АНАЛИЗА: Изборите ќе дојдат и ќе поминат – потребен е нов економски концепт!

Фото: portalb.mk

 

Француското вето за пристапни преговори кое донесе предвремени парламентарни избори, според аналитичарите ќе се „прекрши“ врз грбот на економијата. Ви предизборен период не се очекуваат значајни реформски промени ниту, пак, крупни инвестициски одлуки. Домашниот бизнис, навикнат на чести изборни циклуси, ќе апстинира од развојни проекти, па дури и од нови вработувања во очекување на политичкиот исход од изборите – коментираат дел од економистите што ги консултираше „Порталб“.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ШТО ТРЕБА И ШТО МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИОРИТЕТ НА ЕКОНОМСКАТА АГЕНДА

Негативната разврска за Македонија во Брисел, дома ни ги отвори старите „рани“. Потпирајќи се на надежите дека ќе влеземе во процес на пристапни преговори, што ќе значи спроведување и прилагодување кон европско законодавство, реформи, демократизација, посилна економија, професионална администрација, независно судство – сега  сите овие задачи останува или да чекаат подобри времиња или да се мобилизираат внатрешните капацитети за нивно решавање. Дел од економистите коментираат дека треба да се соочиме со проблемите на економски план и дека е време да се понуди нов концепт.

Мислам дека прво земјата ќе мора стратешки да се (ре)позиционира. Не велам да се напуштаат сегашните стратешки определби, но за момент мислам дека тие треба одново да се разгледаат. Самото членство во НАТО дава одредени насоки во таа смисла, но во НАТО се членки сите оние земји чии што  билатерални интереси имаат влијание врз македонското надворешно и стратешко позиционирање. Таму се и САД, и Франција, и Германија, и Турција. Во меѓувреме, „средувањето“ на работите по дома треба да е врвен приоритет. Би рекол дека на прво место тоа се корупцијата, јавната администрација, медиумите, образованието и здравството. Ни треба сериозно нов пристап оти досегашните млаки и парцијални решенија само ги продлабочуваат проблемите место да ги решаваат. И, секако, нов економски концепт! Стапките на економски пораст од околу 3 проценти се далеку од доволни за земјата да излезе од вителот на низок раст. Како што во борбата против корупцијата ни треба сериозен „бум“, уште поголем бум е потребен во економијата. Кој е потенцијалниот македонски извор на поголем економски раст? Уште ли се има толку надеж во извозот кој се покажа како недоволен и да го обезбедиме и да обезбеди економски бум? Може ли да зборуваме за поизвозно ориентирано земјоделство кога веќе толку пари се „истураат“ во него? Каква улога врз растот играат македонските банки? Зошто се држат на маргините небанкарските финансиски институции и можат ли тие да придонесат во оваа насока? Што би ги поттикнало фирмите да ги вложат заработките место да ги држат за малку, но сигурни пари во банките и кај Народната банка? Каква, пак, е и каква може да биде улогата на Народната банка во сево ова? – вели економистот Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Во борбата за гласачи сите ветуваат пред сè подбора економска иднина – повисоки плати, трнаспарентно трошење на државните пари, отчетност, поголем економски раст, но ние сме сведоци дека многу од овие ветувања изминатите децении останаа неостварени а дел од оние кои се реализираа имаа висока „цена“, на пример на буџетарите им се зголемуваа плати со скапи кредити.

Приоритет на сите досегашни Влади било реализација на основните макроекономски цели (зголемување на стапката на економски раст, зголемување на вработеноста, зголемување на извозот и одржување на макроекономската стабилност). За да се постигне реализација на тие цели потребни се вложувања, кои би биле во функција на економскиот развој преку зголемување на пазарот  на физичкиот и човечкиот капитал. Ние се соочуваме со т.н. временска дистанца во технолошкиот развој, во примената на нови знаења и технологии, а тоа има негативно влијание врз продуктивноста, конкурентноста и доходовноста на домашната економија. Последните петнаесетина години имавме шанса економијата да ја ставиме на здрави нозе ( како ниско задолжена земја), но тоа не го направивме, а сега, сега е тоа можно со дополнително задолжување, но не за плати, пензии и за  социјални пакети, туку задолжување во функција на економскиот развој, во спротивно ќе продолжиме да се вртиме во круг – вели професорот Семи Бислими.

Без разлика на изборниот исход – следната Влада ја чекаат многу отворени прашања и од неа се очекува политичка храброст и волја за решавање на горливите теми – велат економистите.

Имаме ли алтернативи за недостигот воопшто на работна сила, а особено на квалификувана работна сила? Натаму, релокацијата на ресурсите е исто така сериозно прашање кое треба веднаш да се разгледа. Дали сме сигурни дека сите расположиви ресурси (кои секако се ограничени) се правилно употребени и насочени за да обезбедуваат услови за живот и работа на сите граѓани? Правиме ли сè што е можно за да обезбедиме правилен и потребен развој на човечкиот капитал на оние малкуте луѓе што останаа во земјава (во смисла на здравствени, образовни и социјални политики)? Уште колку време ќе зборуваме за гломазна, неефикасна и партизирана јавна администрација (која инаку би можела да биде поддржувач на развојот)? Климатските промени и загадувањето веќе нè погодуваат како земја и како население. Имаме ли концепт за справување со нив? Парите што се потребни, а потребни се многу, очигледно дека ги немаме – коментира Филков.

Дел од бизнисмените за „Порталб“ велат дека се навикнати на изборни циклуси и посочуваат дека клучниот извор на неизвесност е неодржливоста на законските решенија.

Се носи закон кој одреден  период е на сила, но со доаѓање на нова владејачка гарнитура тој закон се менува преку „ноќ“ и тоа претставува голем проблем – неодржливоста на законските решенија, нивното често менување е на штета на бизнисот – коментира стопанственик од Скопје.

 

ВООБИЧАЕНО ПРЕДИЗБОРИЕТО НАЈМНОГУ СЕ ОДРАЗУВА ВРЗ ИНВЕСТИЦИСКАТА АКТИВНОСТ.

Во предизборието, Владата и Собранието го одложуваат донесувањето одлуки, а меѓу другото, запира и т.н. инвестициско трошење во инфраструктурата, капиталните средства и сл.

Сите овие појави влијаат негативно врз економскиот раст. Исто така, како земја не сме имуни и на ситуација во предизборниот период забрзано да за се троши на јавни набавки на средства, услуги и работи во насока на собирање политички поени, без секогаш тие трошења да се потребни и целисходни. Притоа, ова не треба да се сфати дека не треба да има избори. Тие се нормална појава во една демократија, но, не имплицирајќи на конкретната ситуација во земјава, треба да се настојува изборите да се одржуваат во своите редовни термини за да се сведе на минимум нивното негативно влијание врз економијата,  заклучува Филков.

Јасно е дека следните шест месеци сите горливи теми и прашања ќе бидат спакувани како „ветувања“ во изборните кампањи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција