АНАЛИЗА: Како работела Царинската управа – што открија ревизорите?

Ревизорте со забелешки за повеќе работи, дури и за оружјето. Фото: скриншот

 

Како работела Царинската управа во 2016 година, како го спроведувала пописот, како ги менаџирала донациите, што се случувало со оружјето и возилата со кои располагале вработените, каква е состојбата во магацините каде се чува запленетата и одземена стока? Вкупната состојба е опфатена во три ревизорски извештаи, два за Основен буџет и еден извештај со кој е опфатена  сметката на самофинансирачки активности, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.

 

Пишува: Анета Додевска

Со ревизијата на финансиските извештаи ( сметка на основен буџет 637), во 2016 година, ревизорот констатира повеќе недоследности: слабости во вршење на пописот на средства, односно како што се наведува во извештајот „истиот не е во целост извршен  согласно законската регулатива“, не е воспоставена финансиска евиденција на залихите, не е извршено евидентирање на обврските во периодот за кој се однесуваат. Финансиските извештаи кои се предмет на ревизија, се одговорност на раководството на Царинската управа, односно на одговорното лице Наташа Радеска –Крстевска, директор од 22.01.2014 година.

 

ПОПИС – ПРОПУСТИ И НЕУСОГЛАСЕНОСТ СО ЗАКОНИ

Со направениот увид во пописниот материјал како и во Извештајот на извршениот попис во 2016 година, државните ревизори откриле низа слабости и недоследности.

„Дел од средствата се со оштетен или без инвентарен бар код и не се запишани во посебни пописни листи. Не е извршено целосно усогласување на фактичката состојба на средствата и нивните извори, утврдена со пописот од 31 декември, што не е во согласност со Законот за сметководство на буџетите. Извршен е попис на земјиште и објекти без податоци за локациите на кои истите се наоѓаат и не е извршено усогласување на податоците од деловните книги со расположливите имотни и поседовни листи“ – се наведува во извештајот на ревизорите.

Проблеми се лоцирани и со пописот на службените возила и на муницијата со која раполагаат вработените.

„Извршен е попис на возниот парк без податоци за локации на кои истите се наоѓаат. Возилата кои на денот на пописот се наоѓаат кај други субјекти не се евидентирани на посебна пописна листа. Не е извршен попис на залихата на муниција како и на муницијата со која располага секој задолжен вработен на 31.12 и за истата не е воспоставен финансиска евиденција. Исто така не е извршено усогласување на податоците од пописот на оружјето со податоците на организационата единица задолжена за водење на магационот за оружје и муниција“ – нотира државниот ревизор.

 

ТУЖБИ ЗА ЦАРИНАТА, СОСТОЈБА ВО МАГАЦИНИ

Во наодите од извештајот се посочува дека Царинската управа се појавува и како тужена страна пред надлежните судови за сума од скоро 800.000 евра.

„Обрнуваме внимение дека Царинската управа е тужена страна за судски предмети од кои ќе произлезат идни финансиски обврски за буџетот на Царинската управа во вкупен износ од 48.075 .000 денари до 31.12.2016 година, со проекција за нивна реализација по два основи и тоа: за неисплатени плати од работни спорови во вкупен износ од 13.743.000 денари и за штета во граѓанско-парнични постапки во вкупен износ од 34.332.000 денари“ – наведува ревизорот.

Царината информирала дека располага со голема количина на одземени стоки, кои се задржуваат во согласност со законите. Одземената стока е сместена во 43 царински складишта во рамките на царинските испостави на петте царини, во Скопје, Гевгелија, Битола, Куманово и Штип.

„Состојбата во магацинските простори во царинските испостави и јавни царински складишта е неповолна од причина што сите магацински простори се полни со најразлична стока поради непревземање на стоки со години наназад, а истовремено во магацините се сместува и новоодземена стока“.

 

КАКО СЕ НАПЛАЌАЛ НАДОМЕСТОКОТ ЗА КОНТРОЛНИТЕ МАРКИЧКИ

Со ревизијата на сметка на Основен буџет 631, меѓудругото се нотираат недоследности со утврдување на висината на надоместокот што фирмите го плаќаат за контролна маркица. Имено, Царинската управа согласно законите е надлежна за издавање на акцизни дозволи, акцизни одобренија и контролни марки.

„Согласно Законот за акцизи, трошоците за печатење и чување на контролните марки ги определува Царинската управа со посебно решение и истите ги наплатува од имателот на акцизната дозвола или од увозникот, по цена од 0,18 денари по парче, додека за алкохол 0,48 денари по парче. Со ревизијата констатиравме дека не е донесен акт за начинот на утврдување на висината на надоместокот по парче – контролна марка кој се наплатува“ – се наведува во ревизорскиот извештај, со забелешка дека оваа состојба е наследена од 2010 година, кога наплатата на акцизата била во надлежност на УЈП.

 

ОДГОВОР НА ЦАРИНСКАТА УПРАВА

На ревизорските извештаи со одговор возвратила Царинската управа, па така таа извесила дека е извршено обележување на оружјето со инвентарни броеви, формирана е Комисија за утврдување на вредноста на основното салдо стекнато како донација без утврдена вредност и друго.

Дел од овие одговори се прифатени, а дел ревизорот ги оценува како известување, по што повторно упатува препораки за надминување на слабостите.

Ревизија на ефикасноста и ефективноста на системот за финансиско управување и контрола во Царинската управа била направена и во 2014 година, по што е направен извештај во кој се констатира дека системот на финансиско управување и контрола е воспоставен на задоволнително ниво и обезбедува функционирање и развој но има потреба од продолжување на активностите за подобрување на ефикасноста на истиот. Ревизорот констатира дека од дадените две препораки со извештајот во 2014, една е спроведена.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција