АНАЛИЗА: Бран на пензионери од вториот пензиски столб во 2029/30 – „борба“ за стабилност на пензискиот систем или реформи

Фото: portalb.mk

Само 1% од пензионерите примаат максимален, највисок износ на пензија од над 64.518 денари, од друга страна најголем број на пензионери или 36,81% имаат пензија од 20.229 денари до 23.945 денари. Владата со помош на Светска Банка започна анализа на состојбата во сегашниот пензиски систем, со најава за можна реформа, пишува Порталб

Само 1% од пензионерите примаат максимален, највисок износ на пензија од над 64.518 денари, од друга страна најголем број на пензионери или 36,81% имаат пензија од 20.229 денари до 23.945 денари. Владата со помош на Светска Банка започна анализа на состојбата во сегашниот пензиски систем, со најава за можна реформа, пишува Порталб

 

Скоро 64% од парите на осигурениците во вториот столб „врзани“ за државни обврзници

Вкупно 534 лица во 2025 година оствариле право на пензија и имале исплата освен од ПИОМ и од фондовите во вториот пензиски столб. Бројот на нови пензионери од вториот пензиски систем сè уште е мал, но првиот поголем бран се очекува во 2029/30 година, кога треба да се случи и првото поголемо растеретување на државниот фонд поради поголемите исплати и од приватните фондови. Но, според експертите, во овие четири години се очекуваат околу 110.000 нови пензионери што може да ги доведе во прашање финансиите на државниот ПИОМ.

Веќе гледаме дека Владата е во потрага по пари за ПИОМ, сега имаше законски измени со кои придонесот за осигурување во случај на невработеност што се плаќа во Агенцијата за вработување се намали 1,2% на 0,1% но на сметка на зголемување на придонесот за ПИОМ од 18,8% на 19,9%. Вкупната сума на придонеси не е зголемена, но направена е промена за да се зголемат приходите во државниот фонд, значи се бараат извори за финансирање – вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Според податоците од МАПАС интересно е дека лани 126 исплати од приватните фондови биле по основ на „еднократна исплата – наследство“, а имало и еднократна исплата на сумата по основ на пензија.

Во текот на 2025 година беа исплатени средства како наследство од индивидуалните сметки на 126 починати членови. Исто така, еднократно беа исплатени средства на 2 членови. Најголем дел од исплатите се во случаите на смрт на член, преку остварена семејна пензија, или исплата на наследство, па исплатите по основ на остварена инвалидска пензија, а најмал е бројот на еднократни исплати на членови и исплати на членови преку програмирани повлекувања – се наведува во годишниот извештај на МАПАС.

Годинава ќе има 150 нови пензионери кои ќе треба да добијат пензија од ПИОМ и од вториот пензиски столб. Според проценките на Владата, еден од главните аргументи за потреба од реформи е што средствата во приватните фондови не биле доволно „оплодени“ за да може да се обезбедат повисоки износи на пензија за идните пензионери.

Што се случува со 3.057.467.532 евра на вкупно 630.396 осигуреници во приватните задолжителни пензиски фондови?

Според податоците од МАПАС, дури 63,74% од парите на осигурениците се кај „државата“, инвестирани во домашни обврзници, а на второ место со удел од 25,46% се „инвестициските фондови“.

Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Од вкупните средства, 69% се пласирани на „домашен пазар“, а скоро 31% се инвестирани на странските пазари. Додека од Владата тврдат дека задолжителните приватни фондови доволно не ги оплодиле и инвестирале парите на осигурениците, токму тие фондови се во групата на најголеми „кредитори “на Владата преку купување на државни хартии од вредност.

Сега на некој начин граѓаните, осигурениците двојно им плаќаат на пензиските фондови. Прво преку придонесите и вторпат преку каматите, односно фондовите купуваат обврзници со пари на граѓаните и потоа државата им ги плаќа по основ на камати повторно со пари на граѓаните, од буџетот. Каква реформа е потребна, дали треба да се посегне по национализација, зголемување на старосната граница за пензионирање или зголемување на висината на придонесите, мора да се направи длабинска анализа зошто секоја промена ќе има последица за сите, и за компаниите и за осигурениците  – вели Најдовски.

Владата започна со анализа за состојбата во пензискиот систем, најавувајќи повеќе сценарија кои треба да ја подобрат состојбата во касата на државниот ПИОМ, со образложение да се обезбедат пари за идните генерации на пензионери кои сега се членови на вториот пензиски столб. Според последните достапни податоци, во земјава има 349.015 пензионери, а најбројни или 36,81% имаат пензија од 20.229 денари до 23.945 денари. Највисока пензија во износ од над 64.518 денари примаат само 1% од пензионерите.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција