АНАЛИЗА: „Економските гревови“ на претходната власт нотирани во новата Фискална стратегија: во 2025 раст од 3,7 отсто
Во новата 2025 година невработеноста ќе се намали на 11,2 отсто. Платата ќе се зголеми за 7,5 проценти. Економскиот раст се очекува да биде 3,7 отсто. Но, годинава јавниот долг ќе достигне ниво од 66,4 проценти и следната година ќе се намали умерено, пишува Порталб.мк. Министерството за финансии преку новата Фискална стратегија 2025-2029 ги исцрта економските планови на Владата во следните пет години.
Во новата 2025 година невработеноста ќе се намали на 11,2 отсто. Платата ќе се зголеми за 7,5 проценти. Економскиот раст се очекува да биде 3,7 отсто. Но, годинава јавниот долг ќе достигне ниво од 66,4 проценти и следната година ќе се намали умерено, пишува Порталб.мк. Министерството за финансии преку новата Фискална стратегија 2025-2029 ги исцрта економските планови на Владата во следните пет години
Планови на Владата за економската 2025
Наспроти моделот за економски раст на претходната Влада базиран на потрошувачка, новата Влада ќе креира раст преку инвестиции, зголемена конкурентност на домашната економија и зголемување на извозот.
Ова е нотирано во новата Фискална стратегија 2025 – 2029 година во која се исцртани плановите на власта во однос на јавните финансии. Ресорното Министерството за финансии соопштува дека се направени отстапки во однос на фискалните правила во Фискалната стратегија 2024-2026 во делот на буџетскиот дефицит и јавниот долг, а како причина ги посочува политиките на претходната власт.
Причините за отстапување од фискалните правила во 2024-2026 произлегуваат исклучително од наследени обврски од претходната Влада и потребата за обезбедување на финансиски средства за усогласување на платите согласно општите колективни договори, доспеани законски обврски кои не биле предвидени со иницијалниот Буџет за 2024 година, покривање на високиот износ на доспеани, а неплатени законски обврски коишто беа наследени од претходната влада, се наведува во новата Фискална стратегија 2025-2029.
Иако во новиот документ се прецизира дека Јавниот долг треба да биде на ниво од 60 отсто од БДП, оваа стапка годинава ќе достигне 66,4 проценти, а дури во 2029 година ќе се спушти под 60 отсто. Владата најавува фискална консолидација. Во Буџетот за 2025, дефицитот ќе се утврди на ниво од 4 проценти, а следните економски години се очекува натамошно намалување.
Во следната буџетска 2025 година, која ќе биде и прва целосна економска година менаџирана од сегашната власт, се очекува намалување на невработеноста на ниво од 11,2 отсто, нето-платата ќе се зголеми за 7,5 проценти, а просечната стапка на инфлација е проектирана на 2,2 отсто.
Во услови на умерен економски раст, а проектирано ниво на јавен долг над 60 отсто, се најавува раст на буџетските приходи врз основа на економските прогнози но и поради „ефектите од планираните даночни реформи“.
Поголема правичност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот, се наведува, меѓу другото, во стратегијата.
Сепак, се нотира дека во наредниот период не се очекуваат промени во даночната политика:
Во наредниот период, даночната политика ќе биде насочена кон задржување на ниските даночни стапки кај одделните директни и индиректни даноци. Кај данокот на добивка ќе се пристапи кон усогласување со глобалниот минимален данок на добивка, каде што нашата држава е веќе потписничка на иницијативата на ОЕЦД/ Г20.
Од 2025 година ќе започне примена на даночната стапка 15 отсто за добивката на компаниите со консолидирани приходи над 750 милиони евра.
Рестартирање на инвестициите – придонес ќе има и проектот „Бехтел и Енка“
За разлика од годинава кога капиталните инвестиции се на „инфузија“, догодина се најавува „рестарт“ – високо ниво на јавни инвестиции и раст на странските директни инвестиции.
Во периодот 2025-2029 година, фискалната политика ќе биде насочена и кон создавање на предуслови за нов циклус на економски раст преку реализација на висок износ на јавни капитални инвестиции, постепена фискална консолидација и подобрување на управувањето на јавните финансии, се наведува во новиот документ.
Според новите проценки на Министерството за финансии, бруто-инвестициите ќе растат со просечна стапка од 7,8 отсто, а нивото на капиталните инвестиции од Буџетот се очекува да биде 4,7 проценти во пресек. Следната година, еден од главните столбови на капиталните инвестиции ќе биде инфраструктурата, а во неа и проектот „Бехтел и Енка“ за автопатските коридори кој беше најкритикуван проект од страна на тогашните опозициски, а сегашни владејачки партии.
Значителен придонес се очекува од почетокот на изградбата на коридорите 8 и 10 д (проект “Бехтел и Енка“ ), согласно преземените чекори за оптимизација на трошоците, динамиката и условите, потоа, изградба и реконструкција на бројни автопати, експресни, магистрални, регионални и локални патишта, железничкиот транспорт, инвестиции во енергетиката итн, се наведува во новата Фискална стратегија.
Овој документ оди во „пакет“ со Буџетот и ги одразува плановите на власта во однос на јавните финансии.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар