АНАЛИЗА: Државата под закана од „демографски крах“ – членство во ЕУ „брана“ за егзодусот
На годишно ниво државата може да губи и по над 22.000 жители. Трендот на иселенички егзодус не само што не запира туку може и да се влоши, па во 2032 година бројот на жители би можел да се „спушти“ под 1.600.000. Скорешното членство во ЕУ би ја спречило депопулацијата, а позицијата на државата пред вратите на ЕУ ќе ја засили, пишува „Порталб“
До Собранието е адресирана ревидираната Стратегија за регионален развој која нотира загрижувачки демографски трендови. На годишно ниво државата може да губи и по над 22.000 жители. Трендот на иселенички егзодус не само што не запира туку може и да се влоши, па во 2032 година бројот на жители би можел да се „спушти“ под 1.600.000. Скорешното членство во ЕУ би ја спречило депопулацијата, а позицијата на државата пред вратите на ЕУ ќе ја засили, пишува „Порталб“
Населението се „ситни“, се намалува бројот на живородени
Без скоро членство во Европската Унија, на Р. С Македонија ѝ се заканува егзодус, годишно може да губи и по 22.500 граѓани кои неповратно би ја напуштиле државата. Новата ревидирана Стратегија за регионален развој на РСМ 2021-2031 открива алармантни демографски прогнози. Отсега па за пет години, вкупната бројка на населението може да се спушти под 1.600.000 жители.
Според изготвената проекција на населението, опаѓање на бројот на населението се очекува во наредните години, а во 2032 година вкупната бројка на население би изнесувала 1.588.524 жители. Тоа значи намалување во однос на 2021 година за 13,5 отсто – се наведува во ревидираниот документ.
Според проекциите, годинава бројот на жители ќе се намали на 1.748.858 што е дури 22.500 жители помалку во однос на лани.

Анализата разработува неколку демографски сценарија, едно од нив е државата наскоро да не се приклучи кон Европската Унија.
Регресивно сценарио: Ова сценарио се поврзува со можноста членството во Европската Унија да се одложи. Очекувањата се дека во сегашни услови на просторна и економска организираност на руралниот простор, работоспособното население ќе продолжи да се одлива главно кон градските населби и надвор од државата. Ваквата емиграција во комбинација со намалената стапка на наталитет, неминовно ќе доведе до силно понатамошно демографско празнење на овие простори – се нотира во Стратегијата.
Во второто сценарио, доколку државата стане членка на ЕУ во следните 10 години тоа би резултирало со поповолна економска клима, подобра основа за одржување на умерено миграциско салдо и засилен економски раст, а во најоптимистичкото сценарио кое предвидува скорешно членство во ЕУ, понатамошната депопулација ќе биде ублажена па друи и спречена.
Оптимистичко сценарио: Се поврзува со можноста РСМ да стане дел од Европската Унија, да се пренасочат и стимулираат правците на внатрешните миграциски движења и да се создадат услови за доселување од странство. Со поголемите инвестирања би се создала можност за вработување и би се приближиле кон вредностите на стапките на вработеност и невработеност во земјите од ЕУ – пишува во ревидираната Стратегија.
Неповратното иселување на младо и работоспособно население целосно ќе ја промени демографската „карта“ на државата која сè повеќе е под закана од „стареење“.
Демографските проекции за нашата држава се негативни, односно учеството на лицата над 65 години ќе се искачи на над 34 отсто до 2055 година, бројот на лица над 80 години ќе се зголеми повеќе од шест пати во однос на состојбата во 2024 година, додека работоспособното население ќе се намали за речиси половина милион лица, што дополнително ќе ги засили притисоците врз јавните финансии – наведоа и ревизорите во анализата „Стареење на населението“.
Длабокиот демографски проблем со кој се соочува државата го потврди и Заводот за статистика – сумираните податоци за 2025 година покажаа дека во дури 66 општини има негативен природен прираст, однос повеќе починати од живородени, што е последица главно на иселување на младо население во странство. Бројот на живородени деца на годишно ниво е намален за 4,1 отсто.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар