АНАЛИЗА: Показатели за првото економско полугодие – трговија, индустрија, градежништво!

 

Пишува: Анета Додевска

 

Недостигот на обучен кадар, слабата побарувачка од купувачите, зголемените трошоци за труд и зголемената конкуренција на пазарот се четирите клучни фактори кои имаат најголемо влијание врз ограничување на економската состојба во фирмите што се занимаваат со трговија на малопренесува анализата на Portalb.mk.  Државната статистика измери пад на индустриското производство во пакет со намалување на бројот на вработени во индустријата во јуни годинава во споредба со истиот месец лани.  Еве што покажуваат податоците за економската активност и состојба во различни сектори:

 

Индустрија  – намалување на број на вработени и на индустриско производство

Во јуни годинава во споредба со истиот месец лани, статистиката регистрираше намалување на бројот на работници во индустријата за 2,8%. Тренд на пад на бројот на вработени има и на годишно ниво а за 1 отсто бројот на работници е намелен од јануари до јуни во споредба со истиот период лани.

Оваа состојба е регистрирана во секторите кои апсорбираат поголем број на вработени, па, така, во преработувачката индустрија во јуни годинава во споредба со јуни лани бројот на вработени е намален за 3%,  во секторот рударство и вадење камен намалувањето изнесува 1,9% а во секторот „снабдување со електрична енергија и гас“ бројот на работници се намалил за 0,5%.

Во индустријата во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, бележи пораст кај капиталните производи за 3.7%, додека опаѓање бележи кај енергијата за 1.3%, интермедијарните производи, освен енергија за 3.5%, трајните производи за широка потрошувачка за 5.0% и нетрајните производи за широка потрошувачка за 5.1% – соопштуваат од Заводот за статистика.

Како претходница на овие показатели, државната статистика објави дека на крајот од првото економско полугодие е измерен индекс на пад на индустриското производство за 2,7% во однос на јуни 2018 година.

Состојба на индустриско производство по сектори (јуни 2019):

Рударство и вадење на камен + 5.2%

Преработувачка индустрија  -6.7%,

Снабдување со ел. енергија, гас + 34.3%

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели:  производство на прехранбени производи, производство на пијалаци,  на тутунски производи, производство на облека,  на кожа, на метали, и производство на компјутерски, електронски и оптички производи – објаснуваат од државната статистика.

Индустриското производство во периодот јануари – јуни 2019 година, во однос на периодот јануари-јуни 2018 година е во раст со 4.8%.

 

Состојба во трговија – довербата на менаџерите се намалува

Менаџерите од трговијата на мало искажеле намалена доверба на крајот од првото економско полугодие. Имено, во второто тромесечје од годинава во однос на првото тромесечје индикаторот на доверба во овој сектор е намален за 0,2 процентни поении, а е зголемен за 0,4 процентни поени во однос на истото тромесечје од 2018 година. 

Eкономската состојба на деловните субјекти во второто тримесечје од 2019 година е понеповолна во однос на претходното тримесечје, а e поповолна во однос на истото тримесечје од 2018 година. Се очекува да биде понеповолна и во наредните две тримесечја. Количеството на залихите е на еднакво ниво како и во претходното тримесечје. Финансиската состојба во второто тримесечје од 2019 година е поповолна во однос на претходното од 2019 година. Оценката за очекуваните порачки за наредниот период е дека ке се намалат, како и за бројот на вработените – објавува државната статистика.

Инаку, во секторот „трговија на мало“ продажните цени во второто тримесечје од 2019 година се зголемени во однос на претходното, а се очекува нивно зголемување и во наредните три месеци. Еве кои фактори имале најголемо влијание врз ограничувањето на економската состојба на фирмите во текот на второто тримесечје од 2019 година:

недостигот на обучен кадар со 21.0 %

слабата побарувачка од купувачите со 20.2 %

зголемени трошоци за труд со 18.4 %

зголемената конкуренција на пазарот со 16,8 %

 

Состојба во градежништво – довербата на менаџерите се зголемува

За разлика од очекувањата и оценките за состојбата во трговијата на мало, во градежништвото според менаџерите од овој сектор, довербата во второто тромесечје за економската состојба во фирмите се зголемува. Имено индикаторот на доверба во второто тримесечје од 2019 година е повисок за 0.2 процентни поени во однос на првото тримесечје од 2019 година, а e повисок за 0.7 процентни поени во однос на истото тримесечје од 2018 година.

Очекувањата за вкупните порачки (договори) за градежни работи се поповолни во однос на претходното тримесечје. Очекувањата за бројот на вработени се дека тој ќе се зголеми. Оценката за економската состојба во второто тримесечје од 2019 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, а е поповолна и во однос на второто тримесечје од 2018 година. Сегашната состојба со порачки (договори) на нивните деловни субјекти е поповолна во однос на претходното тримесечје, а оценката за финансиската состојба е понеповолна – велат од Заводот за статистика.

Во наредниот период, според оценките на менаџерите, се очекува продажните цени во градежништвото да се зголемат, a бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата да се над нормалата. Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: отсуство на побарувачка со 18.5%, зголемени трошоци за материјали со 17.9% недостиг на обучен кадар со 15.6% и конкуренција во сопствениот сектор со 12.0%.

На ниво на целата држава, Бруто домашниот производ во првиот квартал изнесува 4,1% што е една од повисоките стапки на раст измерени во изминатите години.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција