АНАЛИЗА: Полошки регион – дел од жителите сè уште „чекорат“ по земјен пат!

Состојбата на дел од регионалните патни правци не е во согласност не само со барањата за економски развој, туку и со стандардите за безбедно одвивање на сообраќајот. Во Полошкиот плански регион локалната патна мрежа е во лоша состојба – ова е напишано во Програмата за развој на Полошкиот плански регион 2015-2019 -та година. Во документот се наведуваат повеќе стратешки проекти и приоритети кои треба да донесат развој во Полошкиот регион, а со тоа и подобра живеачка што ќе ја почувствуваат жителите од овој дел на земјата. „Порталб“  побара одговори од Центарот за развој на Полошкиот плански регион, кои проекти во изминатите години биле завршени со средства главно обезбедени од државни пари.

 

Пишува: Анета Додевска

 

Од Центарот за развој на Полошкиот плански регион ни одговорија дека во периодот од 2017-та до карјот на 2019-та година на листата се повеќе проекти, а меѓу нив во однос на инфраструктурата се наоѓаат следниве:

  • Реконструкција на локалниот патен правец Тетово-Бродец, (делницата во правец на бањата) 317 000 евра
  • Рехабилитација на локалниот пат од село Сушички мост до депонијата Русино, Општина Гостивар 425 000 евра
  • Реконструкција на локалниот пат с. Јажинце – поврзување со регионалниот патен правец Тетово-Јажинце 75 000 евра
  • Отворање и изградба на алтернативен пат од магистралата Гостивар – Кичево до депонијата Русино, Општина Гостивар 74 000 евра
  • Основен проект за реконструкција и рехабилитација на патниот правец 1 во с. Милетино 79 000 евра.

Порталб“ од Центарот за развој на Полошкиот регион побара увид во стратешкиот документ „Програма за развој на Полошкиот регион“ што ги дефинира приоритетните проекти, со цел да направи компарација на она што било посочено како приоритетен проект и  состојбата на терен. Оттаму не ни го доставија на увид.

Кратко одговорија:

Последната Стратегија за развој на Полошкиот Плански Регион е: Програма за развој на Полошкиот Плански Регион 2015-2019 која е изготвена вклучувајќи ги сите најважни страни во регионот, општините: Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Желино, Јегуновце, Маврово – Ростуше, Теарце, Тетово како и бизнис секторот, НВО, и др. Во тек е изготвувањето на Програмата за развој на Полошкиот Плански Регион 2020-2024.

Сепак, „Порталб“ извши увид во Програмата за развој на Полошкиот плански регион во која се нотираат повеќе регионални и магистрални патишта, како приоритетни за изградба, а дел од нив иако се зацртани програмски до 2019-та година, не е исклучено дека ќе се најдат и во новата Програма за следните 4 години. Во сегашната Програма 2015-2019 се наведува следново како приритет во инфраструктурата:

Модернизација на постоечката мрежа на „А“ патишта и изградба на нови (главни магистрали), потоа „А2“ Делница која ги опфаќа Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево,  Гостивар – Дебар. Модернизирање на постоечките и изградба на нови регионални патишта :  Тетово- Јажинце,  Тетово-Пирок-Гостивар, Тетово – Попова Шапка, Тетово Брвеница-Чегране-Гостивар, Пршовце-Јегуновце-Радуша, Маврови Анови- Маврово, Желино-Шемшово-Јегуновце. Модернизација на постојните и изградба на нови локални патишта.

Токму локланите патишта кои учествувата дури со 82% во структурата на патиштата во Полошкиот регион се „најпроблематични“ и чекаат изградба, рехабилитација и реконструкција. Во Полошкиот регион , според податоците од Програмата сè уште има делови во кои се функционира буквално по земјен пат, а тоа се: Србиново – Папрадиште – Туин (Осломеј, Кичево), Јегуновце – Долно Орашје – Радуша, Галичник – Селце – Лазарополе – Гари.

Податоците за Полошкиот регион во однос на квалитетот на локалните патишта не се оптимистички: 56% се асфалтирани, 14% се земјени, 11 се поплочени со макадам, 10% се водат како непросечни локлани патишта, а 9% се со коцка.

Во последните неколку години со користење на сопствени средства, како и средствата од Министерството за транспорт и врски дел од локалните патишта се реконструирани и надоградени (4,5%) – се наведува во Програмата за развој на Полошкиот регион.

 

Дали жителите на Полошкиот регион ги почуствуваа ефектите од досегашните проекти?

 

„Порталб” упати прашање до Центарот за развој на Полошкиот регион: „Која е вашата улога во досегашниот развој од економски, инфраструктурен и туристички аспект во овој регион?“

Кратко ни одгворија:

Центарот на Полошкиот Плански Регион го стимулира економскиот развој преку создавање на основна инфраструктура, исто така преку управување со водата за пиење, управувањето со отпадни води и со тврд отпадок на регионално ниво

Локланите власти во Полошкиот регион, кои заеднички ги дефинираат приритетните проекти, според Програмата, се обврзале  дека ќе ги интензивираат активностите и ќе ја зголемат поддршката  во подготовка на техничка документација на урбанистички планови за населени и воннаселени места со цел да се подобри патната инфраструктура. За годинава предвидена е само рехабилитација на локалниот пат од село Сушички мост до депонијата Русино, Општина Гостивар – трета фаза за што ќе се потрошат 404 000 евра, како и изработка на Урабнистички планови во Врапчиште и во Боговиње.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција