АНАЛИЗА: Кредити на државата во 2025

Фото: portalb.mk

Само за една година внатрешниот долг на државата се зголемил за 600 милиони евра. Однадвор – Унгарскиот кредит од 1 милијарда евра ќе биде клучен за инфраструктурните проекти. И годинава со пари од меѓународните финансиери ќе се градат патни и железнички коридори, пишува Порталб

Само за една година внатрешниот долг на државата се зголемил за 600 милиони евра. Однадвор – Унгарскиот кредит од 1 милијарда евра ќе биде клучен за инфраструктурните проекти. И годинава со пари од меѓународните финансиери ќе се градат патни и железнички коридори, пишува Порталб

 

Странско задолжување 

Кредити од Светска банка, од ЕБРД, од меѓународни финансиери – годинава најважните инфраструктурни, но и дел од реформските проекти, ќе се реализираат со странски кредити.

Оваа 2025 година по основ на доспеани земи, односно главница на кредити, кон странство државата треба да врати 801.630.000 евра, а од нив најголем дел или 500.000.000 евра е износот на Еврообврзницата од 2018 година кој треба да се исплати во првиот месец од годинава.

2025 година стартуваше со веќе земениот Унгарски кредит во износ од 1 милијарда евра кој, според власта, треба да биде „столб“ за инвестициите.

Значителен придонес се очекува и од инвестициската активност на домашните компании, како резултат на исклучително поволните финансиски средства обезбедени преку заемот од Унгарија, за инвестиции во нови производни капацитети и зголемување на извозната конкурентност на компаниите, се нотира во Буџетот за 2025 година.

Годинава со странски кредити ќе се градат и доградуваат повеќе патни делници, меѓу нив и оние кон границите со Бугарија и Косово, потоа нов заеднички граничен премин со Србија, доградба на автопатот Кичево-Охрид, инвестиции во образованието и во земјоделството.

Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Една од поважните реформи во јавните финансии е и онаа за воведување на интегриран систем кој треба да опфати повеќе сегменти, а проектот ќе се финансира од повеќе извори, кредит од Светската банка и грант средства од ЕУ.

Задолжувањето во странство ќе се реализира преку повлекување на средства од втората транша од заем од ЕУ за макрофинансиска поддршка во износ од 50 милиони ЕУР, билатерален заем во износ од 500 милиони евра, како и преку повлекување средства од други кредитни линии од странски финансиски институции наменети за финансирање одделни проекти и/или буџетски дефицит, наведуваат од Министерството за финансии.

 

Домашно задолжување

Според новите податоци од Министерството за финансии, на крајот на декември 2024 година, долгот на државата кон домашните кредитори достигна 3,64 милијарди евра и за една година, според пресметката на „Порталб“, е зголемен за фантастични 608 милиони евра. Трендот на раст на  внатрешниот долг се регистрира во текот на сите месеци од 2024 година, но позначајно зголемување на месечно ниво од 150,7 милиони евра имало во ноември.

Според податоците од ресорното министерство, во првата половина од годинава планирани се шест аукции на државни хартии од вредност, по две месечно, преку кои ќе се собираат пари со кои, главно, ќе се враќаат доспеани обврски по ист основ.

Домашните кредитори и годинава ќе бидат извор за финансирање, но со план тоа да бидат заеми на подолг рок. Во 2025 година за главнина по основ на домашен долг треба да се исплатат 275 милиони евра.

Предвиденото ниво на домашно задолжување изнесува 56,5 милијарди денари, а ќе се обезбеди преку задолжување со ДХВ и/или домашен заем. Со задолжување на домашниот пазар ќе се обезбеди финансирање под поволни услови, користејќи ги поповолните каматни стапки. Во исто време, со цел оптимизација на портфолиото на ДХВ, a во насока на намалување на ризикот од рефинансирање, основна заложба на МФ ќе биде и зголемување на рочноста на портфолиото на ДХВ, се наведува во Буџетот.

Според податоците од новата Стратегија за управување со јавен долг, годинава тој ќе изнесува 65,2 отсто, а пад под границата од 60 проценти се очекува во 2029 година.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција