Анализа: Како се развиваше аферата „Македонска банка“

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на 15.04.2014 на прес-конференција во седиштето на Партијата, го обелодени  случајот „1,5 милиони евра во кеш“ поврзувајќи го директно со премиерот Никола Груевски. Заев, исто така,  ги повика надлежните институции да постапат според  Законот.

Господине Груевски,  те повикувам на македонската јавност  лично да ѝ одговориш:

  1. Дали  како претседател на ВМРО-ДПМНЕ си земал пари во кеш во износ од 1.500.000 евра или повеќе од 92.000.000 денари?
  2. Дали ти како македонски патриот, овие пари, 1.500.000 евра или 92.000.000 денари, си ги земал од познат бизнисмен?
  3. Дали, Никола Груевски, тебе ти е државата пред сѐ? Ако ти е пред сѐ, зошто си ја оштетил државата со 225.000 евра, четврт милион евра, или повеќе од 14.000.000 денари за неплатен данок ?
  4.  Дали си ти прататкото на оф-шор мрежите, оф-шор компаниите преку кои се изнесува капиталот на македонските граѓани, а се внесува како капитал на фамилијата?
  5. Дали со овие пари купуваш гласови?

По пресот на лидерот на СДСМ со соопштение реагираше  ВМРО-ДПМНЕ:

„Прес-конференцијата на Зоран Заев е тотална лага и измислица. Ваквото однесување на Заев е класичен кукавичлук,  катастрофален обид  да го покрие изборниот срам што му се случи во неделата“,  се вели во писмената реакција на владејачката партија.

На 16.04.2014 Заев на прес-конференција соопшти:

„Никола Груевски лично ја продал Македонска банка АД Скопје, на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини.Преку четири оф-шор и две домашни компании кои официјално поседувале 51 процент од акциите во Македонска банка, а биле под контрола на Груевски, истите акции биле продадени на газда Нини. Тоа се оф-шор фирмите: „Сабико Лимитед Ингланд“,  „Аршвеј инженеринг Лимитед Ингланд“,  „Натурал планет Лимитед Ингланд“,  „Силвер универз Лимитед Ингланд“ и домашните „Радио Рос Дејан и други ДОО Скопје“ и  „Еверест 2000 ДОО Скопје“.  Сумата на продажбата, според официјални документи, била преку 50.000.000 денари или приближно 900.000 евра. Еве ги документите. Меѓутоа, надвор од овие официјални договори одобрени од Љубе Трпевски – тогашен гувернер на Народна банка, Никола Груевски  договорил  дополнителна сума од 1.500.000 евра за продажбата на Македонска банка на газда Нини. Оваа дополнителна сума од 1.500.000 евра била исплатена  на црно, во кеш на Никола Груевски.“

На 17.04.2014 година СДСМ им ја достави на медиумите аудио снимката, која, според нив, е доказ за тоа дека премиерот,  наводно, со српскиот бизнисмен договорил  1,5 милиони евра во кеш од продажбата на Македонска банка.

„Никола Груевски очигледно не сака да биде искрен со македонската јавност. Два дена му даваме шанса да излезе  и јавно да каже за 1.500.000 евра кои ги земал во кеш од газда Нини, за неплатениот данок од 225.000 евра и за криминалната оф-шор мрежа што ја краде Македонија. Ако беше чист, Груевски ќе излезеше уште следниот ден на прес-конференција и лично ќе објаснеше што се случило, а немаше да се крие зад партиски соопштенија“, изјави Заев.

Лидерот на СДСМ на оваа прес конференција го повика јавниот обвинител да реагира:

„Ги повикуваме надлежните институции да не чекаат наредба од Груевски како да постапат за случајот во кој тој ја игра главната улога. Многу афери досега беа заташкани. Оваа нема да дозволиме да биде заташкана. Го повикуваме господинот јавен обвинител Зврлевски да заборави на ромските балови и другите забави на кој другарувал со првите луѓе на власта, веднаш да отвори истрага за случајот и да бидат преземени сите мерки кои би биле преземени за секој друг граѓанин на оваа земја во истата ситуација“, рече  Заев.

На 17.04.2014 јавниот обвинител Марко Зврелски за еден медиум изјави дека Обвинителството се уште не јавидело снимката, која според опозицијата,  е доказ за корупциски скандал во кој е вмешан лично премиерот

„Се уште ја немам погледнато прес-конференцијата на СДСМ. Не знам за што се работи, но откако ќе ја погледнеме ќе одлучиме како понатаму ќе постапи Јавното обвинителство. Снимката ќе ја погледнеме по празниците. Велигеден е, не се работи. Но, веднаш по празниците ќе биде погледанат материјалот,  за да видиме за што се работи и како понатаму ќе постапиме“, изјави Зврлевски за еден портал. “

По пресот на Заев (17.04.2014), со писмена реакција се огласи партијата на премиерот Груевски  и притоа  ги негира искажаните наводи како целосно неточни и невистинити.

„Се работи за класична монтажа за нешто што во најголем дел не ни наликува на гласот на Никола Груевски. Во самата монтажа има многу грешки, спротивности и детали кои се побиваат едни со други и се крајно нелогични. Очигледно, колегите  добро се потрудиле и наместо продуктивно, времето го трошеле за вакви работи. Но, за нивна жал ќе се уверат дека и ова нема да им пројде“

Истиот ден (17.04.2013) во својство на полномошник на Груевски, адвокатот Никола Додевски до медиумите испрати демант на трите прес-конференциите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Никола Груевски никогаш немал акции во именуваната банка, а сите изјави на прес-конференциите се невистини дадени исклучиво со намера да му се наштети на неговите  чест и углед.  Против Зоран Заев ќе поднесеме тужба за утврдување на одговорност за клевета и надоместување на штета“, се наведува во демантот потпишан од адвокатот Додевски.

Вечерта на 17 април,  на минингот на ВМРО-ДПМНЕ во Берово,  Груевски  рече:

„Кога видоа дека не можат народот да го манипулираат со тоа дека ќе му ја враќаат насмевката, или среќата, или ќе ги прават средна класа, тогаш решија  вториот круг наместо проекти и понуда, да водат негативна и црна кампања, со обвинувања, со монтажи, со лаги, со манипулации.  Од СДСМ до неделата имаше само општи ветувања, а од понеделникот само плукања, манипулирања, монтажи и измислици со кои веруваат дека ова е последен обид народот да им поверува. Тоа што СДСМ го прави сега,  се очајни чекори на очајни луѓе. Зоран Заев знае оти ова е крај на неговата политичка кариера и затоа така се однесува.“

На 18 .04.2014 година Заев се огласи со нова прес-конференција.

„Во нормална земја, политичари од таков калибар веднаш поднесуваат оставка и веднаш заминуваат од политичката сцена . Жалам што реакцијата на премиерот, наместо да замолчи и да ги тргне валканите раце од Република Македонија, е дека тоа е монтажа. Ако на Груевски му е потребно да докажува, снимките се јавно достапни насекаде и може да ангажира најсовремени институции каде било во светот, да му покажат дали се монтажа или не. Секако, спецификата на гласот и на неговото зборување, дополнително потврдува дека не се работи ниту за монтажи, ниту за било какви креации. Јвноста е должна да знае со кого си има работа. Ако премиерот е инволвиран  во ваков криминал, тогаш  за сите негови соработници ова е мотивација, за дополнително да ја докусурат Република Македонија“, рече Заев.

На 20.04.2014 Заев  во интервју за Радио Слободна Европа, повторно повика на одговорност и правен епилог на случајот што тој го обелодени во јавноста.

„Законот и Уставот се јасни, одговорност мора да има, правен епилог мора да има. И за оние материјали кои ги објавувавме порано, а институциите велат дека работат на тоа, ама се надеваат дека граѓаните ќе заборават. Но, ние нема да заборавиме. Опозицијата има задача  постојано да обелоденува  и да прави притисок врз институциите да ги процесуираат до крај. А за овој случај, каде што е инволвиран врвот на власта, премиерот лично, апсолутно нема дилеми дека тоа мора да биде истуркано до самиот крај“.

На 22 април (првиот работен ден после Велигден)  СДСМ поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство и против премиерот Груевски за случајот Македонска банка. Лидерот на СДСМ, Заев на прес-конферецнија изјави:

„Груевски со побараниот и примениот милионски кеш во случајот Македонска банка направил три тешки кривични дела, противзаконско посредување, примање поткуп и затајување  данок. Пријавата ја поднесуваме до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со неа како доказен материјал е доставена и аудио снимката на којашто јасно се слушаат инструкциите на Груевски и неговата инволвираност во извршувањето на делата“, рече претседателот на СДСМ. Од Обвинителството очекуваме ефективна истрага за случајот Македонска банка, посебно што во него постојат сериозни индиции за криминал направен од лице коешто осум години е на чело на државата, лично премиерот Никола Груевски “.

На истата прес-конференција Заев одговарајќи на новинарско пршање рече:

„Зарем мислите дека ако имавме сомневање во снимката ќе ја објавевме? Снимката е  100 проценти валидна и чиста. Јасна и гласна. На показ на целата македонска јавност. Денес не мора да се биде експерт за да процените што е валидно, а што не е. Ако некој има сомневање во оваа работа, институциите на системот  треба да го процесуираат целиот овој предмет со брза завршница.  Во регионот и насекаде во светот, за многу мали пари, се прави експертиза на автентичноста на снимката“.

По пресот на лисерот на СДСМ, Зоран Заев  прес-конференција одржа членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече:

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски  поднесе тужба за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда. Зоран Заев на суд ќе треба да си бара оправдувања за своите лаги и конструкции и клевети со кои го клевети во минатите денови дека земал ќеш 1,5 милони евра и разни други измислици“.

Истиот ден (22 април)  и министерката за внатрешни работи,  Гордана Јанкуловска изјави дека Заев ќе мора да ја докажува на суд автентичноста на аудио – снимката за која тој тврди дека е од премиерот.

За одбележување е тоа што за оваа, досега најголема   „корупциска афера“  од 1990 година наваму,  се случува  речиси целосен медиумски  молк , со исклучок на неколку  медиуми.

За пресовите на опозицијата поврзани со овој случај не беше кажан ниту еден единствен збор на државната телевизија МРТ, ниту на трите телевизии со национална концесија: Сител, Канал 5 и Алфа, како ни во поголемиот дел од печатените медиуми. Целосен молк имаше и кај десетици портали – наклонети на власта. Прес- конференциите на Заев  беа пренесени само во дел од медиумите: Телма, Алсат-М и 24 Вести од националните телевизии и на на некои  портали кои критички ја опсервираат работата на власта. Но, и покрај очигледната медиумска блокада, снимката е хит на Фејсбук и Твитер.

Аферата  пак, која ја обелодени лидерот на  СДСМ на јавноста во Македонија ѝ го врати сеќавањето за контроверзниот банкар и бизнисмен, кој своевремено директоруваше со дузина фирми, како во земјава, така и во неговата родна Србија. Неговата врска со „Македонска Банка“ почнува во почетокот на новиот милениум, кога оваа Банка, која беше наследничка на „Љубљанска Банка“ имаше 37 експозитури.

Почетокот на крајот на Македонска банка, како што пишуваат медиумите, започна со нејзината „партизација“ во 2001 година. Финалниот удар беше зададен со продажбата на Јовица Стефановиќ – Нини, кој заврши во затвор во Србија, но не и во Мкаедонија.

Сега „случајот со  милионскиот кеш“  е  кај јавниот обвинител Марко Зврлевски . Но, оттаму досега  (23.04.2014) нема информација дали и како понатаму ќе постапува Обвинителството по овој случај.  А имајќи ја предвид и првата реакција на  јавниот обвинител, прилично е неизвесно дали оваа државна институција воопшто ќе се впушти во  расчистување на  дилемата која јавно ја постави лидерот на СДСМ: „ дали македонскиот премиер  бил директно инволвиран во „скандалот тежок  1,5 милиони евра кеш“, поврзан со продажбата на Македонска банка?“

 

Линкови:

Анализа на: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција