АНАЛИЗА: 2026 треба да биде година на економски резултати, да се види ветуваниот напредок
Поскапа струја, поскапени здравени услуги, застој во исплатата на средствата од ИПАРД 3 за земјоделците, мегаинфраструктурни проекти, нова Еврообврзница – стартуваше економската 2026 година
Поскапа струја, поскапени здравени услуги, застој во исплатата на средствата од ИПАРД 3 за земјоделците, мегаинфраструктурни проекти, нова Еврообврзница – стартуваше економската 2026 година
Владата проектира успешна економска 2026, економистите очекуваат резултати
Економскиот раст ќе забрза, инфлацијата ќе забави. Новата 2026 година според буџетското „сценарио“ на ласта ќе биде успешна година – зголемена наплата на приходи, дисциплинирани расходи, износ на капитални инвестиции поголем од „дупката“ во буџетската каса, пишува Порталб. Според економистите, оваа година треба да биде годината во која ќе се испорачаат видливи резултати.
2026 ќе биде година во која ќе се види дали стабилизацијата ќе се претвори во вистински напредок. Инфлацијата би требало постепено да се намалува, а растот може умерено да забрза ако започнат клучните јавни инвестиции и ако надворешното окружување остане стабилно. Но, тоа е можно само под неколку услови: доследна фискална политика, подобра реализација на инфраструктурни проекти, поголема предвидливост во регулативата и задржување на монетарната стабилност како централен приоритет, изјави за Порталб економистот и универзитетскиот професор Синиша Наумовски.
Доколку овие услови се исполнат, 2026 може да биде година на реална консолидација и постепено забрзување на економијата. Ако не — ризикуваме повторно да се движиме со истата инерција, недоволна за суштинско подигање на животниот стандард. Надворешни ризици – зависност од германската економија, геополитички тензии, можни нарушувања во синџирите на снабдување, додава Наумовски.
Новата 2026 г. за граѓаните започнува со поскапена електрична енергија, и тоа за сите блокови и за двете тарифи, скапата и евтината. Пациентите од 1 јануари плаќаат поскапа здравствена партиципација од 33 до скоро 50 отсто. Оваа 2026 г. ќе биде неизвесна и за земјоделците – се прелеа проблемот со запрените исплати на средства од ИПАРД 3 програмата поради корупциски скандал во врвот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство, а ќе чекаат да им се исплатат заостанатите субвенции и средства по основ на други мерки.
Во најава – големи планови за реални инвестиции
Во новата економска година капиталните инвестиции се проектирани на 640 милиони евра – и тие треба да бидат столбот на економскиот раст, велат економистите.
Клучен предизвик за нас, овие глобални случувања, е поголемо искористување на глобалните текови на капитал, преку инвестиции. Дел од овие текови се и пари од ЕУ и нејзините институции и банки, што е важна, ако не и клучна задача за Владата. Добро е што се започнаа крупни инфраструктурни проекти во транспортот (железницата) и сметам дека треба и мора да бидеме уште по амбициозни, по „гладни“ пред ЕУ за нови. Ако се успее во навремена и целосна реализација на започнатите проекти, растот на БДП ќе стане одржливо висок (зборувам над 4%) што за релативно краток период од година до две ќе биде и многу видлив за граѓаните – вели за „Порталб“ економистот Јован Деспотовски.
Во 2026 г. најавен е почеток на мегаинвестиции во патната и железничката инфраструктура, но и завршување на веќе почнатите проекти. Така оваа година, според последните најави, треба да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид кој почна да се гради во 2014 година.
Во оваа 2026 г. се прелеа синдикалната битка за поголем пораст на минималната плата – законско усогласување во износ од 1.500 до 1.600 денари ќе се случи во март. Приватниот сектор очекува стабилна и предвидлива бизнис – клима. Економистите велат дека потенцијал за инвестирање има.
Втор приоритет е зафаќање на капиталните текови во приватна сфера. Тука се странските инвестиции, но и домашните компании и капитал. Податокот дека имаме 10 милијарди евра депозити на граѓаните и економијата во банките едноставно мора да се искористи. На пример, да се размисли за воведување на гаранции за „мали“ вложувања на граѓаните во инвестициски фондови кои пак инвестираат не во акции и обврзници на светските берзи, туку во развој на домашните компании. Ако со ваква една мерка се „ослободат“ 50, 60 милиони евра за почеток, тогаш со добри резултати ефектот само ќе се засилува. Впрочем, Македонија нема секако да биде прва во Светот што го прави ова, но секако ќе биде пионер во регионот, од кој ќе можат да учат и останатите, вели Деспотовски.
Сепак вкупните економски текови ќе бидат условени и од надворешните влијанија, воените конфликти, протокот на стоки и услуги во глобални рамки, царинските и тарифните политики на САД, економската состојба на нашите најважни трговски и инвестициски партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар