АНАЛИЗА: Платата наспроти трошоците – за основна живејачка потребни се 554,5 евра месечно!

Фото: pxhere.com

Расте просечната плата во државата, но растат и трошоците на живот. Според статистиката во мај годинава во споредба со истиот месец лани просечната нето плата се зголемила за 8,8%, пишува „Порталб“. Податоците од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, покажуваат дека вредноста на „минималната синдикална кошничка“ се зголемила за скоро 12 евра во јуни годинава во споредба со истиот месец лани

 

Раст на трошоците за речиси сите основни потреби  

За исти месечни потреби – плаќање на сметки за комуналии, за домување, храна, во јуни годинава во споредба со истиот месец лани биле потребни дополнителни 12 евра. Во јуни 2020 година вредноста на минималната синдикална кошничка изнесувала 543 евра, а годинава истиот месец скоро 555 евра.

Минимална синдикална кошничка

Јуни 2021 година 555 евра

Јуни 2020 година 543 евра

Јуни 2019 година 530 евра

Јуни 2018 година 529 евра

Ова значи дека трошоците за живот растат, односно за да се подмират истите обврски сега се потребни повеќе пари. Компаративните податоци покажуваат дека годинава во споредба со лани зголемени се трошоците речиси за сите основни потреби – за исхрана, пијалаци, за домување, хигиена, превоз, облека, одржување на здравјето.

За да се „истурка“ јуни биле потребни 555 евра – најголем дел од овие пари или 74 отсто завршуваат за основните потреби – храна и сметки.

Минимална синдикална кошница

Храна и пијалаци 42,52%

Домување 31,57%

Хигиена 6,95%

Превоз 7,33%

Облека и обувки 6,36%

Култура 3,12%

Одржување на здравјето 2,14%

Освен ССМ, раст на трошоците на живот регистрирал и Државниот завод за статистика. Во јуни годинава во споредба со јуни лани, трошоците на живот се зголемени за 2,7%, а цените на мало за 4%. Најголем раст на трошоците на живот има кај маслата и мастите за 30,8%, алкохолни пијалаци и тутун за 4%, а значаен раст од 4,3% е регистриран и кај трошците за домување, вода, струја, горива.

Пораст на трошоците на живот: јуни 2021-јуни 2020

Масла и масти 30,8%

Течни горива 55,4%

Транспорт 9,3%

Ресторани, хотели 6,3%

Здравствена заштита 3,0%

Растат тршоците на живот, но статистиката вели дека расте и просечната нето плата во државата. Во мај годинава таа изнесувала 28.721 денари или 465,5 евра – со раст за 8,8 отсто во споредба со мај лани. Економистите велат дека овој раст на просечната нето плата што се регистрира изминатиот период не може да се објасни само со реален пораст на платата, туку и како резултат на намалување на бројот на вработени со ниски примања.

Од лани ние се соочуваме со зголемување на бројот на граѓани кои останаа без работа, односно без месечни примања поради пандемијата. Сите овие лица излегоа од статистиката на вработени заедно со нивните плати, кои главно се на ниско ниво – односно плати кои се исплаќаат во ниско платени дејности. Главно поради ова, просечната нето плата е во пораст, коментирааат економистите.

Интересно е дека раст на просечната месечна плата има во трудо-интензивните дејности во кои се доминира минималната плата. Па така на пример за 13,1 % во мај се зголемила платата во преработувачката индустрија, за 6,8% во земјоделството, за 8,5% во рударството, а за 12,8% во трговијата. Најголем раст од 29% има кај просечната нето плата во дејностите уметност, забава и рекреација. Иако платата е во пораст – таа не е доволна за да се задоволат основните животни потреби за кои според ССМ се потребни оние 555 евра месечно. Дури 50% од просечната плата се трошат за храна, а скоро 40% за домување – односно сметки за струја , вода и други комуналии. Просечната минимална плата е пониска за 20% во однос на минималната синдикална кошничка, која ги опфаќа трошоците за основните животни потреби.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција