АНАЛИЗА: Најработоспособните до 49 години – најмногу на удар на економската криза [инфографик]

Најранливи на економската криза се вработените до 49 години. Невработеноста на младите се намалува, но и натаму останува најдлабока. Ковид-19 кризата истисна на површина бројни проблеми и слабости на пазарот на труд,  покажува анализата на Порталб.мк.

 

Ова се дел од наодите во анализата „Владино планирање – ефективност на владините мерки за справување со ризиците на пазарот на труд и начинот на планирање на средствата за надминувување на истите“ – изработена од Државниот завод за статистика.

 

Кои работници и по кој основ ја изгубија работата поради еконосмката криза

Скоро 4.800 луѓе од преработувачката индустрија останеле без работа во ек на пандемијата, а веднаш зад овој сектор со новопријавени невработени е трговијата со речиси 4.500 лица. Новиот ревизорски извештај ги обелодени „црните“ бројки за состојбата на пазарот на труд во земјава во текот на пандемијата, од почетокот на март лани до крајот на август 2020.

Според податоци што ги добиле ревизорите, 38 отсто од новорегрутираните невработени доаѓаат само од една дејност – преработувачката индустрија.

Во останатите сектори, како образование, здравствена заштита, информации и комуникации, земјоделство, стручни и научни дејности бројот на лица што ја загубиле работата е под 500. Оваа ковид криза на површина го истисна и проблемот дека најголем дел од вработените биле на определено време.

Така, 5.800 луѓе работата ја изгубиле поради истек на договорот за вработување на определено време, скоро 3.000 со спогодбен престанок на работа, речиси 1.500 сами дале отказ, а скоро 1.000 биле отпуштени од работодавачот. Во овој кризен економски бран најмногу на удар биле луѓето со средно, ниско или без образование. Дури 55,8 отсто од новите невработени се со средно образование, 25,2 отсто се без образование или со ниско образование, а 19 отсто со вишо или високо образование.

Дополнително – на удар најмногу биле оние најработоспособните, лицата од 30 до 49 години и оние до 29 години.

 

Мерки за вработување – какви се ефектите

Мерките за зголемување на вработеноста преку Акцискиот план даваат резултати, но целта сѐ уште не е постигната – наведуваат ревизорите кои под лупа ги ставија и ефектите од владините мерки за вработување.

Од спроведената анализа за периодот од 2017 до 2019 година утврдивме дека придонесот од имплементацијата на активните програми и мерки кои резултирале со вработувања во однос на бројот на невработени лица (активни баратели на работа) се движи од 4 до 5 проценти на годишно ниво додека процентот на вработени во однос на вкупниот број на евидентирани невработени лица се движи од 2,2 до 2,5 проценти – се наведува во извештајот.

Ревизорите го нотираат најголемиот проблем младинската невработеност која е со најдлабока стапка.

Статистиката бележи намалување на невработеноста, а удел во тоа според ревизорите, имаат активните мерки за вработување.

И покрај преземените мерки и опаѓачкиот тренд на младинската невработеност сѐ уште се забележува висока стапка на невработеност – се наведува во ревизорскиот наод.

Изминатите години беше регистриран тренд на намалување на вкупната невработеност во земјава која пред почетокот на пандемијата дојде на стапка од 17,3 отсто во 2019 година. Според овој параметар Македонија, освен Грција, е земја во регионот и во однос на земјите од ЕУ со највисока стапка на невработенст. Подобри од нас се Албанија со стапка на невработеност од 12,3 проценти во 2019 година, Србија со 10,5 проценти, Хрватска со 6,6 проценти, додека просечната стапка на невработеност во земјите од ЕУ изнесувала 6,7 проценти.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција