АНАЛИЗА: Државни фирми, акционерски друштва и јавни претпријатија за три месеци ја намалија добивката за речиси трипати
Некои ги преполовија загубите, други ги зголемија. Сумираните податоци за финансиското работење на јавните претпријатија и акционерски друштва формирани и контролирани од централната власт, покажуваат дека вкупниот финансиски резултат на 29 државни фирми, ЈП и АД е во позитивна зона, но на квартално ниво добивката е намалена за скоро трипати.
Некои ги преполовија загубите, други ги зголемија. Сумираните податоци за финансиското работење на јавните претпријатија и акционерски друштва формирани и контролирани од централната власт, покажуваат дека вкупниот финансиски резултат на 29 државни фирми, ЈП и АД е во позитивна зона, но на квартално ниво добивката е намалена за скоро трипати. Дел од поголемите ЈП, кои вработуваат најмногу луѓе и натаму се борат со загуби. Според пресметката, 17 од вкупно 29 државни АД и ЈП имаат негативен финансиски резултат
Кај дел од државните фирми и акционерски друштва значајно зголемување на загубите
Со загуба во износ од 16.716.000 евра, на прво место е АД „Електрани на Северна Македонија“, при што во однос на состојбата на крајот од 2024 г., минусот во работењето е преполовен. Во однос на третиот квартал од 2025 година пак, минусот во работењето е продлабочен. Државната ЕСМ останува прва на листата според висината на загубите во работењето, а се вбројува и во групата на државни фирми со највисок износ на доспеани, а неплатени обврски. На второ место е државната АД „Железници – Транспорт“ која на крајот од 2025 г. пријавила загуба во износ од 2.451.300 евра, што е драматичен пораст за дури 2.357.300 евра за само една година, во однос на 2024 година, а зголемување има и на квартално ниво.

На трето место е ЈРП „Македонска радио-телевизија“ која на крајот на 2025 г. пријавила загуба во износ од 1.947.000 евра, што е значајно зголемување во однос на третиот квартал, кога работеле со прикажана добивка во износ од 1.500.000 евра, што значи дека само за три месеци ова ЈРП од позитивна, влегло во зона со милионска загуба. Со минус во финансиското работење во износ од скоро 1.829.550 евра е АД „Пошта на Република Северна Македонија“. Ова државно акционерско друштво на годишно ниво ја преполовува загубата, додека во однос на третиот квартал од 2025 г. има пораст на минусот во работењето за 1.000.000 евра.
Во оваа група, со милионски загуби се и двете државни АД од воздухопловниот сектор. АД „Аеродроми на Република Северна Македонија“ на крајот од четвртиот квартал од 2025 г. прикажува загуба во износ од 1.487.000 евра, со значаен пораст и на квартално и на годишно ниво, кога загубите изнесувале не повеќе од 24.000 евра.
АД за вршење на дејноста давање на услуги во воздухопловната навигација „М – НАВ“ е со прикажан минус во износ од 1.243.500 евра, при што има значајно зголемување на загубата со оглед на тоа што во третиот квартал од 2025 г. прикажале добивка од 3.665.600 евра. Според резултатите за финансиското работење, во „позитивна зона се JП „Државни патишта“ со добивка од 27.300.000 евра при што ова државно АД е носител на финансиите за изградба на патните коридори, што се одразува и на билансите за финансиското работење. На крајот на 2024 г. „Државни патишта“ прикажале загуба во износ од над 9.500.000 евра.

ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта ланската година ја завршиле со добивка од 3.000.000 евра, АД „Државна лотарија“ биле во „позитива“ со 2.367.000 евра, АД „Нoмагас“ – Скопје прикажало добивка во износ од речиси 1.656.000 евра, а ЈП „Национални шуми“ имале добивка во износ од 852.300 евра.
Споредбената анализа што ја направи „Порталб“ покажува дека 58 отсто од анализираните 29 државни фирми, ЈП и АД ланската 2025 г. ја завршиле со загуба. На крајот од 2025 г. вкупните приходи на 29-те државни ЈП и АД изнесувале 274.134.000 евра, додека расходите биле на ниво од 262.858.000 евра.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар