АНАЛИЗА: Буџетски колач 2020 година – детали по кој основ и како ќе се трошат парите?

Повеќе пари за Претседателот на државата, за министерствата за одбрана, за внатрешни работи, за надворешни работи, за правда, за труд и социјална политика, за образование, здравство, за економија, дури двојно повеќе пари за Министерството за финансии – функции на држава. Со новиот Буџет за 2020 година дел од институциите, министерствата, агенциите, инспекторатите во однос на годинешниот основен Буџет добиваат повеќе пари, но дел – со намалени расходи.  Нови буџети ќе имаат и новите: Агенција за национална безбедност, Агенција за употреба на јазици како и Инспекторатот за употреба на јазици. „Порталб“ ги анализира расходите по буџетски корисници – кој и колку ќе добие од новиот буџетски колач и и по кој основ ќе се трошат парите?

 

Пишува: Анета Додевска

 

СИРОМАШТИЈА, РЕФОРМА НА АДМИНИСТРАЦИЈА, ИНВЕСТИЦИИ ВО ОБРАЗОВАНИЕ

За  11 – те владини програми дефинирани во Буџетот планирани се средства во висина од 670.000.000 евра додека за остварување на Развојниот дел од Буџетот одвоени ќе бидат 461.000.000 евра.

Така, преку владината програма за  „децентрализација“ планирани се средства во износ од скоро 350 милиони евра, за спроведување на мерки за намалување на сиромаштијата 62,2 милиони евра, за економски развој планиран е износ од 97,7 милиони евра кој доминира во расходите за владините програми, потоа за интеграција во ЕУ во однос на годинава планирани се средства повисоки за скоро четири пати, во износ од 73,6 милиони евра,  за реформа во јавната администрација 9,8 милиони евра.  За унапредување на животната средина преку Владината програма се одвојуваат 5,1 милиони евра, додека, пак, за инвестиции во образование кои опфаќаат изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на училишни спортски сали, реконструкција на ученички домови и изградба и реконструкција на студентски домови, се планирани 13,3 милиони евра.

Преку развојниот дел од буџетот најмногу пари е планирано да се одвојат за:

  • -Министерство за транспорт и врски – 82,4 милиони евра
  • -Министерство за финансии – функции на државата – 66,5 милиони евра
  • -Министерство за одбрана – 37,6 милиони евра
  • -Министерство за здравство – 22,2 милиони евра
  • -Агенција за вработување на Република Северна Македонија – 21,3 милиони евра
  • -Министерство за образование и наука – 16,6 милиони евра
  • -Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – 13,3 милиони евра.

 

ДЕЛБА НА БУЏЕТСКИ КОЛАЧ

Со основниот Буџет за 2020 година, кој не ги вклучува самофинансирачките извори, кредитите и донациите, во однос на годинешниот Основен Буџет, дел од министерствата и агенциите ќе добијат помалку пари. Креаторите на Буџетот за 2020 година најавија дека во новата буџетска година приоритет ќе имаат здравството, образованието и социјалната заштита преку “инвестиции во човечки капитал“.

Сепак, за дел од буџетарите се проектирани помали расходи, односно трошења. Во оваа група се: Комисијата за заштита од дискриминација догодина ќе троши буџет од  245.500 евра, Влада на Република Северна Македонија која со Основниот Буџет ќе има на располагање 60,2 милиони евра, Инспекцискиот совет со Буџет од 350.000 евра. Значајно намалување има на расходите Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на ниво на 934.000 евра за разлика од годинашните 3 милиони евра.  Се намалува буџетот на Заводот за статистика која ќе биде на ниво од 4,9 милиони евра.

Кај Министерството за транспорт во однос на годинешниот Основен Буџет има намалување, па така овој ресор преку Основен буџет ќе може да потроши 30,1 милион евра, но догодина  се планирани и заеми преку ова министерство во висина од 52,8 милиони евра, а дополнително од донации се планирани 11,4 милиони евра, со што вкупните расходи на Министерството за транспорт и врски догодина се позиционирани на ниво од 94,4 милиони евра.

Со новиот Буџет планирано е позначајно зголемување на расходите на Агенција за примена на јазикот која ќе има на располагање вкупни средства од скоро 100.000 евра,  Агенција за национална безбедност со вкупни расходи од 7,6 милиони евра, речиси за петпати поголеми во однос на годинава,  Инспекторат за употреба на јазици со двојно зголемен буџет во 2020 година од 170.000 евра. Буџет од 9,5 милиони евра ќе има на располагање новото Министерството за политички систем.

Според висината на вкупните расходи предничат Министерството за финансии – функции на држава, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за одбрана, Министерството за здравство и Министерството за образование.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција