АНАЛИЗА: Како работел јавниот сервис МРТ, за што се трошеле парите?

Значително намалени средства во 2017г. Фото: META

 

Патните и транспортните трошоци во пораст, приходите од реклама во пад. Во 2017 година значајно е намален приходот од наплата на радиодифузна такса како резултат на укинување на обврската грдаѓаните да плаќаат РДТ, се наведува во редовната неделната економска анализа на Portalb.mk

 

Пишува: Анета Додевска

Јавното радиодифузно претпријетие МРТ, кое чека на длабоки квалитативни реформи и депратизација, го објави консолидираниот Финансиски извештај за работата во 2017 година,. Во исто време, во Собранието на усвојување е Годишната програма за работата на МРТ. За плати се потрошени повеќе од 6 милиони евра, а повеќе од 60 000 евра  завршиле за надоместоци на членовите на Програмскиот совет и Надозрниот одбор.

 

ПРИХОДИТЕ ОД МАРКЕТИНГ СКОРО ПРЕПОЛОВЕНИ

По сите основи, во 2017 година Јавното радиодифузно претпријатие МРТ располагало со приходи од 16,9 милиони евра додека во истата година расходите изнесувале 16,7 милиони евра. По укинување на законската обврска за плаќање на радиодифузната такса (РДТ), на приходната страна значајно се намалени приливите по овој основ. Ако се анализира консолидираниот Финансиски извештај, на приходната страна по основ на РДТ се слеале 9,5 милиони евра, додека во 2016 година преку оваа ставка се обезбедиле 13,0 милиони евра. Приходите од централниот Буџет, согласно Законот за ААВМУ

за финансиска поддршка на МРТ изнесувале скоро 4 милиони евра, потоа по основ на  финансирање на радиодифузна дејност од Буџетот биле префрлени 2,4 милиони евра.  Министерство за култура за поддршка на домашната музичка продукција префрлило 115 838 евра, а преку  Министерство за информатичко општество пак, се транферирале 102 000 евра. Вкупно, по овие четири основи, практично преку Буџетот, на сметката на МРТ се слеале  нешто повеќе од 6,6 милиони евра.

Во 2017 година приходите на реклами во однос на оствареното во 2016 година  речиси се преполовени, па така лани од маркетинг,  МРТ наплатила  407 866 евра, додека во 2016 година остварувањето било 719 203 евра.

 

ДОМИНИРААТ ТРОШОЦИТЕ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ

 На расходната страна, и натаму во структурата доминираат трошоците за вработените. Конкретно лани, Јавното радиодифузно претпријатие потрошило 16,7 милиони евра и во однос на остварените трошења во 2016 година, тие се намалени за 7,5 %.  Од вкупните расходи, трошоците за вработените изнесувале 6,3 милиони евра.

Во оваа група на трошоци се опфатени бруто платите, надоместоците за исплата на отпремнина на вработените кои ги исполнуваат условите за одење во пензија, трошоците за здравствени услуги (редовни систематски прегледи на вработените), како и трошоците за теренски надоместок  за  дописници  и  сниматели кои известуваат од Вашингтон, Брисел, Белград и Атина – се наведува во конечниот финансиски извештај за работата на МРТ.

Дополнително пак,  за патни и транспортни трошоци лани биле потрошени 154 000 евра.

Оваа категорија ги опфаќа трошоците за службени патувања во земјата и странство – дневници, ноќевања и превоз, како и трошоците за користење на сопствено возило, услугите за такси превоз и слично Најголемо учество во овие трошоци имаат патните трошоци и дневниците за службените патувања, бидејќи МРТ како јавен радиодифузен сервис, ги следи и пренесува до гледачите и слушателите сите значајни настани од јавен карактер во земјата и странство – се наведува во извештајот.

 

ТРОШОЦИ ЗА НАДОМЕСТОЦИ, СЕРИИ, КВИЗОВИ

 Но, уште една расходна  ставка под назив „заеднички трошоци“ е регистрирана во финансискиот извештај, во износ од 6,4 милиони евра. Овие трошоци, меѓу другото, опфаќаат потрошни материјали во кои спаѓаат електричниот и техничкиот материјал, материјалот за поправка и одржување, трошоците за канцелариски материјал, телефонските трошоци, за одржување на возилата на МРТ, пишува Порталб.мк.

Конкретно, на пример само за телефонија се потрошени 42 500 евра, за одржување и регистрација на возила 24 000 евра, трошоците за осигурување на имот и возила  изнесувале 37 000 евра, а за надомест за членови на Надзорен одбор и Програмски совет евидентиранио е остварување во износ 60 268 евра. За исплата на кумулирани обрски по различни сонови, административни и судски такси, камати, трошоци од спорови се потрошиле скоро 350 000 евра.

Програмските права во 2017 година ја чинеле МРТ 2,9 милиони евра, од нив 810 000 евра биле за откуп на права за пренос на спортски настани, 322 000 за филмови а ставката откуп на програма од независни продуценти бележи реализација на трошоци е во износ 371 000 евра. Средствата во вкупен износ од 1,2 милиони евра се потрошиле за реализација копродукциските проекти како серијалот „Компромис“, „Малку повеќе“, „Албански народни приказни“, квиз емисии Таксират, ТВ проект Тунел, Светот на сообраќајот, Супер ѕвезда, Стилисимо, ТВ серијата  Сенки на  Балканот,  и други проекти,  документарни филмови и продукциски  услуги.

Трошоците за интелектуални услуги кои се однесуваат на превод и обработка на откупена странска филмска и останата програма, добиени стручни мислења и слично, реализирани се во износ од 42 000 евра. За организирање и реализација на проектот во врска со избор на македонски претставник, како и учество на фестивалот Евросонг 2017 потрошени се 138 400 евра и ова асума , според наведеното во извештајот била во рамки на планираниот износ за оваа намена. Во 2017 година во МРТ била набавена нова опрема во износ од 144 000 евра.

Реформите во медиумите, особено департизацијата и професионализацијата се еден од приоритетите во реформската агенда на Владата, утврден уште во договорт на Прибе. Дел од експертите велат  дека сега важно ќе биде усвјувањето на новиот Закон за  аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Јасно е дека со сегашниот начин на функционирање и менаџирање на јавниот радиодифузен сервис ние немаме независност и професионалност. Наша предлог, меѓу другото, беше да се промени начинот на избор на членови на Совето на МРТ, со што ќе се отвори патот кон независност и департизација. Значи, клучно е да се обезбеди независност на регулаторното тело – вели професорката Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии.

Предлог законот со кој се засегнати медиумите се очекува да се најде на дневен ред пред пратениците по празниците. Дел од засегнатите сеуште имаат забелешки и различни предлози во однос на тоа какви треба да бидата решенијата за да се обезбеди независност, департизација и професионализација на медиумите.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција