АНАЛИЗА: Како се полнеле и празнеле општинските каси на Струга, Тетово, Чаир, Сарај и Град Скопје
Општините Чаир и Сарај испорачаа реализација на буџетските приходи и расходи под 90 отсто. Ретки се локалните самоуправи кои успеале во целост да го наплатат или надминат годишниот план за наплата на данок на имот, пишува Порталб.мк. Во ова продолжение на Анализа – под лупа буџетите на Струга, Тетово, Чаир, Сарај и Град Скопје
Општините Чаир и Сарај испорачаа реализација на буџетските приходи и расходи под 90 отсто. Ретки се локалните самоуправи кои успеале во целост да го наплатат или надминат годишниот план за наплата на данок на имот, пишува Порталб.мк. Во ова продолжение на Анализа – под лупа буџетите на Струга, Тетово, Чаир, Сарај и Град Скопје
Наплата на даноци, исплата на плати
Општина Струга во 2024 година испорача реализација на вкупните приходи на ниво од 93,9 отсто. На приходната страна повеќе пари во однос на планот се собрани од данок на доход, додека потфрлување има кај наплатата на данок на имот кој во однос на планот е реализиран со 88,2 отсто. Највисока приходна ставка во износ од 14,8 милиони евра се државните трансфери. На расходната страна реализацијата изнесува 93,7 отсто. За исплата на плати и придонеси се потрошени 13,9 милиони евра, а повисоки трошковни ставки се и „други градежни објекти“ и „поправка и тековно одржување“.

Општина Тетово која располага со еден од поголемите буџети на локално ниво, лани собрала 95,5 отсто од планираните годишни приходи. Оваа општина во однос на наплата на даноците успеала да испорача реализацијата повисока од планираната, а конкретно од данокот на имот остварувањето било 104,5 отсто. Годишните расходи во однос на планот се остварени на ниво од скоро 92,8 отсто. Исплатата на плати и придонеси и кај оваа општина се највисока трошковна ставка кој го чинела буџетот 22,3 милиони евра, а втора по висина на износ се „договорни услуги“ за што се исплатени нешто повеќе од 2,2 милиони евра.
Скопската Општина Чаир во економската 2024 година реализирала 85,7 отсто од планираните годишни приходи. Податоците покажуваат дека кај оваа локална самоуправа има позначајно потфрлување на наплатата кај сите клучни даноци – на доход, на имот, на специфични услуги. Конкретно, реализацијата на наплатата на данокот на имот во однос на планот изнесува 88,6 отсто. На расходната страна буџетското остварување изнесува 85,2 отсто. За исплата на плати и придонеси се потрошиле 15,9 милиони евра. По околу 1 милион евра се оделе преку ставките „комунални услуги, греење, транспорт“ и „поправки и тековно одржување“.

Позначајно неостварување на приходите има и Општина Сарај, со годишна реализација од 86,2 отсто. Во однос на планот повеќе пари се собрани од данок на доход, додека наплата на данок на имот е остварена со 75,9 отсто. На расходната страна реализацијата изнесува 85,9 отсто. За исплата на плати и придонеси во 2024 година оваа општина потрошила 8,9 милиони евра, а позначајни трошковни ставки се и „други градежни работи“ и „договорни услуги“.
Во 2024 вкупните буџетски приходи на Град Скопје изнесувале 101,8 милиони евра и во однос на планот тие се реализирале со 76,8 отсто. На приходната страна поголема наплата од планираната има по основ на данок на доход и даноци на специфични услуги додека потфрлување има кај данокот на имот, каде остварувањето изнесува 71,7 отсто. Ставката “глоби и такси“ е реализирана со 24,6 отсто. На расходната страна буџетот на Град Скопје лани се реализирал со стапка од 75,6 отсто. За исплата на основни плати и придонеси се потрошиле 34,1 милион евра и оваа сума е пониска во однос на планираната на годишно ниво. Лани Град Скопје потрошил помалку пари од планираното скоро по сите основи – за договорни услуги, трансфери до јавни претпријатија, купување на опрема, поправки. Меѓу највисоките трошковни ставки се „субвенции до јавни претпријатија“ каде реализацијата изнесува 93,1 отсто, ставката „други градежни објекти“ е остварена со 78 отсто, а „договорни услуги“ со 72,5 отсто.
Во 2024 година на ниво на државата, расходите на сите општини заедно со Град Скопје се реализирале со 85,2 отсто, а приходите со 86,5 отсто.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар