АНАЛИЗА: Оценки и очекувања за економската 2020 изборна година

 

Актуелните економски политики пресликани во Буџетот за 2020-та навестуваат година во која ќе растат платите на буџетарите, пензиите на пензионерите, дел од даноците ќе се намалуваат, дел незначително ќе се зголемуваат. Банкарите, според досегашните анкети, очекуваат стабилна банкарска година во која внимателно ќе одобруваат кредити. Но, дел од стопанствениците за  „Порталб.мк“ велат дека 2020-та со оглед на тоа што е изборна година повторно ќе биде обоена со неизвесност, а проблемите во одредени сектори и индустрии ќе чекаат долгорочни решенија.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ДРЖАВНА ЛОГИСТИКА ЗА КОМПАНИИТЕ, ЈАВНИ ИНВЕСТИЦИИ ЗА РАЗВОЈ 

Во 2020-та потребни се сериозни вложувања во патната инфраструктура, но и државна логистика за транспортните фирми кои од година во година се соочуваат со се потешки проблеми – оценува Билјана Муратовска од Здружението на транспортери „Макам-транс“. Вели дека проблемите со кои се соочува овој бизнис стануваат сè посериозни.

Секоја наредна година е полоша од претходната , за 2019 година превозниците генерално велат дека не е проблем во обезбедување на превози , но затоа цените за превозот се прениски и не обезбедуваат стабилен раст и развој , се потешко ги обезбедуваат средствата за да ги исплаќаат ратите за кредит или лизинг , се почесто се соочуваат со недостаток на професионални возачи па се принудени да вработуваат и неискусни лица кои поради своето неискуство нанесуваат поголеми штети отколку што треба да се обезбедат средства за одржлив раст и развој – вели Муратовска.

Притоа таа посочува:

Сè помалку се превозници која оваа криза можат да ја издржат до некои подобри времиња затоа што превозот е услуга која се консумира во моментот на случување и не постојат залихи за да се чекаат подобри времиња. Ненавремената наплата на побарувањата кумулативно се надоврзува и со неможноста навреме да се исплаќаат и плати на возачите кои незадоволни од состојбата, долгите чекања на граничните премини, бегаат и бараат работа во државите од Западна Европа. Во 2020 година се надеваме дека надлежните државни органи ќе ја согледаат оваа лоша состојба во овој оддел и ќе ги преземат сите чекори кои требаше да се преземаат од година во година ( 25 години наназад) затоа што превозот во патниот сообраќај е крвоток на секоја држава, а во нашата согласно статистички податоци 96% превозот на стока во увоз, извоз , во внатрешноста се врши преку патниот превоз и засега не постои никаква алтернатива ( железница, бродски и авиопревоз). Превозот на патници е неопходно подобро да се организира затоа што миграцијата на населението е зависна од него со цел да се овозможи секој да може да работи во секој дел од државата без разлика на местото на живеење како што е во развиените европски држави каде 80% од населението ги користат условите за брз и безбеден превоз со железница, трамваи и автобуси. На овој начин инвеститорите ќе можат своите фабрики , погони да ги градат и лоцираат на целата територија на државата, а не се да се концентрира во и околу Град Скопје. Во овој дел развојот и изградба на патната инфраструктура  има најголема улога и треба секоја населба, село и град да се поврзат со патна инфраструктура затоа што согласно просторната економија вредноста на одредена локација и незината локална и регионална позиција и вредност зависи од достапноста и воспоставените услови за пристап до секаде, за секое лице и стока која треба да се преземе или превезе до крајниот корисник.

За ранливи компании кои се извозно ориентирани потребна е поголема државна помош и полесен пристап до капитал, особено ако се работи за фирми од индустрии кои се нископродуктивни, а апсорбираат голем број на вработени, вели Маријана Перковска од Кластерот за текстил.  Според неа стопанството повторно ќе се соочи со изборна година во која ќе доминира политиката и неизвесноста.

Изборните години имаат негативен ефект за економијата, а за жал многу ги има. Стопанството замира во време на избори посебно поради фактот што државата е најголемиот стопански субјект и огромен број на компании егзистираат од тоа. Но ова не се однесува на текстилната индустрија која е извозно ориентирана така да изборните процеси за оваа гранка немаат некое посебно значење – смета Перковска.

Оваа 2020-та е година на уште еден изборен циклус кој ќе донесе инвестициска воздржаност и претпазливост и кај домашните и кај странските компании.

Оваа 2020 -та година нема да биде поразлична од претходната година, ние не сме вложувале доволно за да ги подобриме перформансите на домашната економија за да се очекува некакво подобрување од економски аспект. Техничката Влада од 3 јануари, како и најавените предвремени парламентарни избори во мај следната година, од економска гледна точка е изгубена година. Ниту еден сериозен инвеститор не би се одлучил да го инвестира капиталот во изборна година, особено не во земја во која исходот на изборите може да предизвика поголеми неизвесности. Позитивно е тоа што набргу очекуваме полноправно членство во НАТО, а тоа ќе придонесе за зголемување на странските инвестиции – вели професорот Сами Бислими.

Во оваа нова економска година, според аналитичарите бизнис и инвестицискиот амбиент може да се подобри по полноправното членство на Македонија во НАТО, а уште повеќе позитивен ефект ќе има евентуалниот датум за почеток на пристапните преговори на земјава со Европската унија. Но, дома остануваат да се завршат бројни „домашни задачи“ поврзани со функционирање на правосудниот систем, справување со корупцијата, реформата на јавната администрација, реформите во медиумите – сите овие сегменти значајни за функционирање на  правна држава која е предуслов за здрава економија со одржливи и стабилни стапки на раст.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција