АНАЛИЗА: 2018 година – економски порази и победи!

Скопје Фото: portalb.mk

 

2018 беше година на политички пресврт, но не и на економски. Решавањето на спорот за името со Грција ја стави економијата во „втор план“, но дел од економистите се надеваат дека овој влог ќе донесе бенефит за економијата – одржлива политичка и безбедносна стабилност како услов и за економска стабилност. „Порталб“ анкетираше повеќемина аналитичари кои преку сопствените ставови даваат оценка за економската 2018 година.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ВОЗДРЖАН БИЗНИС, НЕОСТВАРЕНИ ЈАВНИ ИНВЕСТИЦИИ….

Лазечки стапки на економски раст, ниско ниво на остварување на капитални инвестиции, пораст на долговите. Ова се негативните референции на економијата кои според дел од економистите ја одбележаа 2018 –та, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.  Аналитичарите во едно се едногласни,  а тоа е дека во годината што измина немаше  драстични промени во економските политики, но имаше обиди да се промовираат нови политики кои треба да донесат промени во идно време.

2018 е година која што со ништо не се разликува од претходните години. Оваа година ја завршуваме со ниска стапка на економски раст, далеку под проектираното ниво, со ниска стапка на реализација на  капитални инвестиции,  без вложувања во зголемување на пазарот на капитал и на работна сила,  со што оваа година од економски аспект се смета како изгубена. Одредените поместувања во структурата на економскиот раст се резултат на одредени состојби во активноста на стопанството, а не и резултат на јакнење на производниот капацитет на домашната економија – вели професорот Сами Бислими.

Едно од клучните ветувања на Владата беше релаксирана бизнис клима, ослободување на фирмите од „притисок“ и „рекетарство“, објаснува професорот Мирољуб Шукаров. Според него во годината што измина забележителна беше инвестициската апстиненција.

Владата ветуваше релаксирана деловна клима и запирање на притисокот кој се вршеше континуирано во минатиот период врз фирмите. Многу фирми беа на удар поради интересот да се наплати законски и незаконски данок, царина, такса или рекет, казна, или да се изнуди прилог, подарок. Сепак, резултати од овој вид ветувања сѐ уште нема и доколку има тие се спорадични. Поголемиот дел рекетираните фирми во периодот на поранешниот режим останаа или ликвидирани или блокирани во долгите судски лавиринти или обременети со огромни казни и трошоци, па понекогаш и со ретроактивно дејство (царина, УЈП, разни министерства и агенции). Разрешница за нив сѐ уште нема на повидок. Напротив, се чини дека завладеала инерција и страв на вработените во јавната администрација да преземат какви и да се мерки за разрешување на напластените проблеми. Стравуваат од тоа дека може некој во иднина да преземе некакви казнени мерки против нив, па затоа се бранат со одлагање и неработење. Не сум многу оптимист дека ќе се изнајде некое генерално решение за овој вид проблеми. Морам да нагласам дека многу потенцијални инвеститори се воздржуваат да инвестираат гледајќи на секоја администрација како на пречка или потенцијална опасност – коментира за „Порталб“ професорот Шукаров.

Според левичарот Здравко Савески, 2018 година е година во која власта ја заборавила економијата.

Власта, среде дефокусирањето што го направи со националните прашања, се дрзна дури и да намалува работнички права, во долгоочекуваните измени во Законот за работни односи. Ја намали должината на огласот за вработување од пет на три дена, што особено ќе се одрази на вработувањата во јавниот сектор, каде што е потребно прибирање на доста документи за пријавување на работното место, а што ќе доведе до дополнително партизирање на јавниот сектор. Некој ќе спомне дека ја зголемиле минималната плата на 12.000 денари, но при тоа треба да се има предвид дека го внесоа кукавичкото јајце на нормираниот учинок, со што отворија широка порта за масовно кршење на минималната плата во реалноста. Добро е што Уставниот суд, по иницијативите на Левица и Сојузот на синдикатите, го укина спорниот нормиран учинок, па опасноста да дојде до масовно кршење на минималната плата во реалноста барем малку се ограничи – вели Здравко Савески од „Левица“ и додава :

Генерално, обичните луѓе во 2018 година продолжија да го крпат животот. И, разочарани од истоветноста на сегашната власт со претходната, уште повеќе единствениот спас го гледаат во иселувањето.

 

 

ПОЗИТИВЕН НАСТАН: РАСТ НА МИНИМАЛНА ПЛАТА И БУЏЕТСКА ПОДДРШКА ЗА ДОМАШНИТЕ ФИРМИ …

Според економистите, како позитивни импулси кои можат да се издвојат во економската 2018 година, ги посочуваат:  политики за поддршка на домашниот бизнис, зголемена поддршка за најранливата категорија на граѓани – социјално загрозените, мерки за намалување на невработеноста, раст на минималната плата.

Ќе го посочам зголемувањето на минималната плата како важен потенцијален инспиратор на растот на домашната потрошувачка и можен фактор на влијание, од доле кон горе, врз растот на БДП. Идејата е добра и може да даде позитивни резултати и во однос на просечниот пораст на платите, но и врз стимулирање на долгорочниот тренд на раст на индуцираните инвестиции и доходната рамномерност како фактор на раст, признаена во целиот свет – вели професорот Шукаров.

Според Савески, еден од проблемите кои ќе се прелеат во 2019 година ќе биде задолжувањето.

Според тоа што и сегашната власт продолжи да продуцира дефицит во буџетот, продолжи да ги задолжува идните генерации – промени нема. А можеа, бидејќи проектираа приходи за следната година онолку колку што беа расходите за оваа година, да конципираат буџет кој, првпат по подолго време, немаше да содржи дефицит. Ама, не! Бидејќи сме биле среднозадолжена земја, тоа го сметаат за зелено светло да нѐ претворат во високозадолжена земја! И трошењето на буџетските средства не индицира некоја позначаен исчекор. Загадувањето е едно од најгорливите проблеми? Порастот на буџетските средства е бедни 0,6% во споредба со 2017 година. За разлика од буџетските средства за интеграција во НАТО кои експлодираа за неверојатни 956% во однос на 2017 година.- вели Савески за „Порталб“.

Професорот Бислими пак препознава позитивен сигнал во најавените промени во социјалниот сегмент, односно во обидот на власта да го намали длабокиот економски и социјален јаз во општеството.

Одредени промени во социјалната сфера, конкретно Законот за минимална плата и проектот за прогресивно оданочување на доходот можат да се сметаат за позитивни чекори, но сето тоа е недоволно за да се даде позитивна оценка во поглед на реализација на основните цели на економската политика. Долговите растат, а нема реализација на некаков значаен проект во економската сфера што би бил во функција на поттикнување на економскиот раст и развој- смета професорот Бислими.

Во годината што Владата промовираше политики за засилена поддршка на домашните компании, како потег кој следуваше по бројните критики за дискриминаторски однос на домашниот во однос на странскиот бизнис.

Можеби треба да се истакне обидот да се даде буџетска поддршка на домашната стопанска активност преку мерките кои се преземени за раст на долгорочната вработеност, иновативност, извоз, проширување на соработката со компаниите во ТИРЗ, па и оформување на деловни истражувачки центри. Ефектите и за тие мерки ќе ги мериме догодина, како и силната активност за проверка на поранешните капитални инвестиции и зголемување на административниот капацитет за таа цел – вели професорот Шукаров.

Владата најави дека 2019 година ќе биде во знакот на економијата, односно дека по решавање на надворешните и внатрешните политички прашања, следната година фокусот ќе биде на економските.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција