АНАЛИЗА: Коронавирус: Препораки до граѓаните од банките, инститциите, комуналните претпријатија

Редуцирано работење на банкарските шалтери, плаќање сметки преку интернет,  возен ред во јавниот превоз идентичен на оној како за време на зимскиот и летниот училишен распуст, толеранција за граѓаните со неплатени сметки за комуналии. За само неколку дена бројни државни институции и приватни компании излегоа со конкретни препораки и пораки до граѓаните со цел превенција од заразата на коронавирусот. „Порталб“ на едно место ги селектрира информациите што  се најважни за секојдневието на граѓаните.

 

Пишува: Анета Додевска

 

РЕДУЦИРАНО РАБОТНО ВРЕМЕ НА БАНКИТЕ – ПЛАЌАЊЕ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ

Скратено работно време во дел од банкарските експозитури, плаќање на сметки и кредити преку мобилно и електронско банкарство, ограничени посети во филијалите. Ова се дел од препораките на банкарските групации и на Македонската банкарска асоцијација упатена до клиентите. Една од водечките групации, НЛБ Тутунска банка соопшти дека дел од експозитурите ќе работат со кратено работно време.

Со цел превенција на ширење на коронавирусот. Експозитурата во Валандово ќе работи со скратено работно време од понеделник до петок од осум до 12 часот, додека експозитурите Карпош 4, Три бисери, Клинички центар и Соборен храм во Скопје нема да работат – соопштија од НЛБ Банката.

Банкарскиот сектор со консолидиран став во однос на превентивните мерки.

Би сакале да упатиме апел до сите граѓани и правни лица – клиенти на банките, штедилниците, Клириншката куѓа и Македонското Кредитно биро да ги ограничат посетите на експозитурите/ филијалите и другите деловни простории на нашите членки и да избегнуваат директен и близок контакт и ракување со вработените, како и да се придржуваат целосно на сите препораки кои ги издаде Владата – соопшти Македонската банкарска асоцијација.

Сите банки на своите веб-страници објавија превентивен пакет на мерки и дополнителни информации за клиентите. Од друга страна Народната банка, задолжена за ценовната стабилност, соопшти дека ги редуцира посетите на граѓаните во НБМ и дека се откажуваат  учествата на вработените на конференции, семинари и обуки организирани од страна на надворешни субјекти, а се откажани се сите настани организирани од Народната банка.

 

ПОРАКИ И ПРЕПОРАКИ ОД КОМУНАЛНИТЕ ФИРМИ И РЕГУЛАТОРИТЕ

Заразата со коронавирус ги мобилизираше и регулаторните тела, па така Регулаторната комисија за енергетика ги повика енергетските компании во период од 14 дена, додека на сила се ригорозните владини мерки за превенција, да не ги исклучуваат граѓаните од струја и од вода поради неплатени сметки.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги препорачува во следните две недели компаниите вршители на енергетски дејности, како и јавните претпријатија што се даватели на водни услуги, да се воздржат од исклучување поради неплатени сметки, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Засилени заштитни мерки за вработените а поголема толеранција за граѓаните кои мора редовно да се пријавуваат како невработени – Агенцијата за вработување објави дека дозволува одложено пријавување на невработените во центрите за вработување.

Агенцијата за вработување  ги известува сите невработени лица да го одложат редовното пријавување во центрите за вработување во термините што им биле утврдени на последното редовно пријавување, се до истекот на важење на донесените мерки за заштита од коронавирус инфекцијатаа тоа ќе им биде оправдано од страна на Агенцијата за вработување – соопшти агенцијата која објави дека  услугите за вработување како и документите ќе бидат достапни за граѓаните електронски, на веб страната на агенцијата.

И Министерството за информатичко општество и администрација ги повика граѓаните во наредните 14 дена доколку имаат потреба од услуги или различен вид на консултации со државните институции, тоа да го прават по електронски пат.

Напоменуваме дека изводот од матичната книга на родени, венчани и умрени, покрај тоа што барањето може да се поднесе електронски, сега може и да се добие електронски. Тоа е возможно на порталот за е-услуги како и преку порталот на Управата за водење на матични книги – информираа од Министерството.

И ЕВН во јавноста излезе со соопштение за воведување на мерки за заштита од ширењето на коронавирусот:

Со цел намалување на заканата за ширење на вирусот, апелираме фрекфенцијата на корисници во приемните канцеларии во Корисничките енерго центри и во Инфо центарот во ГТЦ да се намали на минимум и да се користи и почитува електронскиот систем за ред на чекање. Ве молиме посетите на приемните канцеларии да се прават само за неодложни барања и услуги. Следните 14 дена додека важат мерките за заштита нема да работи приемната канцеларија на ЕВН во Дебар.

И Јавното сообраќајно претпријатие соопшти дека билетарниците на ЈСП Скопје и центрите за персонализација ќе работат со скратено работно време, односно до 18 часот, а дел од градските линии, оние кои водат до Средно Водно  нема да бидат функционални.

Во сила е и одлуката за редуциран јавен превоз, односно возилата на ЈСП Скопје и приватните превозници сообраќаат по редуциран возен ред, идентичен на оној како за време на зимскиот и летен училишен распуст, не важат бесплатните годишни средношколски и студенстки билети, а укинат е и бесплатниот превоз за возрасни лица во вторник,петок,сабота и недела – соопштија од ЈСП.

Поради превенција од коронавирусот Град Скопје испрати препорака и до такси возачите на подрачјето на град Скопје да ги дезинфицираат своите такси возила на дневна основа пред да се вклучат во сообраќај, а самите такси превозници да носат лична заштита – маска и гумени ракавици. Воедно и Град Скопје извести дека приемот и издавањето на дел од документите ќе се врши само до 16 часот.

Поради превенција од коронавирус, Централниот регистер најави дека ќе го продолжи рокот за поднесување на годишна сметка, се одложи реализацијата и спроведувањето на првата група корисници од Проектот бањско – климатска рекреација за 2020 година,а дел од приватните компании кои продаваат стоки и услуги ги понудија и електронски – достапни за плаќање преку интернет.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција