АНАЛИЗА: Имотот на пратениците од албанскиот блок: згради, штедни влогови, злато, оружје 

Некои без банкарски сметки, други со штедни влогови, некои немаат сопстевна куќа или стан, други поседуваат зграда. „Порталб“ објавува детали  за имотната состојба што ја пријавиле пратениците од албанскиот политички блок 

 

Пишува: Анета Додевска

 

Демократска унија на Албанците

Пратеникот Арбен Зибери поседува девизни сметки и недвижен имот, па така во Анкетнит лист пријавил стан од 80м2 во Скопје со проценета вредност од 70.000 евра, девизна сметка со 24 000 евра, денарска со 1.200.000 денари како и Приватната здравствена установа “Шандем“ во село Ласкарци во вредност од 15.000 евра, исто толкава сума преку приватната ординација е пријавена и како имот на родителите, кои поседуваат и куќа во вредност од 30.000 евра во Ласкарци и стан од 61 м2 во Скопје во вредност од 40 000 евра. Зибери ја пријавил и платата во износ од 22.000 денари. 

Пратеничката Арбана Пашоли, според Анкетниот лист нема имот на свое име. Пријавила четри парцели земјиште сите во Дебар, едното како имот на сопругот а за останатите нема податок, како и куќа во вредност од 8.000.000 денари и автомобил од 200.000 денари, исто така на име на сопругот. Тој поседува и денарско штедење во износ од 3.900.000 денари. Пријавена е уште една сметка со 1.850.000 денари, но без да се наведе кој е сопственикот.

Пратеничката Арта Билали Зендели не поседува недвижен имот, но пријавила златен накит со вредност од 600.000 денари, вози автомобил Мерцедес Б од 420.000 денари, прима годишен хонорар од 54.000 денари и има штеден влог во износ од 192.153 денари. Споругот на пратеничката исто така вози Мецедес А од 150.000 денари, има плата од 56.000 денари, родителите псоедуваат куќа во Гостивар во вредност од 9.000. 000 денари а на име на децата се пријавени депозити во валупен износ од 223.000 денари. 

Пратеникот Бајрам Кадрија како личен имот ја пријави само платата од 62.000 денари, неговата сопруга има плата од 14.000 денари а има и кредит од 5.000 евра. Родителите на Кадрија поседуваат куќа и земјоделско земјиште во Врапчиште, без да се наведе проценетата сума. Семејството поседува и автомобил со вредност од 6.000 евра.

Речиси се што е пријавено во Анкетниот лист на пратеникот Бајрам Реџепи е на негово лично име, па така пријавил три парцели земјоделско земјиште во Тетовско во вкупна вредност од 180.000 евра, куќа од 270 м2 во Селце од 8.000. 000 денари, стан од 74 м2 со пријавена вредност од 2.300.000 денари, автомобил Мерцедес А од 170.000 денари и удел со вредност од 7.500. 000 денари. Сопругата на пратеникот поседува акции во износ од 500.000 денари.

Според Анектниот лист, пратеникот Берат Ајдари лично поседува само автомобил од 360.000 денари а заедно со сопругата имаат земјоделско земјиште од 15.000 м2 во Липково стекнато со наследство, без наведена проценета вредност. Родителите поседуваат куќа од 6.000 000 денари во Липково и автомобил од 60.000 денари.

Пратеничката Вјолца Адеми поседува два автомобили со пријавена вредност од 11.000 евра и банкарски кредит од 2.000.000 денари. Во Анектниот лист е пријавен и стан од 87 м2 во Гостивар како имот на сопругот.

Пратеникот Изет Меџити во однос на претходната имотна состојба пријавена како градоначалник, сега како пратеник се подновил со нов автомобил марка Волво со вредност од 2.149.000 денари или 35.000 евра а како личен имот пријавил уште еден автомобил од 600.000 денари и имот на родителите, куќа од 516 м2 во Скопје со проценета вредност од 9.200.000 денари односно 150.000 евра. Нема податоци за банкарски сметки.

Закупнини, побарувања по основ на заем, куќа, стан, земјиште – Анкетниот лист на пратеникот Исмаил Јахоски е еден од “подолгите“, но не сите пријавени недвижности се посочени со вредност. Така, Јахоски поседува два деловни простори, едниот во Македонски Брод од 55 м2 без наведен износ, другиот во Кичево од 362 м2 со вредност од 94.000 евра. Како личен имот пријавена е зграда со двор во Македонски брод од 940 м2 и згради ( во останато стопанство)  во Кичево од 329 м2 – без наведен износ на вредноста, две куќи, едната во Скопје од 189 м2, другата во Македонски брод од 376 м2 но и стан од 69 м2 во Скопје. Пријавени се три парцели земјиште во Скопје и во Македонски брод  без да се наведе проценетата вредност. Јахиоски пријавил и петнаесеттина побарувања по основ на даден заем во милионски денарски износи , некои од нив поединечно достигнуваат и до 160.000 евра како и пет поединечни закупнини кои на месечно ниво достигнуваат и до 4.500 евра. Пратеникот пријавил и три банкарски сметки со околу 3.000.000 денари и уште два заеми 4.100.000 денари. Целиот имот е пријавен како личен.

Пратеничката Мерита Колчи – Коџаџику пријавила три позиции, земјиште од  7.000м2 во Скопје во вредност од 11.377.000 денари и стан од 58 м2 во Скопје од 2.460.000 денари – на име на сопругот како и кредит од 350.000 денари.

За пратеникот Бедри Фазли до моментот на завршување на оваа анализа, не беше објавен Анкетниот лист за имотната состојба.

 

Демократската партија на Албанците

Пратеникот Мендух Тачи, лидер на ДПА во својот Анкетен лист како личен имот пријавил куќа со двор од 13.000.000 денари во Тетово, побарување по основ на заем од 22.300 евра, девизен депозит од скоро 105.000 евра и две банкарски сметки со вкупно 64.300 евра како и хипотека од близу 900.000 денари. Сопругата на Тачи поседува автомобил од 180.000 денари, девизен депозит од 54.100 евра како и трансакциска сметка на која лежат 9.242.000 денари.

Алијанса на Албанците

Абдула Садиу, пратеник од редовите на Алијанса на Албанците како личен имот поседува куќа од скоро 200 м2 во Сарај и градежно земјиште од 400 м2. Садиу во својот Анкетен лист пријавил два автомобили марка Пасат, но не и дека поседува каква било банкраска сметка.

Најмладата пратеничка во Собранието доаѓа од Алијанса на Албанците. Артина Ќазими со своите 23 години како свој личен имот пријавила куќа од 100 илјади евра и двор од 1.600 квадрати, во вредност од 200 илјади евра во Добридол, а поседува автомобил марка Рено меган од 3.200 евра. Како имот на родителите, а стекнат од наследство пријавила и земјоделско земјиште.

Пратеникот Алми Азири не поседува каква било банкарска сметка, на свое лично име пријавил стан од 106 м2 во Куманово во вредност од скоро 70.000 евра и автомобил марка Мерцедес Ц класа 614.000 денари. Неговата сопруга поседува злато во вредност од 614.000 денари и месечен приход за трето дете 8.350 денари. На име на родителите пратеникот пријавил куќа од 160 м2 во Куманово во вредност од 90.000 евра.

Пратеничката Илире Даути како имот на име на својот сопруг пријавила куќа од 341 м2 и градежно земјиште од 943 м2 во с. Стримница стекнати како подарок годинава, а како личен имот пријавила накит и злато во вредност од 20 000 евра, автомобил Ауди А4 во вредност од 11.000 евра и денарски депозит од 984.000 денари.

Сурија Рашиди во Анкетниот лист како личен имот пријавил девизна книшка со 500 евра и плац од 439 м2 во Струшко. Како заеднички имот пријавени се ливада, лозје, шума, земјиште во Радолишта, на име на сопругата е пријавен автомобил со вредност од 123.000 денари и штедна книшка на децата со 4.000 евра.

Пратеникот Халил Снопче според податоците од Анектниот лист се чини дека најдетално ги дал податоците за имотната состојба не само лична, туку и на семејството. Така, родителите на Снопче поседуваат две куќи во Гостивар од 110 м2 и 92 м2 како и два дворови заедно со пат од 58 м2 , сите во Гостивар, како и пензија од  околу 17.000 денари. Сопругата на Снопче поседува накит ( без да прецизира вредноста), палта од 40.000 денари, транскациска сметка од 550.000 денари како и два кредита во износ од 8.500 евра. Децата поседуваат трансакциски сметки во три банки. Пратеникот на свое лично име пријавил два автомобили во износ од скоро 16.000 евра, уметнички и колекционерски предмети во вредност од 180.000 денари, надоместок од 10.500 денари, две трансакциски сметки, два кредита и книжевна литература во вредност од 163.750 денари.

Алтернатива

Пратеникот Африм Гаши од редовите на Алтернатива во Анкетниот лист како свој личен имот пријавил само две работи : автомобил Мерцедес Е во вредност од 15.000 евра и две трансакциски сметки, без наведена сума. Неговите родители поседуваат куќа од 257м2 и стан од 60м2 во Скопје, пензија од 11.000 денари како и земјиште кое е во постапка на трансформација. Сопругата на Гаши поседува накит во вредност од 120.000 денари и автомобил со иста вредност како накитот, како и кредит од 3.000 евра.

Пратеничката Сафије Садики – Шаини од редовите на Алтернатива според Анкетниот лист не поседува ништо, дури ни банкарска сметка. На име на сопругот пријавила стан од 67 м2 во Куманово и автомобил марка Голф 4.

Скендер Реџепи, претеникот од Алтернатива пријавил дека располага со возен парк од три автомобили со вкупна вредност од 27.000 евра и куќа во Скопје во износ од 55.000 евра.

Судејќи според Анкетниот лист, пратеникот Хусни Исмаили е еден од „побогатите“ кој поседува станови, куќи, земјиште. Така пратеникот од редовите на Алтернатива како личен имот пријавил два деловни простори во Тетово со вкупна вредност од 40.000 евра, земјиште од 68м2 во село Лисец, две куќи во Тетово во вкупна вредност од 375.000 евра, три стана, два во Тетово и еден во Струга со пријавена вредност од 138.400 евра, три автомобили и еден чамец како и накит, односно благородни метали во вредност од 30.000 евра. Дел од недвижниот имот е стекнат со купување, а дел како наследство.

 

Беса

Пратеникот Бастри Бајрами од Беса како свој личен имот во Анкетниот лист пријавил само две транскациски сметки и три парчиња оружје во вредност од скоро 2.000 евра. На име на сопругата пријавени се деловен простор во вредност од половина милион евра во Скопје, земјиште од 5.300 м2 во Скопје, автомобил марка Лексус од 10.000 евра, закупнина од 147.000 денари месечно и две транскациски сметки. Родителите поседуваат куќа и двор во Скопје, автомобил од 4.500 евра и закупнина од 12. 300 денари месечно додека децата имаат автомобил од 5.000 евра, семејството Бајрами има кредит од 3.000.000 денари.

Целиот имот на пратеникот Биљал Касами е на име на родителите и сопругата освен побарувања по основ на заем во износ од 2.600.000 денари и трансакциски сметки во две банки. Семејството Касами поседува двор, земјиште и куќа во Тетово во вкупна вредност од 200.000 евра, златен накит во вредност од 1.200.000 денари, автомобил како и побарувања по основ на заем, закупнина, оснивачки влог и учество во добивка и удел.

Пратеникот Кастриот Реџепи на свое лично име пријавил дека поседува земјиште во Сарај од 1.054м2 и стан од 211 м2 во Скопје со вредност од 160.350 евра, додека на име на родителите пријавени се стан од 91 м2 во Скопје, куќа од 222 м2 во Ресен и гаража во Скопје. Семејството има и кредит 4.612.500 денари.

Пратеникот Фадил Зендели пријавил три кредити на свое име и на име на сопругата, поседува автомобил од 600.000 денари и земјиште во Маврово-Ростуше со површина од 1.077 м2. Родителите на Зендели имаат куќа од 450 м2 и апартман од 60 м2 во Гостивар.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција