АНАЛИЗА: Ќе се повтори ли ланскиот инвестициски пик?

 

Пишува: Анета Додевска

 

Во очекување на полноправното челенство во НАТО и датум за почеток на пристaпните преговори, дел од европските земји веќе им ги даваат првите насоки на своите инвеститори да се охрабрат и да вложуваат во земјава. Но, дел од домашните бизнисмени упатуваат на сè уште присутните проблеми кои го кочат инвестирањето, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Последните податоци покажуваат дека првото економско полугодие, за разлика од ланското, не е охрабрувачко кога се работи за странските директни инвестиции.

 

ВО ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ САЛДО НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ОД 55,6 МИЛИОНИ ЕВРА…

Политиката ја засени економијата, па дури одредени коруптивни случаи донесоа нов бран на незивесност и недовреба. Иако статистиките покажуваат раст на БДП, сепак бројките за странските инвестиции упатуваат на сè уште присутна воздржаност за поагресивно вложување – коментираат за “Порталб“ економистите поврзувајќи ја инвестициската активност и со очекуваниот датум за почеток на преговори со Европската Унија.

Последните достапни податоци на Народната банка покажуваат дека од јануари до крајот на јуни салдото на вкупните странски директни инвестиции изнесувало 55,6 милиони евра. Во првото економско полугодие од годинава во однос на истиот период лани СДИ се намалени за 257 милиони евра. Ланската 2018 година, според податоците, е една од најуспешните инвестициски години, а оваа 2019 досега засега не ги навестува овие резултати.

Странски директни инвестиции:

2019  година  (јануари-јуни)       55,63 милиони евра

2018 година                               624,49 милиони евра

2017 година                               181,73 милиони евра

2016 година                               338,43 милиони евра

2015 година                               216,72 милиони евра

2014 година                               205,14 милиони евра

2013 година                               252, 20 милиони евра

Ланскиот инвестициски пик позитивно се одрази и врз учеството на странските директни иневстиции во БДП, достигнувајќи 5,8%. Претходните години забележан е пораст на уделот на СДИ во БДП, но, сепак, според стапките земјава и натаму заостанува во однос на европскиот просек. Така, учеството на странските директни инвестиции во 2017 година изнесувало 4%, во 2016 година 4,9%, во 2015 година 4,6%, во 2014 година 5,3%, а во 2013 година 4,8% учество на СДИ во БДП.  

Според анализите на НБМ, во првото полугодие од годинава забележано е забрзување на годишниот раст на увозот за инвестции, но и на државните капитални инвестиции, што се одрази врз стапките на раст на вкупната економија.

Економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, со реална годишна стапка на раст од 3,1% (4,1% во првиот квартал). Растот е движен од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес. Во првата половина од годината, растот на БДП изнесува 3,6% и е малку поумерен од очекуваниот за овој период од годината – велат од Народната банка.

 

ШТО ОЧЕКУВААТ ДОМАШНИТЕ И СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ…

Во предворјето на полнопрановото членство на земјава во НАТО, Франција, која сè уште е без конечна одлука за поддршка на пристапните преговори со ЕУ, сепак им дала насоки на своите инвеститори да влезат во анализи за инвестирање во Македонија. Ова неодамна го потврди францускиот амбасадор Кристијан Тимоние. 

За жал, банката „Сосиете Женерал“ се одлучи да се повлече поради малиот пазар, со што ќе се изгуби видливоста на францускиот интерес за стопанска соработка со Македонија. Моментално сме ангажирани за завршување на физибилити-студијата за изградба на колектор за отпадни води во Скопје, за чија изведба ќе се распише меѓународен повик. Дали француска компанија ќе го добие тендерот ќе видиме, но знаеме дека француската компаниата NGE ќе го поставува колекторот и ќе и требаат соработници – изјави Тимоние.

Дел од бизнисмените, користејќи ја секоја можност, предочуваат на сè уште присутните слабости и проблеми со кои се соочуваат, особено алудирајќи на административните процедури, на променливоста на законите, на отстуството на политичка стабилност, но и на воздражност на банките за поголема поддршка на домашните  фирми.

Како извозно ориентирани, за да опстанеме на надворешните пазари, мора да сме во тек со сè што се случува во светот – автоматизација, дигитализација.. Назад сме. Не дека нема средства, комерцијалните банки имаат, но долгорочните кредити имаат одредена ставка на трошок кај компаниите, а времетрањето на нивниот поврат е релативно кратко што создава проблем со недостиг на кеш. Во овој период на создавање нов човечки капитал, ќе ни биде од голема помош ако Македонската банка за поддршка и развој се преструктуира со цел во фокусот да ѝ биде поддршката на индустриите кои се 100 отсто извозоно ориенитрани – порача Ирена Јакимовска, менаџерка на компанијата „Комфи ангел“ – Прилеп.

Советот на странски инвеститори во земјава укажа на повеќе сегмени во кои се потребни промени за подобра бизнис клима: зајакнување на инструментите за борба против неформалната економија со цел да се обезбеди фер конкуренција на пазарот, поголем степен на доверба во институциите на системот, воспоставување стабилно, предвидливо и конкурентно опкружување како елементи од суштинско значење за секој странски инвеститор, создавање недвосмислени и применливи закони со можност за учество на бизнис-секторот во нивната подготовка, како и продолжување  со реформите во јавната администрација.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција