АНАЛИЗА: Нов план за „борба“ со јавниот долг – задолженоста ќе се намалува, нови заеми преку нови обврзници!

„Се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок којшто не треба да надмине ниво од 60 отсто од БДП“, се посочува во новата ревидирана Фискална стратегија 2022-2024 (со изгледи до 2026), а намалување на долговите се предвидени и во ревидираната Стратегија за управување со Јавниот долг. Но, оваа граница веќе е пробиена во текот на оваа економска година која е на истек. Со увид во податоците од новите ревидирани документи „Порталб“ анализира каков е планот на власта во однос на управување на Јавниот долг.

 

 

Јавниот долг ќе расте и догодина – но со побавно темпо, раст и на државниот долг

Ќе има нови заеми, и дома и од странство, но задолженоста на државата ќе биде под контрола, на одржливо ниво – се предвидува во ревидираната Фискална стратегија. За разлика од сегашните проценки, новите предвидуваат дека стабилизацијата на јавниот долг ќе започне порано. Сегашните прогнози велат дека умерениот раст на долгот ќе се движи до 2024-та, но власта проценува дека тоа ќе се случи порано.

Движењето на јавниот долг на среден рок ќе бележи умерен раст до 2023 година како резултат на последиците на кризата, а потоа, во периодот по 2024 година, преку мерките на фискална консолидација се очекува намалување на нивото долгот,  се наведува во Стратегијата за управување со јавниот долг.

Новите, ревидирани прогнози покажуваат дека сепак јавниот долг во следните години, до 2025 година, ќе биде на ниво повисоко од 60 отсто од БДП, иако тие нивоа се пониски во однос на сегашната состојба.

Јавен долг како % од БДП

2021 година                              61,2%

2022 година                              63,5%

2023 година                              63,3%

2024 година                               60,6%

2025 година                               58,8%  

2026 година                               56,5%

Државниот долг како дел од јавниот долг се очекува да се зголеми во 2022-та и 2023-та година, по што ќе започне процес и на негово намалување. Како максимален износ на нето-задолжување по основ на државен долг во 2022-та година се планира износ од 750 милиони евра.

 

Во новата Стратегија „вградени“ и нови видови обврзници

Како и во Буџетот за 2022 година, така и во новите ревидирани документи, Владата ги вгради новите инструмени преку кои планира да обезбеди нови заеми.

„Развојни обврзници“ – нов инструмент за задолжување на среден рок. Она што е важно е дека овој вид на обврзници ќе бидат индексирани за стапката на инфлација, со што треба да се поттикне финансирањето на развојните проекти. Развојната обврзница ќе носи одреден купон и ќе биде првично наменета за населението односно за физичките лица, со можност да биде достапен и за банките, пензиските фондови и другите учесници на финансискиот пазар. „Врзувањето“ за инфлацијата ќе значи заштита на инвесторите од ризик.

„Зелени обврзници“ – со конкретна намена за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и се специјално наменети за финансирање еколошки проекти – со нив треба да се обезбеди транзиција кон зелена економија, подобрување на енергетска ефикасност, спречување и намалување на загадувањето, чист транспорт… За разлика од постојните обврзници, зелените обврзници ќе се користат само за инвестициски проекти или за зелен развој и ќе бидат за капитални расходи.

„Проектни обврзници” – ќе се понудат како алтернативен начин за финансирање на проекти поврзани со инфраструктура. Нив ќе можат да ги купуваат институционални инвеститори за да учествуваат во инфраструктурни проекти преку котирани хартии од вредност кои можат да се тргуваат со значителни приноси прилагодени на ризикот.

Сите овие видови на обврзници се планирани како извори за обезбедување на финансии главно за наменски проекти и цели. Колку и каков ќе биде интересот допрва ќе треба да се види.

Но, како дел од изворите за финансирање останува домашнoто и странско задолжување – раст се очекува и кај „гарантираниот јавен долг“, кој е поврзан со заем за проекти.

Се очекува умерено зголемување на истиот до 2023-та година заради повлекување средства од проектите главно во патна инфраструктура коишто се имплементираат со заеми гарантирани од државата, по што се очекува стабилизација и намалување на гарантираниот долг на 6,4 отсто во 2026 година. Притоа, во целиот период нивото на гарантираниот јавен долг и под утврдениот максимален лимит – се наведува во ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг. Догодина максималното нето-задолжување по основ на гарантиран долг ќе изнесува 250 милиони евра.

На крајот од септември, јавниот долг изнесувал 6,95 милијарди евра додека државниот долг бил на ниво од 5,98 милијарди евра. Јавниот долг ја надмина границата од 60 отсто од БДП во 2020-та година, достигнувајќи 63,1 отсто во првата половина од 2021.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција