АНАЛИЗА: Минималец од 18.000 денари – за работниците добредојден, за дел од фирмите „шок“

Фото: portalb.mk

Македонија е петта земја според најниска минимална плата во цела Европа. Започнуваат преговорите на релација синдикати – влада – работодавачи за ново зголемување на минималецот до 18.000 денари, пишува Порталб.мк. Дел од бизнисмените предупредија дека растот направен под притисок може да предизвика отпуштања во фирмите, загрозување на ликвидноста. Анализите на дел од економистите го покажуваат спротивното

Македонија е петта земја според најниска минимална плата во цела Европа. Започнуваат преговорите на релација синдикати – Влада – работодавачи за ново зголемување на минималецот до 18.000 денари, пишува Порталб.мк. Дел од бизнисмените предупредија дека растот направен под притисок може да предизвика отпуштања во фирмите, загрозување на ликвидноста. Анализите на дел од економистите го покажуваат спротивното

 

Минималецот од 18.000 денари – аргументи „за“ и „против“

Минималната плата од 18.000 денари ќе биде пониска за 207 евра од просечната нето-плата во индустријата и за 227 евра пониска од просечната нето плата во секторот услуги. Конкретно, доколку законски се воведе минималец од 18.000 денари тој ќе претставува околу 62 отсто од просечната нето-плата во земјава која во ноември изнесувала 29.130 денари.

Синдикатите, Владата и бизнисот влегуваат во преговори за нов раст на минималната плата. За синдикалците и за власта повисокиот минималец ќе значи и подобар стандард. За бизнисот се отворени бројни прашања – зголемени трошоци и за придонеси, притисок за зголемување и на другите плати на кои ќе им се приближи минималната плата. Од Бизнис-конфедерацијата велат дека се „за“ зголемување на минималната плата – но постепено, без да се наруши ликвидноста на фирмите.

Очекувам дека ќе заседава Економско – социјалниот совет. Првично бевме договорени дека предлог законот за зголемување на минималната плата требаше да биде испратен во Собрание откако претходно сите засегнати ќе постигневме договор. Очекувам дека ќе разговараме за да дојдеме до вистинско решение кое нема да значи раст на минималецот под притисок. Ние како работодавачи сметаме дека минималната плата треба да се зголемува етапно, постепено во текот на годината, вели за Порталб.мк Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Дали растот на минималецот може да предизвика откази во фирмите? Во истражувањето „Мининална плата во РСМ и нејзините ефекти врз работењето на фирмите“, што го направија економистите Бранимир Јовановиќ, Виктор Стојков и Драган Тевдовски, се наведува:

Фирмите кои биле повеќе погодени од досегашното покачување на минималната плата немале поголемо намалување на бројот на вработени од останатите фирми, односно минималната плата не довела до отпуштање на работници.

Според ова истражување, Македонија е на петто место според најниска минимална бруто плата во цела Европа – пониски минимални бруто плати од нас имаат Албанија, Црна Гора, Бугарија и Турција. Тројцата економисти исто така сметаат дека минималната плата сепак ја зголемува продуктивноста на трудот, што е едно од проблематичните прашања кога се работи за „вештачко“ зголемување на минималецот.

Покачувањето на минималната плата довело до зголемување на продуктивноста на фирмите што би можело да се објасни преку подобра мотивација на вработените, заклучиле Јовановиќ и Наумовски.

Минималната плата треба да расте – но не тоа да биде шок за дел од фирмите, особено помалите, занаетчиските дејности, вели Бошков. Анализите на Бизнис-конфедерацијата покажале дека во моментов 100.000 вработени официјално земаат минимална плата.

Зголемувањето на минималната плата ќе биде шок за одредени сектори и дејности како што се помалите фирми, занаетчиските дејности, самовработените, самостојните земјоделци. Растот од 3.000 денари значи и раст на трошоците и за придонеси со што бруто минималната плата би надминала 24.000 денари – блиску до нето-просечната плата во земјава. Проблем со исплата на минималецот немаат секторите каде има висок просек на плати туку ранливите трудоинтензивни дејности, вели Бошков.

Во моментов минималната бруто плата изнесува 22.150 денари. Законот за минимална плата прв пат беше донесен во 2012 година на ниво од 8.050 денари. Во 2014 година минималната плата од 8.800 денари се „бетонираше“ како ниво за целата економија, во 2015 г. се зголеми на 9.590 денари, во 2016 г. достигна 10.080 денари, во 2017 г. се искачи на 12.000 денари, 2018 г. се усогласи на 12.165, а во 2019 г. 12.507 денари. Во 2020 година минималната плата се позиционираше на 14.500 денари, а од август 2021 г. таа изнесува 15.194 денари.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција