АНАЛИЗА: Годинава јавен долг од 62 отсто, ќе расте и државниот долг
И годинава раст на јавниот и на државниот долг. Во ревидираната Стратегија за управување со јавен долг повторно „поместени границите“ за задолжување. Очекуваната и најавувана „фискална консолидација на долгот“ ќе почека до 2029 – 2030 година, пишува Порталб
И годинава раст на Јавниот и на државниот долг. Во ревидираната Стратегија за управување со јавен долг повторно „поместени границите“ за задолжување. Очекуваната и најавувана „фискална консолидација на долгот“ ќе почека до 2029 – 2030 година, пишува Порталб
На „хартија“ лимитиран јавен долг на 60 отсто, во реалноста над 62 отсто
Јавните финансии добија „инјекција“ од 1 милијарда евра. Во ист ден државата издаде две Еврообврзници со историски највисок износ. Претходно, со владина одлука, државата зема краткорочен кредит од една деловна банка во висина од 40 милиони евра, а преку законско решение се зема и кредит од 20 милиони евра за локална инфраструктура. Сите овие реализирани и најавени заеми на почетокот од оваа економска година навестуваат растечки јавен долг – тренд кој веќе е впишан во новиот ревидиран документ „Стратегија за управување со јавен долг“. И во оваа и во првичната верзија, на „хартија“ е напишано дека лимитот за јавен долг треба да изнесува 60 отсто од БДП.
За да се задржи нивото на Јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок кој не треба да го надмине нивото од 60 отсто од БДП – се наведува во документот.
Наспроти ова, не само што не се остварува овој таргет туку и висината на Јавниот долг е поместена нагоре со новите буџетски проекции. Годинава Јавниот долг ќе достигне 62 отсто од БДП или колку 11 милијарди евра, додека државниот долг ќе се зголеми на 53,3 отсто. Не само годинава – долговите ќе растат и следната 2027.
Јавниот долг до 2028 година ќе го надмине максималниот праг од 60 отсто од БДП, односно во 2026 година јавниот долг ќе изнесува 62 отсто од БДП, во 2027 година 60,1 отсто и во 2028 година јавниот долг ќе забележи умерен пад, односно 60,9 отсто од БДП како резултат на постепената фискална консолидација – се наведува во ревидираната стратегија.
Годинава нето задолжувањето по основ на гарантиран долг (заеми на државни фирми, општини, јавни претпријатија за кои гарантира државата) ќе изнесува 250.000.000 евра. Со цел да се заштити портфолиото на државниот долг од евентуалните идни пазарни шокови, најмалку 60 отсто од државниот долг, според Министерството за финансии, ќе биде со фиксна камата, а над 95 отсто од државниот долг во странска валута ќе се „одржува“ во евра.
Актуелната Влада ја издаде десеттата по ред Еврообврзница која е со историски највисок износ. Според најавите, 70 отсто од парите ќе се потрошат за враќање на доспеаната обврзница од 700 милиони евра што беше издадена во 2020 година.
Власта се „жали“ на наследени долгови, опозицијата обвинува за создавање на нови
Според Владата, причината за растечкиот долг се заемите на претходните влади кои доспеваат за враќање годинава и во следните години. Новата „двојна“ Еврообврзница во износ од 1 милијарда евра ќе се користи за враќање на дел од тие долгови, што значи дека со нов заем државата ќе враќа стар.
Иако номиналниот износ на задолжувањето изнесува една милијарда евра, во текот на 2026 година Министерството за финансии ќе изврши исплата на обврски по основ на надворешен долг во вкупен износ од околу 893 милиони евра. Со тоа нето-ефектот врз јавниот долг е значително понизок и во целост усогласен со среднорочната фискална рамка – изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Според опозициската СДСМ, пак, новото задолжување од 1 милијарда евра е доказ за длабоката „дупка“ во Буџетот.
Предупредивме дека има огромна дупка во Буџетот. Недостасуваат околу 2 милијарди евра. Конкретно на страна на приходите кусок од 500 милиони евра, дефицит во Буџетот е 680 милиони евра. Доспеани и неподмирени обврски кон економски субјекти 700 милиони евра – оцени претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Според новите проекции на Светска банка годинава Јавниот долг ќе достигне 62,9 отсто од БДП.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар