АНАЛИЗА: Бизнис релации со САД – трговска размена од 197 милиони евра, американски експерти ќе ни помагаат за финансиите

Фото: 3dmitry - Canva

Новиот претседател на САД, Трамп најави отворање на „царинска војна“ со повеќе држави. Светот се подготвува и за „трговска војна“ меѓу двете водечки економии во светот, кинеската и американската. Идните економски потреси на САД се следат со големо внимание и на европско тло. САД е стратешки партнер на Македонија, топ-дестинација за нашите портфолио-инвестиции, но и инвеститор во земјава, пишува Порталб.мк.

Новиот претседател на САД, Трамп најави отворање на „царинска војна“ со повеќе држави. Светот се подготвува и за „трговска војна“ меѓу двете водечки економии во светот, кинеската и американската. Идните економски потреси на САД се следат со големо внимание и на европско тло. САД е стратешки партнер на Македонија, топ-дестинација за нашите портфолио-инвестиции, но и инвеститор во земјава, пишува Порталб.мк.

 

 

Американски експерти ќе ни даваат совети за Буџетот

Експерти од американскиот Трезор ќе му помагаат на македонското Министерство за финансии. Се работи за техничка поддршка која ја овозможува потпишаниот договор со Канцеларијата за техничка помош на американското Министерство за финансии за проект за подобрување на управувањето со јавни финансии.

Целта е со техничка поддршка од Трезорот на САД да се спроведат процеси кои се предвидени со Законот за буџети, кој, пак, е основата за реформите во јавните финансии. Ќе се работи на подзаконски акти, подготовка на нова буџетска структура, развивање индикатори на успешност, модернизација на процесите, подобра наплата на приходите, зајакнување на даночната контрола, велат од Министерството за финансии.

Експертската помош ќе се насочи кон Управата за јавни приходи и Царинската Управа. Јавните финансии се само еден сегмент во кој бараме и добиваме експертска помош. Лани беше потпишан Меморандум за експертска логистика во изработка на Национална стратегија за безбедност. САД дадоа и значајна логистичка и финансиски поддршка за правосудството.

Реформските процеси во земјава од САД се поддржани не само со експерти туку и со финансии. Изминативе три децении според проценките на Американската амбасада во Скопје, во земјава се вложени околу 560 милиони долари за поддршка на демократските процеси, добро владеење и за независно судство.

 

Позначајни американски инвестиции и трговска размена

Веднаш по стапувањето на премиерската функција, при првата посета на Вашингтон, Мицкоски ја најави инвестицијата на компанијата „Вабтек“ во износ од 35 милиони евра. Треба да се отворат 100 работни места. Оваа инвестиција треба да се реализира во Бунарџик, и токму поради ваквиот план, во мандатот на претходната Влада, Комисијата за заштита на конкуренција побарала од инвеститорот да го задржи постоечкиот објект во Скопје, доколку сака паралелно, нова инвестиција во ТИРЗ зоната. Ваквото решение било тужено на Управен суд кој пресудил во корист на ТИРЗ. По промената на власта  „Вабтек“ се најавува како нова инвестиција, иако долги години во погоните на некогашен „Маталски Завод – Тито “ компанијата произведува сопирачки за возови, главно за странски пазари.

Прва фабрика со слободната зона Бунарџик, Скопје, отвори американската компанија „Џонсон Контролс“, во 2006 година. Производствени погони се проширија и во Штип и во Струмица, со инвестиција од по околу 20 милиони евра . Оваа американска компанија помина низ сопственички промени во 2014 г. кога беше потпишан договор за преземање во делот на автомобилска електроника, од исто така американската групација од автобизнисот „Вистеон корпорејшен“ . Зделката се процени на 265 милиони евра.

На почетокот на 2022 година, тогашниот министер за економија Крешник Бектеши ја врачи употребната дозвола за новиот производствен погон на американската компанија „ЛЕАР“. Во ТИРЗ Тетово. Инвестицијата беше проценета на 15 милиони евра и тоа беше втор погон на оваа компанија која произведува седишта за возила.

Во октомври 2021, американската компанија „Амфенол“, на осумгодишнината од работењето во Македонија, отвори нов погон во Кочани, со вредност на инвестицијата од 5 милиони евра. И оваа групација е од автоиндустријата, се занимава со производство на кабли. Според последните достапни податоци, во компанијата работат околу 2 300 вработени. Според податоците од „Амфенол Технолоџи Македонија“ вредноста на вкупната инвестиција се проценува на 50 милиони евра.

Заклучно со 2023 година вкупните странски инвестиции на САД во земјава изнесуваат скоро 174 милиони евра што ги вбројува на 11-то место како поединечна земја – инвеститор. Од друга страна САД е нашата најголема инвестициска „дестинација“ , на крајот од првата половина од оваа година портфолио-инвестициите во САД се проценети на 716,7 милиони евра

САД се на листата „20 најголеми трговски партнери на Македонија“. Според најновите податоци од Заводот за статистика, од јануари до септември вкупната трговска размена со САД изнесува 197,5 милиони евра и во однос на лани истиот период таа е намалена за 13,4 отсто.

Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Вредноста на извозот од земјава во САД изнесувал 62,7 милиони евра и во споредба со лани е зголемен за дури 78 отсто, додека вредноста на увезените добра и услуги била 134,7 милиони евра со тренд на пад за 30 отсто.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција