АНАЛИЗА: По 34 години независност, дали економијата навистина порасна во Македонија?
Ембарго, приватизации, криминал, економски и финансиски кризи, битка за просечен стандард , битка за повисоки функционерски плати, се подлабок јас меѓу оние кои имаат и оние кои преживуваат.., пишува Порталб.мк, во анализата за економските случувања во изминатите над три децении. За македонската економија стапките на раст на БДП за 4% сеуште се сметаат за “дострел“!
Економската независност преку “очите“ на економистите
Осми септември 1991 година – граѓаните на референдум се изјаснија за иднината на државата – самостојна независна и суверена Република Македонија. Политичката независност го отвори патот и за економска – истата 1991 започнува, а во 1992 година се спроведува и процесот на монетарното осамостојување под водство на тогашната “тројка“: премиерот Никола Кљусев министерот за финансии, Методија Тошевски и гувернерот на НБМ Борко Станоевски. Економското созревање на државата беше проследено со бројни предизвици кои ќе остават траен белег и денеска, 34 години подоцна по независноста.
На 34 години државите ги полагаат испитите по зрелост: веќе не е доволно да преживуваме шокови, треба свесно да избираме насока на развој. Нашата приказна има јасни пресврти – од инфлационите турбуленции и девалвацијата во 1997, преку кризата во 2001 и Охридскиот договор, до Преспа, НАТО и отпочнатиот европски пат. Во меѓувреме, ја изградивме ценовната предвидливост и банкарската стабилност, вели универзитетскиот професор Борче Треновски.
Економијата иако одамна е полнолетна – сè уште се бори со кризи, стабилност на цени, на јавен долг, одржлив трговски дефицит, подобар стандард,
И по речиси 34 години независност, Северна Македонија сè уште не може целосно да се опише како економски созреана држава. Она што недостасува е долгорочна визија и континуитет во реформите, вели професорот Абил Бауш.
Настани и случувања со економски историски „печат“
Воведувањето на денарот како национална валута, пристапот до ЦЕФТА, либерализација на трговијата, почетокот на процесот на евроинтеграциите – ова според економистите се најважните позитивни настани со економски импулс.
Ако погледнеме наназад, има неколку пресврти што ја обликуваа економијата. Во позитивен контекст, најзначајни беа: воведувањето на денарот во 1992 година и стабилизацијата на монетарната политика; пристапот до ЦЕФТА и отворањето кон регионалната трговија; како и инвестициите на странските компании по 2006 година, кои иако со ограничен ефект, сепак ја модернизираа дел од индустриската структура. Позитивен чекор беше и постепената интеграција со европските пазари, која обезбеди стабилен извозен канал, вели професорот Бауш.
Каде чекори економијата – ова е важно прашање од чиј одговор зависи дали ќе успееме да ја запреме “белата чума“ – најголемиот проблем кој како цунами удира во сите пори на општеството, велат аналитичарите.
Останаа прашања што не смеат да се одложуваат: колку се квалитетни работните места и зошто младите заминуваат; колку е концентриран извозот и колку сме подготвени за нови шокови; дали јавниот долг и капиталните инвестиции придонесуваат за растот; дали финансискиот и социјалниот систем испорачуваат вредност за парите, дали имаме зрели институции и политички елити, вели професорот Треновски.
Без политичка стабилност и зрелост – нема ниту економска стабилност, вели економистот Бауш:
Во негативен контекст, пресвртни точки беа економската блокада од Грција во 90-тите, конфликтот во 2001 година кој ја прекина економската стабилност, и глобалната финансиска криза во 2008 што ја покажа ранливоста на економијата. Денес, негативен фактор е и хроничната политичка нестабилност која создава непредвидливост за инвеститорите. Клучниот проблем останува што државата повеќе се потпира на задолжување и краткорочни мерки отколку на структурни реформи, па затоа економската зрелост е повеќе процес отколку реалност.
На 34 та година независност, економијата сеуште “плови“ во немирни води – најава за мега-инвестиции со странски кредити на централно и на локално, историски највисок буџет од 6,5 милијарди евра, јавен долг над 60% од БДП, битка со ценовен притисок, просечна плата што ја „јаде“ инфлацијата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар