АНАЛИЗА: Ќе растат каматите на кредитите?

Фото: Принтскрин portalb.mk

Народната банка регистрира „бетонирани“ камати за кредитите, дел од банкарите највувата дека „ерата“ на евтини пари завршува. Пресудна за банкарството ќе биде следната 2018 година, кога се очекува раст на каматите на светско ниво – тренд на кој нема да остане имуна ниту Македонија, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Во осмиот месец од годинава Народната банка регистрираше пораст кај вкупната кредитна изложеност и депозитната база на банките, во споредба со август, има забавување на кредитирањето на фирми, додека раст има кај кредитирањето на население. 

 

Пишува: Анета Додевска

 

Незначително намалување на каматите за новоодобрените кредити за фирмите, додека за веќе одборените кредити на корпоративниот сектор висната на каматата е непроменета. Овој тренд во банкарството го регистрираше Народната банка од каде посочуваат дека во осмиот месец од годинава, главно каматите и за кредитите и за депозитите се „бетонирани“.

Каматните стапки и на кредитите и на депозитите во август годинава не забележуваат промена во однос на претходниот месец. Тие се задржаа на ниво од 5,9 отсто кај кредитите и 1,5 отсто кај депозитите, објави Народна банка на РМ. Кај новоодобрените кредити просечната каматна стапка во август изнесувала 5,2 проценти при што е забележана надолна месечна промена од 0,2 процентни поени,  Каматната стапка кај вкупните кредити на корпоративниот сектор во август е без промена на месечно ниво и изнесува 5,4 процент, но на годишна основа кај оваа каматна стапка е забележан пад за 0,7 проценти поени – велат од НБМ.

И дел од банкарите потврдуваат дека засега нема значајни промени во каматната политика.

Во изминаиот период немаше услови за корекција на каматните стапки во надолна линија. Се соочивме со тренд на забавување на побарувачката на кредити, особено кај корпоративниот скетор, а воздржаност беше забележлива и кај неселението. Како причина секако е неизвесноста од политичката криза која го обои и првото економско полугодие. Замајќи ги предвид овие движења, услови за позначајна корекција на каматите немаше – коментираат за „Порталб“ од една од водечките банкарски групации во земјава.

 

МОЖЕН РАСТ НА КРЕДИТИТЕ ЗА НАСЕЛЕНИЕ

За дел од банкарите, полека но сигурно завршува „ерата“ на евтини кредити.  Следната 2018 година би можело да се очекува раст на каматите, како тренд во светски рамки на кој нема да остане имуна ниту Македонија.

Меѓународните финансиски пазари имаат висока ликвидност. Моментално каматните стапки на меѓународните финансиски пазари се на историско најниско ниво, но истовремено Централната банка на САД но и Европската Цнетрална Банка најавија дека ќе се започне со процесот на намалување на ликвидноста и раст на каматните стапки, меѓутоа сето тоа се очекува да биде координирано и постепено, без некои големи шокови во приватниот сектор. Но, ова не значи дека ќе се случи утре и дека тоа ќе бидат брзи промени,  такви се предвидувањата дека тоа ќе се случува кон крајот на 2018 година на светско ниво, што најверојатно ќе се пренесе и во Македонија, вели Глигор Бишев, директор на Шпаркасе Банка.

Заклучно со осмиот месец од годинава, вкупната кредитна изложеност на банките изнесува 4 милијарди и 681 милион евра. Во споредба со состојбата од јануари, кредината изложеност е заголемена за близу 161 милион евра. Во август во споредба со јули,  пораст има и кај денарските и девизните кредити. Населението во банките должи 2 милијарди и 247 милиони евра , што во споредба со првиот месец од 2017 година преставува раст од 138 000 000 евра додека во споредба со јануари 2016 година растот изнесува 277 500 000 евра.

Приватниот и јавниот сектор на крајот на август,  во банките должеле 2 милијарди и 414 милиони евра. Во однос на август, Народната банка регистрираше пораст на кредитирањето на домаќинствата додека кај приватниот сектор има намалување. Дел од банкарите оценија дека забавениот кредитен раст кај корпоративниот сектор е очекувана последица од политичката криза.

Од една страна банките се со зголемена внимателност при кредитна изложеност кон фирмите, но и фирмите демонстрираа воздржаност од кредитни задолжувања, особено за инвестициски зафати, во очекување на разврска на политичката сцена. 

 

ДЕПОЗИТНА БАЗА ОД ФАНТАСТИЧНИ 5,2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

За депозитите, според мерењата на Народната банка, во август каматата за  новопримените депозити изнесувала 1,3 отсто при што е забележан месечен раст од 0,1 процентен поен.

Во август е забележано минимално намалување од 0,1 процентен поен на каматната стапка на вкупните примени депозити од корпоративниот сектор. Каматната стапка изнесува 1,8 проценти, а на годишно ниво таа бележи намалување од 0,2 процентни поени. Новопримените депозити на корпоративниот сектор во август се со непроменета каматна стапка во однос на претходниот месец на ниво од 1 отсто, но споредено со август 2016 година бележи раст од 0,1 процентен поен – соопштија од НБМ.

Според последните расположливи податоци, во август вкупната депозитна база изнесува 5 милијарди и 243 милиони евра и во однос на состојбата во јануари, таа е зголемена за 44,4 милиони евра. Податоците покажуваат дека 58,7% од депозитите се во денари додека 41,3% се девизни депозити. Така, од вкупната база 3 милиајрди евра се практично денарски, а останатите 2,2 милијарди евра девизни. Во август, вкупните депозити на приватниот и јавниот нефинансиски сектор изнесувале 1,3 милијарди евра и во однос на јули, НБМ регистрала пораст. 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција