АНАЛИЗА: Кредитната задолженост во банките надмина 8 милијарди евра – сумирани податоци за 2024
Граѓаните сè повеќе го раздолжуваат „минусот“ на тековните сметки, а се зголемува задолженоста по основ на станбени и на потрошувачки кредити. Сумираните податоци на НБРСМ за банкарската 2024 покажуваат дека износот на вкупните кредити, и на домаќинства и на корпоративниот сектор, надмина 8 милијарди евра. Само по основ на потрошувачки кредити долгот на граѓаните достигна скоро 2,1 милијарда евра. Износот на штедните влогови, пак, достигна 9,7 милијарди евра и според пресметката на „Порталб“ 55,6 отсто од депозитите се во денари
Граѓаните сè повеќе го раздолжуваат „минусот“ на тековните сметки, а се зголемува задолженоста по основ на станбени и на потрошувачки кредити. Сумираните податоци на НБРСМ за банкарската 2024 покажуваат дека износот на вкупните кредити, и на домаќинства и на корпоративниот сектор, надмина 8 милијарди евра. Само по основ на потрошувачки кредити долгот на граѓаните достигна скоро 2,1 милијарда евра. Износот на штедните влогови, пак, достигна 9,7 милијарди евра и според пресметката на „Порталб“ 55,6 отсто од депозитите се во денари
Домаќинствата должат повеќе од 4 милијарди евра – се задолжуваат за станови, ги раздолжуваат минусите на трансакциските сметки
Вкупната кредитна задолженост во банките, на граѓаните и на компаниите надмина 8 милијарди евра – историски највисоко ниво. На крајот од декември лани задолженоста на домаќинствата достигна скоро 4,1 милијарда евра, а на корпоративниот сектор 3,9 милијарди евра. Според сумираните податоци на НБМ за 2024, во последниот месец од годината е регистрирана двоцифрена годишна стапка на раст на вкупните кредити за дури 11,2 отсто, а растот на месечно ниво во декември во споредба со ноември изнесува 2,7 отсто.

На истекот од минатата година се забележува „ударничко“ темпо на кредитирање на корпоративниот сектор односно на фирмите, со годишна стапка на раст од 13,9 отсто и тоа пред сè поради зголемено кредитирање во домашна валута – во денари. Растот на кредитите за 8,8 отсто за домаќинствата исто така се должи на порастот на кредити во денари.
Граѓаните најмногу се задолжени по основ на потрошувачки кредити со износ од скоро 2,1 милијарда евра и оваа сума во декември во споредба со ноември лани била зголемена за дури 27 милиони. По основ на станбени кредити долгот кон банките изнесува 1,5 милијарди евра, а на трето место се кредитните картички на кои граѓаните должат 145 милиони евра.

На крајот на декември „се набилда“ и депозитната база – износот на вкупните штедни влогови надмина 9,7 милијарди евра од кои 6,4 милијарди евра се на домаќинствата, а 2,8 милијарди евра на корпоративниот сектор . Пресметката покажува дека скоро 66 отсто од депозитната база во банките отпаѓа на граѓаните.

Анализата на податоците што ја направи „Порталб“ покажува дека 5,4 милијарди евра или 55,6 отсто од вкупните штедни влогови се во денари, а останатите 44,3 отсто се депозити во странска валута.
Иако досегашните анализи покажуваа дека годинава треба да стартува со натамошно олабавување на монетарната политика, новите сигнали од ЕУ навестуваат можно заострување. Новото истражување на Европската Централна банка (ЕЦБ)укажува на зголемени ризици за економскиот раст поради зголемените трговски тензии. Внимателноста на ЕУ е зголемена и по најавите и одлуките на новиот претседател на САД Трамп за воведување на царини и тарифи за Кина, Канда, Европската Унија, што ќе предизвика нарушување на трговските и производствените текови. Во извештајот на ЕЦБ се наведува дека кредитните услови заострија во последниот квартал од лани и овој тренд се очекува да се прелее и во првите три месеци од годинава.
Анкетата во банкарските групации покажала дека во првите три месеци од годинава се очекува заострување на условите за кредитирање и за домаќинствата и за компаниите, што сигнализира на тренд на забавување на кредитниот раст.
На домашен терен проценките засега покажуваат олабавување на инфлацијата која е клучен фактор од кој зависи дали НБМ ќе ја заостри или олабави монетарната политика, од која пак, зависи и кредитната политика на банките. Иако банкарите и натаму водат претпазливи кредитни политики, сепак изминатиот период беше регистриран тренд на пад на каматите што е еден од факторите за зголемување на побарувачката на кредити.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар