АНАЛИЗА: Буџет 2026 – економски развојна или изборна година
Од сегашните 768,8 милиони евра за капитални расходи, сумата за следната година се намалува на 640 милиони евра. Јавните инвестиции ќе бидат столб на економскиот развој во 2026 година – најави министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, пишува Порталб
Од сегашните 768,8 милиони евра за капитални расходи, сумата за следната година се намалува на 640 милиони евра. Јавните инвестиции ќе бидат столб на економскиот развој во 2026 година – најави министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска. Предвидени се повеќе пари за пензии, плати, социјални трансфери. Новата буџетска година според власта ќе биде стабилна и развојна, а според опозицијата можно е да биде изборна, пишува Порталб
Капиталните расходи „стопени“, нова доза оптимизам за инфлација пониска 3 отсто
Економски раст сличен на годинешниот, стабилна инфлација од 2,5 отсто, нови задолжувања – Министерството за финансии до Собранието го адресираше новиот Буџет 2026 година. Буџетските приходи и расходи ќе растат, а буџетскиот дефицит во однос на годинашниот ќе се намали за 0,5 процентни поени.

Буџетските приходи следната година за првпат треба да надминат 6 милијарди евра додека буџетските расходи ќе бидат на историски највисоко ниво, надминувајќи 6,7 милијарда евра. Буџетскиот дефицит ќе изнесува 636.356.000 евра и во однос на годинава ќе биде намален за 0,5 процентни поени. Но, она што го предизвика вниманието на јавноста е намалувањето на износот за капитални расходи од сегашните 768,8 милиони евра на 640 милиони евра во 2026 година.
Растот и развојот се потпираат на капиталните расходи, а тие ќе се намалат не само како апсолутен износ туку и како процент од буџетот. Вообичаено со раст на приходите и на расходите, како што е најавено, тенденцијата треба да биде и пораст на јавните инвестиции. Што и какви инвестиции може да се спроведат со 640 милиони евра – половина од парите ќе бидат и веќе се резервирани за општините, а половина ќе треба да завршат кај „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите. Што ќе остане за другите стратешки инвестиции, железница, гасификација, здравство, образование? – прашува пратеникот и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи.
Според министерката за финансии намалениот износ на капитални расходи ќе биде одраз на реални инвестиции кои ќе можат да се реализираат во целост, а столб на развојот треба да бидат проектите на „Бехтел и Енка“. Министерката потврди дека годинава не се очекува целосна реализација на капиталните иневстиции и тоа било база за проекцијата во 2026 година.
Податоците покажуваат дека реализацијата на капиталните расходи нема да го достигне целиот планиран износ, така што согласно нивниот износ имаме намалување за околу 7 милијарди денари – изјави министерката.
Повеќе пари за плати, пензии, социјални трансфери
Во најавените контури на буџетската 2026 година поранешниот вицепремиер за економија Битиќи препознава навестување за предвремени парламентарни избори.
Повисоки плати и пензии, зголемени трошења, најави за нови задолжувања, а намалување на капиталните расходи – сето ова навестува предвремени парламентарни избори – вели Битиќи.
Следната година за социјални трансфери се планира износ од 3,34 милијарди евра што претставува зголемување од 6,7 отсто, за плати ќе се потрошат 854 милиони евра или 7 отсто повеќе во однос на оваа година, а за исплата на пензии скоро 1,9 милијарди евра што претставува раст од 9,7 отсто во однос на фискалните позиции за годинава.
И следната година се проектира стабилна стапка на инфлација од 2,5 отсто, слично како и за годинава која според Владата треба да заврши со инфлација на ниво од 2,8 отсто. За разлика од проценките на Владата, дел од економистите преку новата Анкета на НБМ оценија дека оваа година ќе заврши со инфлација од 3,9 отсто. Иста прогноза има и ММФ во новиот Економски извештај, а инфлација повисока од 3 отсто очекува и гувернерот на НБРСМ, Трајко Славески.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар