АНАЛИЗА: Изборен фолклор – каква реторика се очекува во кампањата?

 

Партиската машинерија на терен – неформалната кампања веќе е во полн ек. Според аналитичарите ова се избори кои ќе траат „најдолго“ бидејќи датумот за нивно одржување е познат седум месеци однапред. По бриселското фијаско, власта реши да ја тестира својата доверба а опозицијата прифати да влезе во изборен циклус со надеж дека разочарувањето што го донесе француското“не“ ќе се фактурира на контото на опозицискиот блок, пишува неделната анализа на Порталб. Но, аналитичарите предупредуваат  дека овие избори ќе бидат едни од најнеизвесните а партиите ќе мора да понудат нешто реaлно и остварливо на веќе презаситените и сензитивни гласачи.

 

Пишува: Анета Додевска

 

НАДУВАН БАЛОН СО ВЕТУВАЊА ИЛИ РЕАЛНА ПРОГРАМА И ПОНУДА – КАКО ДА СЕ МОТИВИРААТ РАЗОЧАРАНИТЕ ..

Власта треба да ги убеди гласачите дека Македонија нема друга алтернатива освен европската, а опозицијата треба да објасни како ќе ги поддржи евроатланските интеграции чија пат поминува преку Преспанскиот договор. Аналитичарите коментираат дека на претстојните предвремени парламентарни избори сите политички играчи ќе имаат макотрпна задача да ги мотивираат  неопределените, но и дел од своето гласачко тело кое демонстрира разочараност.

Се чини дека „големата тројка“ сѐ уште не е свесна за големината на овој предизвик. Тие и понатаму се свртени само кон своите симпатизери, упорно „хранејќи“ ги со пораки кои само тие ги разбираат целосно и кои се наменети да го зацврстат чувството на припадност кон некаква си партиска елита, а истовремено да го оцрнат својот замислен противник од спротивниот табор. Со таквиот начин на комуникација и однесување тие всушност создаваат свој паралелен свет кој се повеќе се „одлепува“ од реалниот во кој живеат партиски неопределените граѓани – вели за „Порталб“ Гоце Пачемски, експерт за односи со јавноста.

Претстојат избори на кои партиите треба да истрчаат на терен во услови кога едните не ги остварија ветувањата, а другите не успеаја да се одлепат од „багажот“ што го носат од минатото со печат на криминал, коментираат аналитичарите.

Ќе не чека една чудна изборна кампања. Очигледно е дека СДСМ во овој момент нема што да понуди, исполнија многу малку ветувања од нивната изборна програма „За живот“, па оттука и нивната сегашна кампања е претворена во бледа копија на кампањите на ВМРО ДПМНЕ под раководство на Груевски. Организирањето на трибини со говори беа секојдневие во едно не така далечно минато и имаа за цел да го чуваат стравот на „лидерот“. За разлика од тие трибини овие изобилуваат со омраза, невкусни коментари и гестикулации, кои и не доликуваат на однесување на еден премиер на држава. СДСМ и Заев мора да сфатат, дека надвор од нивните бизниси и рекети, граѓаните имаат секојдневни проблеми за кои се потребни системски решенија, а не евтин политички  театар и пропаганда – вели Самоил Малчевски, челен на ВМРО – ДПМНЕ,  но од реформаторското крило што се залага за промени во партијата.

Малчевски вели дека и опозициската ВМРО – ДПМНЕ донесе разочарување кај нејзиното гласачко тело.

Што се однесува до ВМРО ДПМНЕ, во овој момент партијата води умерена теренска кампања во која се обидува да се доближи до секојдневните проблеми на граѓаните. Но главна грешка на ВМРО ДПМНЕ е што не промовира луѓе, експерти, кои ќе бидат носители на изборната победа, а потоа и според нив обновата на Македонија. Доколку партиското раководство сака да ја добие довербата на граѓаните, треба да делува во неколку насоки. Најпрво мора да се дистанцира од лошите политики на претходното раководство и од дел од кадрите кои сѐ уште се во партиските тела, а кои бие дел од тие лоши политики или ги спроведуваа – оценува Малчевски. 

Она што е заедничко речиси за сите поголеми партии и од владејачкиот и од опозицискиот блок е тоа дека ќе треба да се соочат со разочарано гласачко тело на кое му се подготвува нов „надуван балон на ветувања“.

Како поинаку може да се толкуваат пораките кои доаѓаат од сегашната најголема опозициска партија, за некаква си ревизија на Договорот од Преспа, а потоа и на Уставот (АКО освојат 80 пратенички места во Собранието), по рецептот на довчерашната опозиција во Грција, која откако дојде на власт ја смени реториката и ја прифати реалноста и Договорот. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ не успева да види дека неопределените гласачи им треба јасна порака дека партијата ги научила лекциите и расчистила со грешките и скандалите од своето претходно владеење. Наместо тоа, тие се обидуваат и понатаму да го „дуваат балонот“ раскажувајќи приказни за некаков си економски бум во првите 100 дена од владеењето, иако на сите разумни луѓе, какви што се неопределените гласачи, им е јасно дека за економски развој не се постигнува со „чуда“, туку со темелни реформи на правосудството, администрацијата, образованието“ – смета Пачемски.

Истовремено тој додава:

Изгледа ниту актуелните владејачки партии не ја научиле лекцијата. Наместо да ги „засукаат ракавите“ и да ги натераат нивните раководни луѓе, распоредени по институциите на локално и национално ниво, навистина да почнат многу поенергично и посериозно да го остваруваат ветеното од минатите изборни циклуси, тие одлучија, барем засега, да се фалат со некакви си успеси и да нѐ храбрат дека сме биле на правиот пат. Во услови кога Патот, барем засега, изгледа многу замагленo, актуелните владејачки партии ќе треба да почнат да ја менуваат комуникацијата, преку пораки и начин на однесување кој ќе им даде на гласачите, особено на неопределените, појасна перспектива за иднината

Математички, од првите избори во самостојна и независна Македонија, во земјава се спроведуваат изборни циклуси ( парламентарни редовни и предвремени, локални и претседателски) речиси на 1,5 години а само од 2016 – та заклучно со следната 2020 -та, во земјава секоја календарска година се спроведува по еден изборен циклус, вклучувајќи го и Референдумот за името во 2018 год.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција