АНАЛИЗА: Инфлацијата се „подгрева“ – можно поскапување на увозните производи!

Фото: portalb.mk

На крајот од кварталот, Државниот завод за статистика и официјално потврди дека трошоците на живот во март во споредба со истиот месец лани се зголемени за 2,1 отсто, пишува Порталб.мк. Дел од трговците со увозна стока – пластика, кујнски производи, керамика велат дека не само цените на храната, туку допрва ќе растат и цените на другите производи.

Килограм шеќер 44 денари, литар масло за јадење 95 денари. Цените на основните прехранбени производи растат од почетокот на оваа година. На крајот од кварталот, Државниот завод за статистика и официјално потврди дека трошоците на живот во март во споредба со истиот месец лани се зголемени за 2,1 отсто, пишува Порталб.мк. Дел од трговците со увозна стока – пластика, кујнски производи, керамика велат дека не само цените на храната, туку допрва ќе растат и цените на другите производи.

 

Трошоците на живот растат

Текстил, производи од пластика и од метал – голем број увозни производи поскапуваат. Трговците велат дека изминатиот период се соочуваат со драстично повисоки цени на различен асортиман на производи кои ги увезуваат од Кина и од Турција.

Во продавницава сите цени ќе морам да ги зголемам. Пластични производи за во бања и за во кујна, порцелански производи – сè што увезував од Турција сега е со многу повисока цена. Ако не ги поскапам производите – треба да го затворам дуќанот, вели Елена, сопственичка на продавница во Скопје.

Слична е состојбата и во трговијата со текстил.

Увезувам текстилни производи од Кина и од Турција. Минатата недела кога правев нарачка, за истата сума што досега ја плаќав, ми кажаа дека ќе добијам преполовена количина на производи што вообичаено ги увезувам, објаснува еден трговец со текстилни производи.

Годинава започна со ценовен бран. Очекувањата се дека инфлацијата ќе се „подгрева“ поради повеќе фактори. Според најновата анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП што ја прави Народната Банка, очекувањата за ценовен раст се во нагорна линија. Така, наместо прогнозираните 1,5 отсто во претходната анкета, сега очекувањата се позиционирани на 1,8 отсто за годинава и 1,9 отсто за следната.

Испитаниците ги објаснуваат своите инфлациски очекувања со следниве фактори: досегашните остварувања на стапката на инфлација, неизвесноста предизвикана од пандемијата на ковид-19, повисоките цени на храната и енергијата, како и цените на увезените добра. Исто така, испитаниците сметаат дека постепеното надминување на кризата, монетарните и фискалните стимули, растот на домашната побарувачка, како и закрепнувањето на економијата би придонесле кон повисок раст на инфлацијата – се наведува во анкетата.

Растот на цените веќе се чуствува во секојдневието.

За кратко време, зејтинот поскапе многу. И другите основни призводи. Цените растат, а е криза, вели една наша сограѓанка.

Кај цените на мало во март 2021 година споредено со идентичниот месец лани, индустриските производи се поскапени за 2,9 отсто, прехранбените производи за 1,5 отсто, услугите за 2,5 отсто, додека земјоделските производи за 1 отсто.

Во март во споредба со истиот месец лани, цените на мало се зголемени за 2,6 отсто. Ценовниот раст практично и значи и дека се зголемени трошоците на живот – односно дека живеачката станува поскапа. Позначаен раст на трошоците за живот во март се регистрирани токму кај основните потреби.

Во март 2021 година, споредено со март 2020 година, маслата и мастите поскапеле за 14 отсто, лебот и житата за 1,6 отсто, зеленчукот за 1,9 отсто, шеќерот, џемот, медот и чоколадата за 2,3 отсто, како и кафето, чајот и какаото за 1,3 отсто.

Кај алкохолните пијалоци и тутун во март регистриран е пораст на трошоците за 4,3 отсто, за домување, вода, електрика, гас и други горива за 4,5 отсто, а за здравје трошоците во споредба со март лани се зголемени за 2,5 отсто.

Подгревањето на инфлацијата започна на крајот од минатата година и се очекува трендот да продолжи.

Во четвртиот квартал од 2020 година годишната стапка на инфлација умерено забрза и изнесуваше 2,2 отсто. Инфлацијата во овој период е над очекуваната за кварталот во рамките на октомвриската проекција, а отстапувањето во најголем дел се поврзува со растот на прехранбената и енергетската компонента, додека движењето на базичната инфлација е во согласност со очекувањата. За целата 2020 година, годишната стапка на инфлација е согласно со очекувањата и изнесува 1,2 отсто, наведуваат од Народната банка.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција