреднички белешки, писма до уредникот, како и нејзините одговори и реклами. Весникот се издавал до 1836 година, кога бил заменет со „Хантрес“ (The  Huntress).

 

„Хантрес“. Весникот на Ен Ројал. Фото: Конгресна библиотека
„Хантрес“. Весникот на Ен Ројал. Фото: Конгресна библиотека

 

Во креирањето на нејзиниот весник, Ројал била слободен уметник во политичка смисла, а весникот имал политичко влијание кое не било за потценување. Ставовите за кои се залагала, главно, биле за општо добро. Таа била брза во детектирањето мито и разни политички шеми. Во една пригода ѝ биле понудени 1.000 долари за да молчи за некои работи, на што одговорила дека не е за продажба.

Но, г-ѓа Ројал си била самата на себе најголемиот непријател. Таа во ниту еден момент не била умерена во своето изразување и често имала проблеми поради тоа. Нејзиното пенкало било зајадливо, бидејќи таа немала трпение со заобиколувањата и искрено се залагала за она во што верувала дека е добро за јавноста.(5)

Мажите кои имале јавни функции, а кои биле причината да не добие пензија сѐ до нејзината 80-годишна возраст, ги „дерела“ безмилосно. Сепак, таа никогаш не се откажала од борбата и конечно ѝ биле доделени 40 долари месечно.

Во личниот изглед, г-ѓа Ројал била ниска и многу дебела. Таа имала розови образи, руса коса, многу светли сини очи, а нејзиниот фустан бил секогаш внимателно уреден. Била добар говорник и имала добра смисла за хумор, била лојална на своите пријатели, а младите момчиња се восхитувале од нејзината храброст и од нејзината наклонетост кон брзи и духовити коментари.

Ројал починала на 85-годишна возраст, во 1854 година, со што бил ставен крајот на нејзината 30-годишна кариера со весникот.

Погребана е на Конгресните гробишта(6) во Вашингтон.

Америка се гордее со Ан Ројал. Нејзината најголема грешка лежи во нејзината кратковидност додека „го гледала плевелот меѓу пченицата“. (7)

 


(1) Средновековен расказ поврзан со библиски настан, односно народно толкување на библиски настан

(2) Жена која демонстрира примерни и херојски квалитети

(3) Цитат од текст за Ан Ројал објавен на „Википедија“

(4) Ducking-stool била направа која во тоа време се користела како казна за неуредните жени негодувачки, односно таквите жени се врзувале за столче и се потопувале во вода како патки.

(5) Цитат од текст објавен на веб-страницата womenhistoryblog.com 

(6) Конгресните гробишта се историски „гробишта на националната меморија“, основани пред Граѓанската војна. Таму се погребани повеќе од 65.000 луѓе, вклучувајќи многумина кои помогнале во градењето на нацијата и на градот Вашингтон во раните години од 19 век.

 (7) Цитат од блогот на JD Thomas објавен во Accessible archives

 

Користени извори:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција