АНАЛИЗА: Платите на вработените во седумте Центри за плански развој – само во Полошкиот се „тајна“?

Од 23.429 денари  до максимални 52.724 нето месечна плата – во овие рамки се движи износот на висината на вработените во Центрите за плански развој во земјава кои се клучна „карика“ за реализација на проектите на локално ниво со цел рамномерен регионален развој, пишува неделната на  „Порталб“.

 

Пишуваат: Анета Додевска и Ардит Рамадани

 

„Порталб“ обебзеди податоци за брoјот на вработени и висината на платите што ги земаат вработените во сите седум Центри, освен за еден, Центарот за развој на полошкиот регион. Се обративме најпрво до надлежните во Центарот за развој на полошкиот регион со прашањето “Кои се вашите капацитети, колку имате вкупно вработени во Вашиот Центар/Полог? Оттаму ни одговорија:

Центарот на Полошкиот Плански Регион има вработени и со договор на дело, ангажирани за спроведување на проектите по потреба!

Иако доставивме дополнително прашање за бројот на вработени, до моментот на објавување на текстот, одговор не добивме.

„Порталб“ достави прашање за бројот на врабтени во Центрите за плански региони и висина на платите на вработени и до Министерството за локална самоуправа. Оттаму ни ги дадоа на увид податоците за седумте центри, освен за Центарот за полошкиот плански регион со образложение дека единствено овој Центар не ги доставил податоците на ресорното министерство, кое патем е еден од изворите на финансисрње на Центрите.

Еве колку вработени има во седумте центри и колкава е висината на платите:

  • Во СЕВЕРОИСТОЧЕН центар за развој на плански региони вработени се 5 луѓе, од кои 1 раководител со нето плата од 48.622,00 МКД и 4 вработени со нето просечна плата од 27.954,00 МКД;
  • Во ЈУГОЗАПАДЕН центар за развој на плански региони вработени се 5 луѓе, од кои 1 раководител со нето плата од 39.270,00 МКД и 4 вработени со нето просечна плата од 28.342,00 МКД;
  • Во ВАРДАРСКИ центар за развој на плански региони вработени се 11 луѓе, од кои 1 раководител со нето плата од 37.500,00 МКД и 10 вработени со нето просечна плата од 23.429,00 МКД;
  • Во СКОПСКИ центар за развој на плански региони вработени се 7 луѓе, од кои 1 раководител со нето плата од 52.724,00 МКД и 6 вработени со нето просечна плата од 29.267,00 МКД;
  • Во ИСТОЧЕН центар за развој на плански региони вработени се 9 луѓе, од кои 1 раководител со нето плата од 43.000,00 МКД и 8 вработени со нето просечна плата од 27.562,00 МКД;
  • Во ПЕЛАГОНИСКИ центар за развој на плански региони вработени се 8 луѓе, од кои 1 раководител со нето плата од 39.896,00 МКД и 7 вработени со нето просечна плата од 29.184,00 МКД;
  • Во ЈУГОИСТОЧЕН центар за развој на плански региони вработени се 7 луѓе, од кои 1 раководител со нето плата од 41.064,00 МКД и 6 вработени со нето просечна плата од 24.032,00 МКД;

Во однос на Центарот за полошкиот плански регион, од Министерството ни одговорија:

Воедно Ве известувам од ПОЛОШКИ центар за развој на плански региони сè уште не ни се пристигнати податоците

Дел од градоначалниците кои ги консултиравме на оваа тема велат дека податоците за бројот на вработени и висината на платите не може и не смее да биде тајна со оглед на тоа што се работи за институции кои се финансираат пред се од државни средства – од централно и од локално ниво.

Овие податоци не смеат да бидат тајна. Еве само како пример, општините плаќаат по 10 денари од жител, односно од општинските буџети по овој основ се префрлуваат пари за финансирање на центрите. Ова се средства на граѓаните кои се влеваат во општинските буџети – вели еден градоначалник.

Дополнително Центрите за планските региони се финансирани и од централно ниво –  преку Министерството за локална самоуправа. Засега останува отворено прашањето колку вработени има во Центарот за полошкиот плански регион и колкави плати се делат.

Со оглед на ваквата состојба, дел од познавачите велат дека потребно е да зајакне системот на контролата врз работата на овие инситуции кои практично законски сега се водат како „правни субјекти“ – односно фирми, но финансирани од парите на граѓаните. Според информациите веќе се подготвуваат сериозни законски измени со кои би се промениле повеќе работи – а меѓу нив посилна контрола, поголема транспарентност, но и измени кои ќе значат промена на сегашниот модел на пресметка на платите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција