АНАЛИЗА: Предвремените избори – решение за политичка криза, или вовед во нова економска?

 

Длабински реформи во судството, републички просек на плата од 500 евра, подобар стандард, посилна економија, враќање на средната класа, одржливи и применливи закони, реформи во медиумите – долга е листата на приоритети што Владата предводена од премерот Зоран Заев ги постави и пред себе и пред граѓаните, пишува неделната анализа на Порталб. По бриселското „Не“ за датум за пристапни преговори, дел од економистите сметаат дека ни претстои нова фаза на неизвесност, можен застој во реформските процеси, но и воздржана активност на инвеститорите. 

 

Пишува: Анета Додевска

 

БРОЈКИТЕ ОПТИМИСТИЧКИ, ОЧЕКУВАЊАТА РЕЗЕРВИРАНИ …

Раст на просечната нето плата во август во споредба со истиот месец лани за 3,8%, проекции за зголемен економски раст и од страна на домашните и од страна на меѓународните институции, стапка на невработеност која се спушти на историски најниско ниво од 17,5%, раст на индустриско производство, зголемен извоз. Статистиката дава охрабрувачки податоци за економските трендови во година во која власта најави големи економски придвижувања.

Овие прогнози, приоритети и проекции беа поткрепени и со надежите дека Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО но и дека ќе добиеме датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Членството во НАТО ќе се оствари, но француското „Не“ ги потопи надежите и донесе големо разочарување – не само во политичките туку и во бизнис ешалоните. Ваквата разврска, според економистите не може а да не одрази и во економијата.

Одредено негативно влијание ќе има секако, особено кај инвеститорите, и домашните и странските. Бизнисот бара сигурна средина, а таква сигурност се гледаше во почетокот на преговори со ЕУ што секако го правеше поизвесен патот по којшто ќе чекори и ќе се развива земјата. Многу е важно набрзо да се дознае реалната ЕУ перспектива на земјата – дали одложувањето е само привремено или ЕУ сака да нè смести во некоја група земји кои никогаш нема да станат членки, но ќе гравитираат околу Унијата. Тоа би значело и сосема нова стратегија за перспективите на земјата, што би имало големо влијание врз економијата. Може еден дел од негативното влијание да се компензира со позитивното влијание од членството во НАТО, но сепак властите мораат веднаш да му пристапат на ова прашање кое, очекувам, дека ќе биде едно и од најважните во предизборниот натпревар – вели за Порталб, аналитичарот Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Бриселската разврска  донесе предвремени парламентарни избори – нов изборен циклус кој неминовно ќе се одрази врз економијата, коментираат економистите.

Последните петнаесетина години навикнавме на предвремени парламентарни избори, и, поради тоа  немаме доволно сознанија колку од тие политики би се реализирале доколку една владејачка гарнитура истурка цел мандат. Во суштина, нашите Влади и нема што многу да направат во поглед на економскиот раст и развој, доколку се имаат  предвид буџетските ограничувања. И тие малку средства што се издвојуваат за капитални инвестиции не успеваат да се реализираат, што поради сложените тендерски процедури, но и поради  неспособноста за подготовка на квалитетни проекти, кои би биле во функција на економскиот развој – вели за Порталб, професорот Сами Бислими.

Тој додава дека изборниот циклус, кој секако ќе се спроведеше до година, ќе донесе нов „застој“ во реформите и нова неизвесност кај приватниот сектор, кој во вакви ситуации вообичаено апстинира од вложувања, развој, нови вработувања. 

Самиот факт што Владата се одлучи на предвремени парламентарни избори, значи, дека Владата се определила реформите да ги стави на втор план и борбата да ја сведе на „лов“ на политички поени, зголемување на поддршката, преку популистички мерки кои немаат реална економска основа (најавата за зголемување на платите на јавната администрација, во здравството, најавата за зголемување на пензиите, разни социјални пакети и слично). Економски е очекувано дека  зголемувањето на платите ќе предизвика  зголемување на  куповната моќ на граѓаните и ќе ја поткине агрегатната побарувачка, но во услови на недоволна домашна понуда, единствено ќе го поттикне увозот. Сумирано, во изборен период не може да се очекува спроведување на долго најавуваните реформи, не може да се очекува позначаен економски раст и развој, а уште помалку привлекување на странските инвеститори и реализација на проектираните инвестициони вложувања – вели професорот Бислими.

Не само за компаниите, туку и за граѓаните, изборниот циклус носи неизвесност и затоа во вакви периоди се забележува воздржана потрошувачка – сметаат економистите.

Изборите секако дека ќе влијаат со извесно забавување на економијата кое вообичаено трае од моментот кога ќе се објават, сè до првите месеци од формирањето на новата влада. Ова неминовно води кон намалување на економскиот раст на земјата поради што, во случајов, ќе бидат погодени планираните стапки и за оваа и за следната година, бидејќи изборите се веќе најавени. Негативниот ефект во оваа смисла ќе трае и во цела прва половина од следната година. Бизнисите во ваков период се воздржуваат од инвестирање и проширување, но исто така и граѓаните – од трошење – вели Филков.

Како претходница, 100 дена пред предвремените избори,  ќе се формира техничка влада по Договорот од Пржино на чело со технички премиер.  Според тој договор Министерството за внатрешни работи, значајно од политички аспект и Министерството за труд и социјална политика, значајно од финансиски аспект, ќе го водат технички министри  од опозицијата. На чело на Владата ќе застане и технички премиер.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција